Културолошките причини за коронавирусот

27.06.2020 15:40
Културолошките причини за коронавирусот

Новиот коронавирус доби и свое официјално име „КОВИД-19“, а требаше да поминат неколку месеци додека се случи тоа. Геномот на вирусот е секвенциран две недели откако се појави, но ни многу подоцна не знаевме како да го наречеме, ниту него ниту болеста што ја предизвикува.

Во првиот период се зборуваше за „пневмонијата од Вухан“, според градот во средна Кина, каде се откриени првите заразени луѓе. Но препораките на Светската здравствена организација, која и крсти болеста КОВИД-19, се дека по секоја цена треба да се избегнува давање имиња на болестите според места или луѓе. Тоа е обид да се избегнат „несаканите негативни последици до кои може да дојде доколку се стигматизираат одредени заедници“.

На крајот на јануари, годинава, еден австралиски таблоид во сопственост на Руперт Мердок, на насловната страница објави црвена маска и напиша со големи букви: „Пандамониум на кинескиот вирус“. Инсистирање на зборот „панда“ било впечатливо, така што не станува збор за печатна грешка. Еден кинески студент од Мелбурн, во друг весник, напиша протестно писмо под наслов „Вирусот не е кинески“.

Се разбира дека вирусот не е кинески, дури и ако причината и неговиот носител може да се следи сè до една пештера во Кина; се разбира дека ниту болеста што ја предизвикува вирусот не е кинеска.

Но епидемиите, што и да мислиме за тоа, често имаат социјална или политичка позадина.

Два културолошки фактори можат да објаснат како природното појавување на вирусот во еден цицач се претвори во глобална здравствена криза. За почеток, еве го контровезниот дел од оваа дискусија: и двата фактори се суштински, иако не и исклучиво кинески.

Првиот фактор е долгата и неславна историја на убивање на гласникот во Кина.

Лекарот, кој на социјалните мрежи, прв предупреди на опасноста за епидемија, бил предупреден од полицијата да не шири паника. Неодамна почина инфициран од вирусот.

Епидемијата на САРС, која ја предизвика еден друг коронавирус и која се појави во јужна Кина, на крајот на 2002 година, долго време, речиси цел месец била криена. А хирургот кој прв го вклучил алармот, 45 дена помина во воен затвор.

Во 2008 година се појави нов скандал. Формулата за бебиња била загадена, бидејќи еден голем произведувач во млекото во прав додавал меламин. Четири години подоцна, свиркачот кој прв укажал на тој проблем беше избоден до смрт.

Праксата на казнување на оној што ја открива несаканата вистина трае уште од времето на Конфучие.
Мудрецот зел страница од едно уште постаро писание „Класика на поезијата“ (позната и како „Книга на песни“), колекција стихови собирани од десеттиот век п.н.е. или дури и порано, и врз тие основи осмислил едно правило: „Ако сакаш да го покажеш патот, прво чувај се себе“. Ова можеби звучи невино додека не почнете да размислувате за судбината на еден од омилените ученици на Конфучие, Чи Лу, познат и како Џунг Ју: тој бил убиен кога разоткрил еден узурпатор во феудалната борба за превласт.

Во третиот век, оваа максима добила уште поцинично значење, во есејот за судбината од филозофот Ли Канг: „Дрвото што расте повисоко од шумата ќе биде на удар на невремето“. Ова подоцна било преточено во помодерна верзија: „Во ловот ќе страда онаа птица што прва ќе си ја покаже главата“.

Јасно е дека некои кинески владетели сакале поданиците искрено да им кажуваат за проблемите – но само за одредени проблеми и не премногу често.

Казнувањето на луѓето што ја кажуваат вистината не е изум на модерна, комунистичка Кина, иако партијата можеби ја усовршила таа пракса, која била стандардна за кинеските владетели повеќе од два милениуми и значела воспоставување на стабилност. Но сега, замолчувањето на гласникот всушност помогнало да се рашири вирусот Ковид-19.

Вториот културолошки фактор кој ја обележа оваа епидемија се традиционалните кинески верувања за моќта на одредени производи, кои охрабруваат опасни навики. Пред сè, постои еден аспект на културата на исхрана во Кина кој се нарекува „ѓинбу“, што отприлика значи „да се наполни дупката“. Некои од тие навики се дел од фолклорот или се сметаат за езотерични. Тој концепт е широко распостранет меѓу Кинезите, дури и меѓу оние кои не се сметаат себе за традиционалисти или езотерици.

Оваа холистичка теорија наметнува верување дека е подобро болеста да се лечи со храна отколку со лекови. Болестите настануваат кога организмот останува без крв или енергија –но не крвта и енергијата што ги проучуваат биологијата или физиката, туку некоја мистична верзија.

Што се однесува до мажите, за нив е најважно да ја наполнат енергетската празнина, што веднаш доведува до прашањето на сексот; за жените, акцентот е на замена на крвта што доведува до зголемување на убавината и плодноста. Ретките растенија и дивите животни се оние кои носат најмногу енергија, особено ако се јадат сурови или свежи. Според ова верување, особено во зима на телото му е потребно повеќе „ѓинбу“ храна. (Дали тоа можеби објаснува зошто и САРС и овој нов коронавирус се појавија токму во зима?)

Оние кои веруваат во „ѓинбу“ ја следат и оваа изрека: „Деловите на телото ги зајакнуваат продукти кои се со ист облик и имаат иста функција“. Следбениците на оваа теорија имаат список на егзотични продукти, чијшто метод за набавување и подготвување е многу брутален и премногу грозен за овде да се опишува.

Сум видел разни змии и пениси од бикови или коњи – благотворни за мажите, според оваа теорија – на менијата на ресторани во јужна Кина. Лилјаците, кои веројатно биле оригиналниот извор на коронавирусот и на САРС, наводно се добри за видот – особено гранули од нивниот измет, кои често романтично се нарекуваат „бисери со ноќен сјај“. Жолчни кеси се земаат од живи мечки за да се излечи или спречи жолтица; коските од тигар се добри за ерекција итн.

Многу пообичен, но не помалку популарен извор е малото четвороножното животно што личи на мачка, (азиски цивет), кој веројатно го пренел на луѓето вирусот САРС. Се верува дека ако го сварите со месо од змија нема да страдате од несоница.

Посиромашните пак се вртат кон месото од куче, и тоа треба да биде гонето пред да се заколе, бидејќи следбениците на „ѓинбу“ веруваат дека повеќе енергија носи крвта на животното чија што енергија била покачена. Слично на ова, се верува дека многу повеќе корист носи животното што било убиено непосредно пред да се јаде. Тоа е причината што на пазарите на егзотични животни во Кина, тие се продаваат живи и тоа ги прави поголеми вектори за пренесување на вирусите.

Конзумирањето на егзотични животни долго време го поддржуваа и лекарите. Верувањето дека е здраво да се јадат вакви животни се проширило низ целата култура на овој народ.

И некои други народи во многу земји јадат егзотично месо. Но само во Кина таа навика влегла во колективната свест.

Ширењето на Ковид-19 е поттикнато од две фундаментални кинески културолошки навики. Тоа не е лесно да се слушне. Но, неопходно е да се истражат сите причини за оваа смроносна епидемија, кои и да се, зашто ако не го направиме тоа, ќе ни се случат и други епидемии.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото