Зелените оази во Келн

30.06.2020 10:44
Зелените оази во Келн

Извор: Дојче веле

Келн нема само извонредна положба на реката Рајна, што придонесува постојано да се создаваат благопријатни ветрови. Најголемиот град во Рајнската област е опкружен од километри долги зелени појаси, но и од безбројни паркови среде и помеѓу градските квартови. Уште кога не бил толку голем, како во Средниот век, градот не дозволувал да се гради во близината на градските ѕидини. Остатоци од градските ѕидини, како тврдини, кули и порти, уште постојат и во централното подрачје на градот. Во поновата историја, во која постојано се менувале воените власти во Рајнската област, плански бил изграден широк надворешен и внатрешен зелен појас од шуми како одбранбен штит, со мноштво тврдини и армиски пунктови. Зелениот појас се протегал долж двата брега на Рајна - леворајнскиот и деснорајнскиот. Тој појас по Првата светска војна, поточно, по Версајскиот мировен договор, го изгубил воениот, одбранбен карактер. Тогашниот мудар градоначалник на Келн, Конрад Аденауер, роден во градот на Рајна, имал визија од напуштениот внатрешен и надворешен зелен појас, околу и во градот, да настанат паркови, излетнички места, спортски терени, езера и канали.

Во следните децении континуирано се градат денес прочуените, омилени паркови и излетнички места, распространети низ различни келнски квартови. Во Келн има дваесет големи, многу познати и многу стари паркови. Најстариот келнски парк, изграден 1827/28, е „Штатгартен“ (Stadtgarten). Во него се пресадени многу дрвја од старата Ботаничка градина, која се наоѓала во близината на Келнската катедрала. На нејзиното место подоцна е изградена Железничката станица во Келн. Неколку години подоцна, 1862-та, почнува изгрдбата на новата Ботаничка градина во келнскиот кварт Рил, каде 1860-та веќе била изградена Зоолошка градина. Ботаничката градина е наречена „Флора“ и поради раскошното здание во стилот на француските замоци, во кое се одгледувале палми, но се одржувале и балови. Таму и ден-денес се одржуваат прослави и свечености. Во Ботаничката градина се одгледуваат на отворено и во оранжерии 10.000 разновидни билки, растенија и цвеќиња. Жителите на келнскиот кварт Рил профитираат и од Зоолошката градина, која е во непосредна близина на Ботаничката градина, а и самата е богата со раскошно зеленило.„Штатгартен“ (Stadtgarten) е најстариот келнски парк, изграден 1827/28 година

Квартовите во западниот дел на Келн - Линдентал, Зилц, Клетенберг и Јинкерсдорф однадвор се окружени со густите шуми на зелениот појас. Низ него се пробива кружната сообраќајница „Милитер-ринг“, чие име потсетува на времето кога тој појас имал воен карактер. Лево и десно од сообраќајната жила на градот, во бескрајните зелените простори се наоѓаат стадиони, тениски игралишта, канали и езера, како и омилени ресторани. И помеѓу самите западни квартови се распослани огромни паркови со детски игралишта. Со идилични мали и големи езера, како „Декштајнервајер“ (Decksteiner Weiher) или „Аденауервајер“ (Adenauerweiher). Крај нив минуваат долги алеи за шетачи, под сенката на големите крошни на старите дрвја. Такви се парковите Клетенберг, Бетовен, Декштајн или Штатвалд. Прекрасни канали со дрвореди се „Кларенбахерканал“ и „Раутенштраухканал“ во квартот Линдентал. Среде паркот крај универзитетот, близу Белгискиот кварт, е омиленото езеро „Ахенервајер (Aachener Weiher)", на чиј брег е Музејот на источно-азиската култура. Зелените површини крај ова езерце во лето се преобразуваат во шарени импресионистички слики. На тревниците се собираат на пикник и музика илјадници студенти од келнскиот универзитет.

Зеленилото не е ограничено само на парковите. Во многу келнски квартови се наоѓаат малечки, но и поголеми зелени оази. Скриени се во внатрешноста на старите станбени блокови, затворени од четирите страни. Во многу од нив нема друг пристап, освен преку влезовите во градските куќи. Во таквите големи внатрешни дворови, нема само големи приватни градини, за кои човек не може да поверува дека се среде милионскиот град. Многу станбени блокови имаат вистински стари шуми зад своите ѕидови. Во нив со годините се создаваат вистински биотопи. Таму може да ги здогледате егзотичните, медитерански дрвја крај северните елки и дабови. Стари дрвја на маслинки или дуњи, на мушмули и костени, ве поздравуваат од келнските затворени градини небаре се патници од Југот кои се вљубиле во Северот. И останале таму засекогаш! Во една од старите градини на неколку градски куќи во близината на улицата во која живеам, во квартот Линдентал, секоја пролет им се восхитувам на растенијата и цвеќињата што ги паметам од детството во Скопје. Таму, крај лавандата и розмаринот, растат и здравецот и перуниките, картопот и хортензиите, но и криновите што растеа и во бавчата на мајка ми. Стари сорти цвеќиња, како и прастари, огромни грмушки од јорговани во мај ги преобразуваат градините пред куќите во рајски градини. Меѓутоа, станарите се грижат и за секое парче земја во тротоарите. Во квадратите околу стеблата на дрвајата на тротоарите, станарите самите садат лаванда, перуники или сончогледи.Ботаничката градина „Флора“

Градот Келн со огромна грижа и внимание го негува зеленилото. Секоја есен во парковите работниците од службата за одржување на зеленилото со денови ги проверуваат старите дрвја и ги сечат трошните, исушени гранки. Детското игралиште пред куќата во која живееме во Линдентал, го закрилуваат огромните крошни на неколку стари даба, чии дебели стебла имаат паметење од неколку века. Никому не му паѓа на ум да ги исече, затоа што се многу стари и разгранети. Квартот Линдентал ( Lindenthal), долината на липите, останува верен на своето име и со тоа што го потенцира зелениот имиџ. Улиците се оградени со дрвореди од стари липи. На местото на секоја исечена липа се сади нова. Во големата внатрешна шума од липи пред нашиот балкон, минатата недела воздухот буквално се капеше во благата миризба на липата. Во февруари, кога гранките на старите липи уште беа голи, три дена двајца алпинисти, заштитени со јаже, се качуваа до врвот на секое дрво. И ја проверуваа секоја гранка, дали е жилава и здрава, или веќе трошна и кршлива. Стоев на балконот и го посматрав тој чудесен „медицински“ преглед на дрвјата.

Во од четири страни заштитените дворови во Келн, се создаде вистински рај не само за билките, туку и за многу животни и птици. Во зелениот густеж преку ден се слуша песната на многубројни птици. Во шумата од секакви дрвја во нашиот двор го слушаме често клукајдрвецот и славејот. На небото неретко кружат соколи, кои живеат во блискиот парк. Неодамна пред нашиот балкон прелета голема сојка и слета во тревникот под липата. Диви папагали прелетуваат во јата од еден станбен блок до друг. Во келнските зелени градски дворови живеат и многу верверички. Некои од соседите им врзаа јажиња од дрво-на-дрво, за да можат од своите балкони да ја набљудуваат играта на верверичките. Децата на соседите во зимата им оставаа на двете верверички ореви во длабнатината од стеблото на една цреша, врз која верверичките милуваат да се качуваат. Во германските градини луѓето поставуваат куќарки за гнездење на птиците. А во зимата за нив закачуваат на дрвјата жито и зрнеста храна, во вид на малечки мрежести топки. Парк „Декштајнервајер“ (Decksteiner Weiher)

Секако, сево ова не е возможно без постојаната грижа на градската управа за зелените бели дробови на милионскиот град Келн. Урбанистичкиот план се придржува на истите принципи во заштитата на зеленилото. На пример, во квартот Линдентал речиси нема многукатници. Тие неколку се изградени во седумдесеттите години на минатиот век. Најголемиот број градби во овој кварт не се повисоки од три-четири ката. Сите градски куќи имаат градини пред влезот или во внатрешниот двор. Куќите во пролет и лето се потонати во зелено море. Стан со голем сончев балкон, но, уште повеќе, со голема градина среде Келн се најпосакувани особено во старите квартови околу универзитетскиот комплекс и универзитетската клиника. Секако, омилени се и квартовите во јужниот дел на Келн, во близината на Рајна.

Од почетокот на март до крајот на септември во Германија е забрането да се кастрат зелените огради, грмушките и дрвјата, затоа што во тоа време птиците градат гнезда. Тоа важи не само за јавните паркови, туку и за приватните градини. Никој не смее да исече по своја волја дрво ниту во приватната градина, туку само ако дрвото е трошно и се заканува да се скрши. Дрвјата и зеленилото се заштитени со закон. Затоа не смее да се гради во близината на големите паркови. Овој однос кон зеленилото во Келн, остава секојдневно впечаток за неговите жители дека тие живеат во огромна градина.

ОкоБоли главаВицФото