Голгаз Таламбас

29.06.2020 18:30
Голгаз Таламбас

Кој е, што е, ствар е ил створ?
Вода, киселина, раствор?!
Отров е или отвор баш
Во друг свет ‒ Голгаз Таламбас?

Кепец е, џин? Мртов ил жив?
Светлина, мрак? Стрелец ил рак?
Ил друг знак? Или е одглас
Голгаз Таламбас?

Модерен Прометеј? Активист, од терен?
Верен, уверен, кон стварта вперен?
Бомбаш, Челик Баш ‒
Голгаз Таламбас?

Херој, бунтовник, отпадник, класа?
За кого гласа? Кој за него би гласал?
Или е ужас и гнаса
Голгаз Таламбас?

На астал седи и небото го потпира ко Атлас?
Или страда од ишијас и носи за кила појас?
За земјата е баласт (и болест?) или баланс,
Голгаз Таламбас?

Средовечен, стар, недоветен, стармал?
Висок, строен, прав, или снискичок и мал?
Каков има стас
Голгаз Таламбас?

Паметен е ил кретен, смотан ил спретен?
Во кој е кластер: лојален ил тастер?
Го мерат ли кантар и тас
Голгаз Таламбас?

Се дотерува, носи манжетни и кравата
Или e згужван ко да го џвакала крава?
Како изгледа анфас
Голгаз Таламбас?

Јак ли е, слаб ли е, жилав ил килав,
Јаде ли трици, зелје, качамак, пилав,
Или цепа строго тесто и колбас
Голгаз Таламбас?

Користи компас? Завршил некој клас?
Седи пред гранап пиејќи квас
Под гас,
Голгаз Таламбас?

Каков има глас? Свири акустична гитара ил бас?
Ќемане, окарина, тарабука, теремин, контрабас?
За музиката на небеските сфери има страст
Голгаз Таламбас?

Родум од Кутмичевица, Кушкундалево, Каракас?
Живее на Зенделбег планина или на Монпарнас?
Или во хотел Палас,
Голгаз Таламбас?

Народен украс (штрас, во вазна?)
Или празна приказна, фрас и соблазна?
Има ли папас? Кој му дава пас
На Голгаз Таламбас?

На право место прави ли тумба
со румба чекор и тулумба
В уста, тој џамбас ‒
Голгаз Таламбас?

Му прета ли в срце кокошкина нога,
Куклица ил црна пануклица му е улогата?
Клица е или бајпас
Голгаз Таламбас?

Ко мит е за комита, иде-гол, огнило за гнило,
Светол лик, светилник, црвенило против црнило?
Ни бран ни вал ни талаз
Не го бијат Таламбас Голгаз?

Кружи ли негде и служи, како се држи,
Со кого се дружи, што може да пружи?
Има ли и друго име, алиас
Голгаз Таламбас?

Се буфта прв или чучи во агол?
Маскиран, соголен, нагол,
Палав, продава басми и чалам,
Гол Талам?

Во каква е форма? Носи униформа
Во фирма, на фарма?! Некого ферма
Или само гази во кас тој ас,
Голгаз Таламбас?

Печали многу или се жали на приходи мали?
На што се пали? За заслуги има ли медали?
Каков го бие глас
Голгаз Таламбас?

Многу земал или ништо во животот нема?
Која му е омилена тема? Има ли трема?
За светот се бори или за себе бара спас
Голгаз Таламбас?

Обичен човек е, уметник, аристократ,
Мустра бечка, Господин или Брат?
Каков е сват
Голгаз Таламбас?

Сноб? Се прави Енглез? А богат е ко Крез?
Можеби е мелез? И се залага за рез и излез
Од овој безизлез? Или е Курназ Атанас
Голгаз Таламбас?!

Или е просто сељак, малограѓански тип?
Црн, син, жолт, црвен, зелен ил зифт?
Или се менува в час
Голгаз Таламбас?!

Важен е или скромен тој феномен?
Заслужува спомен, nomen est omen,
Можеби дури и иконостас,
Голгаз Таламбас?

Склон е кон измами, лаги, измислици,
Јаде сарми, гулаш, лилјаци, кифлици
И ананас, тој Анастас ‒
Голгаз Таламбас?

На Пегаз јава кон Парнас?
Добротвор, злотвор, патер фамилијас?
Или само задрогаз ‒
Таламбас Голгаз?

Што ни значи нас
Голгаз Таламбас?

Слики: Felicia Chiao

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото