Трезвен премиер во ера на недоделкани

29.06.2020 00:50
Трезвен премиер во ера на недоделкани

Марк Руте

Тој сака да доаѓа на работа со велосипед. А ако му се брза, тогаш седнува во својот стар „сааб“, паркиран пред скромниот стан во Хаг. Го плаќа своето кафе и стои во редица како и сите други. На рејв фестивалот танцува со другите посетители. Во ера на недоделкани популисти кои не посветуваат внимание на законите и обичаите, Марк Руте (53), холандскиот премиер и еден од најдолговечните европски лидери, цврсто верува во играње според правилата.

Ретки се оние кои ги изненади изјавата на Руте дека, во согласност со прописите донесени за спречување на ширењето на коронавирусот, не ја посетил својата 96 годишна мајка која беше во старечки дом, неколку недели пред нејзината смрт.

Во тоа време, во Британија сите зборуваа за Доминик Камингс, првиот советник на премиерот Борис Џонсон, кој возеше 420 километри за да ги види родителите за време на карантинот. Јарослав Качински, лидерот на владејачката партија во Полска, одеше на гробишта иако тоа беше забрането. Во Соединетите држави, претседателот Доналд Трамп ширеше лажни обвинувања за убиство, ги омаловажуваше своите ривали, играше голф и доследно одбиваше да носи маска.

Премиерот Руте на 25 мај издаде кратко соопштение. Наведе дека неговата мајка Мике Руте-Дилинг починала пред две недели. Во согласност со холандските прописи, можел да остане со неа последната ноќ, изјавија подоцна од неговиот кабинет. Неколку часови по нејзината смрт, излезе пред новинарите да зборува за коронавирусот и одржа еден состанок.

Постои една изрека која ја опишува холандската култура: „doe maar gewoon“, или „само биди нормален“. Том-Јан Меус, политички колумнист во дневниот весник NRC Handelsblad, објаснува дека оваа изрека ја опишува и личноста на премиерот.

„Тој е старомоден Холанѓанец. Нема тука голема филозофија.“

Руте ја предводи Народната партија за слобода и демократија, партија од десниот центар.

Тој не е женет и не се грижи многу за својот политички имиџ, велат оние што го познаваат.

„Тој е најтрезвениот од сите европски лидери“, вели Дидерик Самсом, поранешен претседател на Лабуристичката партија. „Не поседува многу нешта, апсолутно не го интересираат материјални нешта и буквално живее за својата работа, 24 часа, седум дена во неделата.“

Неговиот здраворазумски пристап во политиката му овозможи и Холандија да ја пренасочи од добро утврдената насока кон држава на благосостојба.

Изборите се одржуваат следниот март, а популарноста на Руте значи дека веројатно ќе освои и четврт четиригодишен мандат.

Ниедна партија нема мнозинство во парламентот, така што компромисот во правењето коалиции е обврска.

Тоа е толку врежано што има и свој термин: „poldermodel“.

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото