Мртвиот вирус и мртвиот бог

01.07.2020 16:09
Мртвиот вирус и мртвиот бог

„Зарем навистина веруваш во корона?“ По неколку пати на дневна база го слушам прашањево и сѐ помалку знам што да одговорам. Не заради тоа што се сомневам во присуството и опасноста од смртоносниот вирус, туку затоа што самото прашање е едноставно ужасно. Велам ужасно, не во медицинска или природонаучна, туку во чисто теолошка смисла. Едноставно, вирусот и неговото присуство не се и не може да бидат предмет на „вера“. Може да се верува или да не се верува во Бог – кој е недопирлив за нашите сетила и за мерните инструменти на науката, кој не подлежи на статистички мерења или на каузално изведени заклучоци. Но, да се говори за „вера во постоењето на вирусот“ значи тој да се прогласи за бог (или, во најмала рака, за некаков трансцендентен ентитет). Тоа е идолопоклонство од најпримитивен вид. Зад прашањето за „верувањето“ во тоа дали има корона или не – стои исконската склоност на човековата падната природа кон многубоштво и анимизам. Тварта да се обоготвори, а веднаш потоа и да се прогласи за мртва. Пред некое време на Фејсбук споделив краток коментар со следната содржина:

„КОВИД-19 е мртов (Ниче)“

Славната сентенца на Ниче „Бог е мртов“ во современата христијанска философија често се толкува како отфрлање на лажните, идолопоклонички претстави за Бога и за божественото. Тоа дека патот кон вистинското богопознание води преку усмртувањето на идолите не е ништо ново за православната аскетика. Во оваа смисла, Ниче не се гледа како проповедник на исклучувачкиот атеизм, туку, напротив, како философ кој праобразно ги превртува масите на продавачите во храмот Божји и со камшик ги изгонува од него (сп. Марко 11,15-17). Неговото достоинство се сфаќа како еднакво со достоинството на претхристијанските незнабожечки философи кои го туркале човештвото кон Христа без да имаат јасно и потврдно познание за него.

„Грофот Уголино и синовите во затвор“, молив, темпера и злато

Но, што ќе се добие ако наместо „Бог“ во сентенцата го наведеме името на вирусот и се обидеме да го прочитаме во истиот егзегетски клуч? Наместо под „бог“ да го подразбереме идолот (како што според наведената интерпретација тоа го прави Ниче), ние под „КОВИД-19“ подразбираме – божество. Секако, тоа е зло божество кое на некој чудесен, магичен, ритуален начин треба да се усмрти. Пред него науката и медицината се немоќни, бидејќи и без тоа „не можат“ да ни го потврдат неговото постоење или непостоење на начин што би нѐ задоволил. Критериумите и карактерот на тоа „задоволување“ остануваат обвиткани во непровидна магла. Новогностичката визија за стварноста неселективно продира во клетките на секоја гноса без исклучок, во нив се мултиплицира и, откако ќе ја терминира инфицираната клетка, продолжува неконтролирано да се шири во околното ткиво. Како последица на ваквиот процес, се губат самите услови на можност (Möglichkeitsbedingungen) за постоење на нешто што ќе може да се именува како „вистина“.

Па така, во свеста на новите поклоници на идолот на пост-вистината стои само застрашувачкиот збор – „коронавирус“. И како секоја симулација, тој е дејствен само ако му дозволиме да ја исполни нашата свест. Како некаков зол дух, кој, доколку му се спомува името, може да нѐ опседне и да нѐ однесе во вечна пропаст. Затоа, пандемијата може да се „победи“, имено, на тој начин што ќе ѝ се „проколне“ името. Ритуалното прогласување на КОВИД-19 за мртов – во сите експлицитни и неексплицитни форми – нема допирна точка со монотеистичкото разбирање на стварноста и на односот на нејзиниот Творец и Седржител кон неа.

Данте бега од трите ѕверови, илустрација за „Пеколот“

Пандемијата на КОВИД-19 како ништо до сега успеа да ја разоткрие децениската криза на монотеизмот во светот по модерната. Наместо на синтеза на целокупната стварност во мистеријата на богочовечкото единство, сведоци сме на дуалистичко антагонизирање на Бога и човекот, на верата и знаењето, на религијата и науката, на интуицијата и разумот. Нам ни е веќе тешко да мислиме надвор од ограничувањата што произлегуваат од овие делби, надвор од правилата и категориите наметнати од нив. Можноста да не се заразиме или да се заразиме се сведува на прашањето за нашата лична „вера“ или „неверие“. Сите други фактори се ирелевантни, бидејќи се негира самата сфера од која тие фактори поткнуваат. Истото може да се каже и за игнорантното обезвреднување на духовната и религиозната сфера – двете се поседица на компулсивната потреба стварноста да се расцепи по сите можни основи, небаре во некое од оттргнатите парчиња се сокрила целата вистина. Многуобразниот свет што Бог го создал се затвора во оракуларно произнесеното слово на произволен дискурс апстрахиран од целокупната логосна стварнсот, која, од своја страна, е достојна само да биде потчинета, укината и – прогласена за мртва. Всушност, како што со Ничеовото негирање на Бога не се става крај на религијата, туку само се изобличува припишувањето на божествени атрибути на човечките слабости, така и, обратно, со негирањето на злото тоа воопшто не се искоренува, туку, напротив, само ефикасно се деактивираат благословените механизми за справување со него. Наместо да се распнеме себеси – сосе нашите стравови, идеолошките уверувања, нарцисоидноста, желбата за власт и уште власт – ние театрално приковуваме на крст еден празен збор и се уверуваме дека со тоа сме го избегнале страданието. Нашиот личен крст се осуетува, а она што треба да се распне добива втора шанса, се распламтува и се претвора во пожар неспоредливо поопасен и поразурнувачки од порано. Сепак, ова не е некакво предвидување за тоа како ќе се развива пандемијата во периодот што следи, туку само потсетување на еден фундаментален аскетски принцип што незабележително се избришал од нашата колективна свест:

Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокој; и не наоѓајќи вели: Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов. Па, штом дојде, го наоѓа изметен и уреден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата (Лука 11,24-26).

Смртта на Уголино, илустрација за „Пеколот“

Слики: Вилијам Блејк; циклус: Божествената комедија

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото