Започна 15. издание на АКТО - фестивал за современи уметности

01.07.2020 11:14
Започна 15. издание на АКТО - фестивал за современи уметности

Со изработка на мурал на фасадата на киното „Партизан“ во Битола се отвора годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) .

Автори на муралот се КУРС колективот од Белград , изработката на муралот е во продукција на ФР~У во партнерство со Народен Театар Битола.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои деновиве се изработуваат во уште 6 други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.

Покрај во Битола, во периодот што следува, муралите се сликаат во следните градови:

Скопје
Дом на Култура Ченто
СОЛИДАРНОСТА Е ТЕМЕЛ НА ИДНИНАТА
Автор: Владимир Милиќ во партнерство со Културно Ехо Скопје и Општина Гази баба

Гевгелија
ФИЗИЧКА ДИСТАНЦА, СОЦИЈАЛНА БЛИСКОСТ / КОМШИЈАТА И ВО АРНО И ВО ЛОШО/
Автор: Миле Ничевски во соработка со М.Ц и во партнерство со БОШ Фестивал.

Прилеп:
НАПРЕД, САМО БЕЗ ЗАБОРАВАЊЕ!
Автор: Ристо Аврамовски во соработка со Филип Јовановски и Ненад Тонкин
Во партнерство со ЦСЛУ и Јавен Простор - Прилеп

Штип
ЕДНАКВИ ЗАЕДНО ПОСИЛНИ
Авторка: Јана Јакимовска
Во партнерство со Гласен Текстилец - Штип

Велес
СОЛИДАРНОСТ, МОБИЛНОСТ, ИДНИНА
Автор: Давор Кешкец
Во партнерство со Општина Велес

Кочани
СОЛИДАРНОСТА ГО ЈАКНЕ ИМУНИТЕТОТ
Автор: Ненад Тонкин
Во партнерство со Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција - мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно.

Во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е сè уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!

Извадок од концептот на годинешното 15.издание на АКТО Фестивалот за современи уметности

Зборува АКТО!
АКТО зборува петнаесет години!
АКТО зборува во деветнаесет изданија!
АКТО зборува во многу градови во државата но и во странство!
АКТО поврзува, градови, луѓе, приказни, заедници, простори!

Годинава АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира како анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.

За авторите на муралот во Битола:

Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ заедно практикуваат визуелна уметност и истражување како колектив КУРС. Во својата работа тие истражуваат како уметничката практика може да придонесе за (и да стане составен дел) на разни социјални борби. Тие честопати користат архивски материјал како почетна точка, во комбинација со револуционерна поезија / проза и визуелен јазик на прогресивни движења од минатото. Најчесто произведуваат мурали, илустрации и разни печатени материјали (весници, постери, графики). Тие се водени од идејата дека содржината што ја произведуваат треба да биде дидактичка и достапна за пошироката јавност. КУРС се залага за демократизација на средствата за уметничко производство и се стреми да ја вклучи пошироката популација во процесот на создавање и дизајнирање уметнички интервенции. Тие веруваат дека полето на уметноста може и треба да биде дел од политичката борба за поеднакво општество.

АКТО фестивал за современи уметности – ФР~У започна да го организира фестивалот АКТО во 2006 година во Битола, по што АКТО се разви во отпорна, силна и контекстуална платформа за промоција и креирање на интердисциплинарни критички програми и концепти. АКТО е фестивал на современи уметности кој се обидува да ги отвори не само темите кои се важни за моменталната социјално- политичка и уметничка реалност, туку и да стимулира формати на продукција кои ќе ја ‘размрдаат’ состојбата на status quo. Фестивалот се одржува секој август, во Битола, и претставува паралелен настан со субвертирачка и еманципирачка мисија кон настаните кои се организирани од страна на локалните општини и културните институции.

Во 2016 и 2017 година, поради разгорените локални проблеми и потреби, АКТО се ребрендираше во ПОП АП АКТО, привремен концепт за креирање на фестивалот во другите градови во Македонија. Покрај Битола, АКТО досега се организирал во Скопје, Тетово, Штип и Кочани.

Како еден од ретките фестивали за современа уметност во земјава, а единствениот со толкав континуитет, тој годинава се случува по петнаесети пат, а ова е негово деветнаесетто издание, ако се земат предвид неколкуте „екскурзии” на ПОП АП АКТО во Скопје, Штип, Тетово во 2016 година и Кочани во 2017 година.

 

ОкоБоли главаВицФото