Признавање

26.06.2020 15:45
Признавање

Моето име е Слободан и јас понизно признавам.

Ги признавам нормите, правилата, ја признавам реалноста и ѝ признавам на моќта. Морам, така е кажано. Иако тие не дишат, посилни се од мене еден, сам. Сепак, највисокиот суд кој одлучува е тој на моето битие. Тој ми суди. Тој ме распнува пред себе и светот. А јас - јас попусто барам правда.

„Ако ги предомислам моите принципи можеби ќе ми биде полесно“, знам, но тоа е полесно да се рече отколку да се направи. „Ако се покорам барем ќе можам да се одморам малку.“ Да уживам во пропагандната порака која е секогаш на време - затоа што времето е пари, а секој сака да продаде нешто.

Луѓето како мене, ние само сакаме да припаѓаме. Јас, ха, јас највеќе сакам да останам едно со мојот ум.

Но, ве молам не судете го мојот ум... Тој не знае за подобро. Мојот мозок со голема уста кој сега удобно седи пред кутијата со точки полни светлина и јаде. Јаде сѐ што ќе излезе од неа. Лакомо џвака. Најголема маана му е што не доџвакува… Голта ли голта. Ретко кога завршува, но тогаш натовен одлучува да оди на прошетка, да се покаже, прејаден, горд.

Излегува надвор и што се случува? Повраќа се на првата улица! А таа, кутрата, извалкана улица мисли дека има што да му понуди: весникот со новости за еден квази свет за тој малку да си ја избрише устата, да се зачисти. Сепак, нели тој знае за што служи рециклираната хартија? На крајот на краиштата, тоа никогаш не било сметано за „фејк њуз“.

А тој што прави? Решил да се обвитка со неа како скап подарок. Кога ќе го отворам, знам што ќе најдам внатре. Пивтиеста каша недоварено Г*М*О.

Ми се смачува од помислата. Ми станува лошо со оваа очекувана депресија.

Не смеам да останам во овој неред. Имам план. Мојот ум ми ја распостила шемата која го прикажува патот кон припаѓањето. Само треба да ја следам процедурата. Така, се враќам во својата кутија, седнувам пред мојот телевизор со неселектирана содржина, зад непроверениот весник, врз мојата лошо преведена книга. Зашто сакам да ѝ припаднам на толпата на која истите ѝ се сервирани. Се обидувам да си олеснам со закуска од тешко заработениот купус кој треба да ме протурка низ зимата, скиселениот на климата (која понекогаш се надевам нанадвор дува свеж воздух)... „Ова ќе ми го смири стомакот“, си мислам.

Седам, тврдоглаво не го менувам каналот и јадам. Зашто? Затоа што не сакам да снемам избор! Умот ми јаде со уште побрзо темпо, повторно лакомо џвака…

Но, доцна е за искупување… Доцна е за поврат… Повратив на подот.
Сега навистина смрди. Ќе морам да си ја зачистам својата кутија. Но, чија лакома уста да ја избришам најпрвин?

„Ете“, си мислам, „Ми суди моето битие“.

Молчам, ја чистам мојата кутија и му признавам.

ОкоБоли главаВицФото