Перници

01.07.2020 17:10

Нештата се случуваат на сосема неочекувани начини и се комбинираат на непредвидливи нивоа. Како за време на концертот на современа музика во Лувр. На почетокот беше музиката, непотребна лоша современа врева, спакувана во скап целофан од визуелни ефекти. Публиката не реагираше, да стане во знак на протест и да го напушти музејот; мирно седеше на сините перници расфрлени по подот. Повеќе од час, сѐ до крајот, до ненадејната тишина, чиј интензитет на неколку минути сосема нѐ парализираше од болка. А потоа почнаа да летаат перници, од приземјето, од балконите, од секаде. Меки сини летечки чинии на негодувањето. Рамен син револт. Кружни сини чувства на одненадеж преземената слобода. Сѐ е непоимливо тивко. Сѐ е во slow-motion, освен аеродинамичната живост на перниците што се сретнуваа разминуваа судираа во воздухот, менувајќи си го едни на други правецот и уште во воздухот ја разбиваа човековата преостаната рамнодушност, паѓаа во нечии раце, раце што сакаа да ги фатат, раце што сакаа да ги допрат и повторно да ги фрлат високо во воздухот, во далечината, во некои други раце, во средба со некој или со нешто. Со секоја патека се отвораа нови можности. Тоа беа атоми, беа молекули, беа луѓе. Гневни зачудени ведри тивки луѓе. Се игравме. Нови сини ѕвезди се формираа и вчас се распрнуваа под стаклениот свод на Лувр. Не се сеќавам како сето тоа се смири, како одлучивме перниците да ги спуштиме, да тргнеме кон излезот, како почнавме да се оддалечуваме, секој во некоја своја насока, како перници што тргнуваат на долго патување во ноќта.

Превод: Славе Ѓорѓо Димоски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото