Војна на световите

01.07.2020 00:14
Војна на световите

Орсон Велс

Тој 30 октомври 1938 година, во Ноќта на вештерките, американската радио станица Си Би Ес емитуваше директен пренос од инвазија на Марсовци на Земјата. Стануваше збор за радио драмата „Војна на световите“ која ја режираше 23 годишниот глумец и продуцент Орсон Велс, но која толку верно прикажа напад на вонземјаните на Њујорк, што предизвика дотогаш незабележана масовна паника ширум САД.

„Војна на световите“ настана според романот на англискиот писател Херберт Џорџ Велс. Содржината на драмата е мошне уверлива, директниот радио пренос на инвазијата се интензивира како што наближуваат Марсовците, а САД со нив влегуваат во војна.

Емисијата почнува со Орсон Велс кој зборува дека вонземјаните нѐ набљудуваат, но тој набрзо е прекинат и следат кратки вести за прогнозата, па малку популарна музика од некој њујоршки хотел. Следна е веста за необичните спектроскопски експлозии на планетата Марс видени од опсерваторијата во Чикаго и за некаков гас кој со голема брзина се движи од Марс кон Земјата. Програмата продолжува со музика.

Набрзо следи нова информација - сите американски опсерватории добиле наредба да ги следат евентуалните нови случувања, а наскоро своето гледиште ќе го изнесе и славниот астроном, професорот Пирсон (Орсон Велс) кого на Принстон го посети репортер на Си Би Ес. До тогаш - музика!

Професорот Пирсон во изјавата за Си Би Ес вели дека не верува во интелигентен живот на Марс но не може да ги објасни ерупциите со гасови и актуелните случувања кои сега веќе ги алармираа сите светски опсерватории. Додека му дава изјава на репортерот, на професорот му пристигнува порака од Њујоршкиот природонаучен музеј дека еден поголем метеорит паднал во Њу Џерси, на фарма во Гроверс Мил, и направил кратер.

Орсон Велс одговара на прашања на новинари

Секако, професорот Пирсон смета дека тоа е коинциденција и дека нема врска со случувањата на Марс, но сепак тргнува со репортерот кон кратерот. Таму репортерот известува за хаос, стотици автомобили и многу полиција, а наведува дека објектот што паднал не е метеорит туку некаков цилиндер со должина од околу 30-тина метри. Во следниот момент цилиндерот се отвора, се слушаат повици и метеж, а репортерот во шок неповрзано ги опишува суштествата кои излегуваат од цилиндерот. Се обидува да заземе подобра положба, а до тогаш - музика.

Пристигнува уште полиција, се слушаат сирени, а потоа репортерот пријавува дека светкаат чудни зраци. Луѓето врескаат и програмата се прекинува. Нов прилог во емисијата: астрономите собрани на некој банкет заклучуваат дека на Марс сѐ е под контрола. Музика, па вест за шест мртви во Гроверс Мил.

Во овој момент меѓу слушателите на радио драмата се крева паника. Додека некои од нив итаат кон Гроверс Мил за лично да видат за што се работи, други бегаат подалеку од Њу Џерси. Во програмата на Си Би Ес професорот Пирсон дава изјава дека не знае ништо за потеклото на чудните суштества, но зборува за нивното убиствено оружје кое емитува врели светлосни зраци.

Вонземјаните доаѓаат, убиваат и рушат. Секретарот за внатрешни работи одржува драматичен говор во кој ги повикува граѓаните да останат мирни но да му се спротивстават на непријателот. Извештаите се нижат еден по друг. Наоколу има црн гас кој го испуштаат вонземјаните, а луѓето вклучени во програмата во живо умираат отруени.

Видени се и други вселенски бродови, а вонземјаните сега веќе наближуваат кон Њујорк од кој за два часа се евакуирани два милиони луѓе. Војската и артилеријата се уништени, комуникациите не функционираат. На врвот на зградата на станицата Си Би Ес во Њујорк е известувачот кој опишува како вонземјаните поминуваат низ градот, блок по блок, додека луѓето околу нив, покосени од отровниот гас, паѓаат како муви. Потоа умира и репортерот.

Радио драмата „Војна на световите“ 

И најпосле - крај на драмата: следува информација дека слушателите имаа прилика да ја слушнат драматизацијата на „Војна на световите.“

По оваа кулминација, Орсон Велс во улогата на славниот професор Пирсон, можеби последниот преживеан, ја завршува радио драмата со приказна за настаните што следат - барајќи преживеани луѓе, меѓу рушевините во Њујорк открива дека Марсовците изумреле зашто не се имуни на микробите на земјата.

Додека траеше драмата многу жители на Њујорк и околината бегаа во паника, за да се спасат од Марсовците и нивниот црн чад чија смрдеа, тврдат, ја почувствувале. Други пак забележале блесок на небото и вонземјани. Паниката не се смируваше долго, а печатот продолжи да извесува за радио драмата во деновите што следеа.

Подоцна, Орсон Велс одговарајќи на прашања на новинарите се обидуваше да објасни дека не можел да претпостави дека емисијата ќе предизвика толкава паника.

Но, слушателите на радиото, тогаш уште релативно нов медиум, не беа навикнати на радио драми, а особено на оние кои верно ја имитираат реалноста, без разлика колку таа е неверојатна. Инаку, на самиот почеток на емисијата беше кажано дека се работи за драмата „Војна на световите“, но очигледно многу слушатели не ја следеле емисијата од почетокот, а некои ја занемариле информацијата после толку уверливата претстава.

Следниот месец за „Војна на световите“ се објавени повеќе од 12 000 новинарски статии. Проценето е дека околу половина од повеќе од шесте милиони слушатели биле мошне исплашени заради она што го слушнале во Ноќта на вештерките на Си Би Ес, но, Орсон Велс избегна казна. Си Би Ес доби забрана во драмски цели да се користат изјави како: „ја прекинуваме програмата заради важно известување“.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото