Меѓаши: Партиите да ги повлечат спотовите со деца

01.07.2020 14:46
Меѓаши: Партиите да ги повлечат спотовите со деца

Првата детска амбасада Меѓаши упати апел до политичките партии, Основното јавно обвинителство, Државната изборна комисија и медиумите дека децата треба да се третираат сериозно, а не да се користат како инструмент во кампања.

„Крајно сме разочарани и револтирани од неодговорниот однос на сите политички и институционални чинители кон децата и нивните права за време на предизборната кампања. По трет пат апелираме до сите политички партии, до Државната изборна комисија, до Основното јавно обвинителство и до медиумите да го сменат својот однос и покажат дека децата се важни за нив, секој во рамки на своите надлежности“, велат од детската амбасада.

Во текот на вчерашниот ден (30 јуни), Меѓаши до Основното јавно обвинителство (ОЈО) достави информација за инволвирање на децата во политички кампањи и неколкукратно прекршување на нивните права. Во доставената информација дадени се линкови, на конкретни примери на злоупотреба на деца во политичката кампања, на увид на ОЈО, па се очекува Обвинителството соодветно да реагира.

Исто така, во текот на вчерашниот ден, апелирале и до Државната изборна комисија (ДИК) упатувајќи ги нивните согледувања за прекршување на правата на децата во кампањите на политичките партии, како и злоупотребана децата и детскиот свет.

„Како институција што е одговорна за обезбедување услови за демократско и слободно спроведување на целиот процес на предвремените парламентарни избори – од предизборната кампања, се до денот на изборите, очекуваме дека ДИК ќе преземе соодветни мерки кон политичките партии во насока на заштита на правата на детето и најдобриот негов интерес. Од медиумите очекуваме да бидат главни актери во подигнување на свеста за заштита на правата на детето, да отвораат теми и дебати од едукативен и информативен карактер со цел подобро разбирање на тоа што значи злоупотреба на правата на децата во политички кампањи. Ги потсетуваме дека е забрането емитување на политички рекламни спотови во кои се вклучени деца“, велат од Меѓаши.

Оттука порачаа до сите политички партии што учествуваат во изборниот процес, да ги повлечат сите рекламни спотови во кои на кој било начин ги злоупотребуваат децата со цел постигнување политички поени.

„Во ова ги вклучуваме и политичките спотови во кои на експлицитен начин се злоупотребени лични податоци на малолетници – нивни ликови, и политичките спотови во кои е засегнат животот и светот на децата иако отсуствуваат слики и ликови на деца. Без разлика дали децата се појавуваат со свој лик во спотот или само се злоупотребува контекстот на детскиот свет, злоупотребата е еднакво иста и се искористува истата манипулативна техника, а тоа е емоционалната манипулација со чувствата на гласачите кон децата, симбол на иднината на едно општество. И повторно ги повикуваме: со истиот ентузијазам и енергија да пристапувате кон прашањата поврзани со децата и заштита на нивните права во текот на вашите мандати на кое било ниво на власт! Будно го следиме процесот на предизборната кампања и однесувањето на сите чинители во овој процес кон децата и заштитата на нивните права!“, додава Првата детска амбасада.