ЕУ река (77): Цртежи за Европа

27.06.2020 16:45
ЕУ река (77): Цртежи за Европа

Проектот „Цртежи за Европа“собра 45 илустратори од целиот континент со цел да се афирмира силата на европската заедништво. Ова се некои од илустраторите на книгата Drawing Europe Together: Forty-five Illustrators, One Europe: Quentin Blake, Claude Dubois, Jim Field, Emily Gravett, Judith Kerr, Oliver Jeffers, Sarah McIntyre, Lydia Monks, Thomas Müller, Chris Riddell...


Коавторот на славната детска серија сликовници со „Груфало“ (Gruffalo), Аксел Шефлер (Axel Scheffler), ги покани водечките илустратори за деца за да создадат поттикнувачки визии за одговорот на Европа на Брегзит.

„Убаво е да имаш можност да направиш малку проевропска пропаганда во време во кое ние, илустраторите за деца, не би требало да молчиме“, вели Шефлер. „Најпосле, правиме книги за децата, кои се нашата иднина, така што имаме одговорност да кажеме нешто.“


Шефлер, кој е роден во Германија и живее во Велика Британија од почетокот на 1980-ите години, вели дека неговиот придонес е одговор на очајот што го чувствувал заради одлуката неговата втора татковина да ја напушти ЕУ.

Тој нагласува дека е критичен кон многу аспекти на ЕУ, но додава: „Силно верувам дека е сосем погрешно да се прекине соработката и чувството за заедништво во Европа и тоа е нешто за кое сакам да зборувам.“


„Исполнет сум со бес, тага и неверување заради сиот овој неред. Овде дојдов како граѓанин на ЕУ за да студирам, зашто тоа беше можно, а повеќе од 35 години ова беше мојот дом. Сега сè е доведено во прашање.“

Уметникот роден во Хамбург соработувал со писателката Џулија Доналдсон на книгите „The Gruffalo“, „Room on the Broom“ и „A Squash and A Squeeze“, покрај другите книги за деца, кои се бестселери. Тој вели дека планирал до крајот на животот да остане во Велика Британија.


Една од највпечатливите слики во збирката е онаа на британскиот илустратор Патрик Џорџ (Patrick George). Насловена „Да се држиме заедно“, прикажува британско дете кое држи балон со хелиум и лебди далеку од своите европски другари, а тие збунето го гледаат.


Една од двете илустрации на Шефлер прикажува буф со сино-жолта боја, како знамето на ЕУ. Илустрацијата ја предложил за нов грб на Унијата. На друга илустрација гледаме група глувци кои над ЕУ држат знаме и балон. Претходно, тој за „Гардијан“ ја изработи илустрацијата „Brusselo“ (Брисело), која предизвика интензивни реакции. Неговата илустрација со сина и жолта верзија на неговиот најпознат лик, Груфало, беше објавена на 23 јуни, 2016 година, денот на референдумот во Велика Британија за членството во ЕУ.


„Имаше прилично непријателски коментари. Како луѓето да се прашуваа: што прави всушност тој овде?“

Но, Шефлер вели дека реакцијата го инспирирала да продолжи со своите дела да ја коментира политичката ситуација. „Никогаш претходно не сум направил вакво нешто“, додава тој. „Како и повеќето илустратори, јас сум интроверт и повеќе сакам да седам покрај работната маса, но сега е време да се зборува“.


На денот кога се одржуваше референдумот, проектот го претстави Маркус Вебер, издавач на книги за деца од издавачката куќа „Moritz Verlag, and Scheffler“. „Сакав да ги соберам нашите илустратори како Европејци кои ќе го покажат патот кон Европската заедница“, рече Вебер.


Не сите илустрации нудат позитивен поглед на ЕУ. Холандско-кинескиот илустратор Те Теонг-Кинг, ја прикажува ЕУ како несигурен аранжман на балансирање и го нарече проектот на ЕУ „обичен сон што не може навистина да се оствари“.

Германскиот илустратор Оле Конецке (Ole Könnecke) изјави дека имал проблем да изработи позитивна илустрација, но употребил пердув за да ја нацрта Европа од грчката митологија. „Најдов пердув и го обликував за да можам да цртам со него... си помислив за сè што птицата мора да видела додека летала над континентот“.


Францускиот илустратор Едуар Мансау (Édouard Manceau) си поигра со буквите на зборот Европа. „Сакав да ја покажам важноста на заедништвото што децата го чувствуваат кога играат“, рече тој. „Тоа е чувство што ние најчесто го губиме како возрасни, но треба да се потсетуваме на тоа во ова време на пресврти.“

Избор и превод: Фросина Крушкаровска

ЕУ река (76): За „идеализацијата на омразата“

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото