Колку Владата реализираше од ветеното во образование?

02.07.2020 15:15
Колку Владата реализираше од ветеното во образование?

Владата на Република Македонија ќе развива интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемување на економскиот раст и продуктивноста на трудот и ќе ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места. Наша цел е тој да обезбеди поголема општествена интеграција во етничка, регионална, социјална и културолошка смисла, да поттикнува критичко мислење и активно граѓанство.

Со овој пасус почнува поглавјето „Образование за новото време“ во кое се набројани најавените образовни реформи и промени од Програмата на Владата за периодот 2017-2020. Но, три години подоцна, колку навистина се реализираа овие реформи кои требаше системот на образование на Северна Македонија да го прилагодат за „новото време“?
Од најавените промени во основното, средното и високото образование, преку условите за наставниците и вложувањето во науката, па сè до капиталните инвестиции, Радио МОФ направи анализа на тоа што е напишано во програмата со она што е реализирано денес. Она што го утврдија е дека Владата целосно реализирала само две од преку дваесетте ветувања во образованието.

И покрај тоа што мандатот на Владата, со најавените избори, завршува скоро половина година предвреме, сепак нашата анализа утврди дека повеќе од две третини од дадените ветувања во образованието воопшто не се реализирани, или пак се далеку од она што е напишано во програмата.

Во продолжение погледнете ги подетално сите ветувања дадени во Програмата на Владата и оценките на Радио МОФ за нивото на нивната реализација:

Ветување: „Владата ќе води политика за растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование. Ќе ставиме фокус на математичките и јазичните вештини и предмети, важни за развивање на клучните компетенции кај децата. Капиталните инвестиции во образованието, како и анагажирањето на наставен кадар ќе бидат диктирани од потребата за достапно и квалитетно образование на сите деца. Тие инвестиции треба да помогнат во остварување на целта просечниот број на ученици по паралелка да изнесува 25 ученици“.

Со новиот Закон за основно образование, кој стапи на сила во август 2019 година, не беше намален бројот на часови на основците што беше едно од главните ветувањата на Владата. Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, го бранеше ваквото решение со образложение дека македонските ученици до 14 години веќе имаат над 900 часови помалку од нивните врсници во земјите членки на ОЕЦД. Што е еднакво на 1,5 години образование помалку.

Владата во овој мандат не успеа да изработи нов закон за средно образование, па така концепцијата на ова ниво остана неизменета.

Во поглед на бројот на ученици по паралелки се предвиде намалување само во основното образование. Од ограничувањето од 24 до 34 ученици во стариот, на 20 до 30 ученици по паралелка со новиот Закон. Оваа учебна година, статистичките податоци покажуваат дека бројот на ученици по паралелка во споредба со минатата година во основното образование е намален минимално, додека малку поголемо е намалувањето во средното образование. Сепак ова доминантно се должи на намалениот број на ученици запишани во двата степени на образование.

Ветување: Владата ќе предложи укинување на екстерното тестирање како проект што предизика голем револт кај наставниците, а создаде вознемиреност и незадоволство и кај учениците и нивните родители. Екстерното тестирање го девалвира целиот напор и труд на наставниците и на учениците во текот на целата учебна година, а не доведе до зголемен квалитет. Ќе воведеме евалуација и тестирања на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните свидетелства и без казни за наставниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спроведува континуирано. На оние училишта што ќе покажат послаби резултати, ќе им биде дадена помош и поддршка за унапредување на наставата.

Една од првите одлуки на Владата во образование беше укинувањето на екстерното тестирање. Овој процес на еден вид национално стандардизирано оценување започна да се имплементира во учебната 2012/2013 година. Целта на тестирањето беше да се споредат оценките кои ги даваат наставниците со реалното знаење на учениците. Меѓутоа целиот процес беше критикуван поради лошата организација, можните злоупотреби и притисокот кој го предизвикуваше и врз наставниците и врз учениците.

Нов тип на национално оценување не е воведено, а дури во јуни 2020 година Министерството за образование и наука ја донесе Концепцијата за државно тестирање во основното образование, во која првите преттестирања се планирани од 2021 година, а првото главно тестирање да се одржи во 2022 година.

Ветување: Економскиот раст ќе го забрзаме и со инвестиции во науката. Владата ќе формира државен фонд за истражување и развој со кој досегашното буџетско финансирање кое е минимално (0,2% од БДП – петнаесет пати помалку од препораките на стратегијата Европа 2020) ќе го зголемиме за 50% во првиот буџет, со цел на крајот на мандатот Македонија да издвојува помеѓу 1% и 1,5% од БДП за истражување и развој.

Бројките 1 и 1,5% од БДП за наука останаа научна фантастика за Северна Македонија. Последните официјални податоци на меѓународните институции, од 2018 година, покажуваат дека земјава издвојувала 0,36 проценти од Бруто домашниот производ за научни истражувања и развој, што е дури и намалување од 2014 година кога за оваа намена биле издвојувани 0,52 проценти од БДП.

Северна Македонија, кое е на слично ново со Црна Гора, останува една од најлошите земји во регионот по ова прашање, единствено подобри од Босна и Херцеговина. Пред нас е Бугарија со 0,77%, Србија со 0,92%, Хрватска која издвојува скоро 1% и Грција со скоро 1,2% од БДП за истражување и развој, додека апсолутниот лидер во регионот Словенија издвојува скоро 2% од БДП за наука.

За споредба, во Буџетот за 2020 година за наука беа предвидени вкупно 5,6 милиони евра, што е скоро двојно помалку од 2017 година кога за наука биле предвидени скоро 10 милиони евра.

Ветување: Сегашниот опфат на децата од 0-6 години во предучилишно образование, во просек, е само 23%, кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10%. Тоа е недоволно и има негативно влијание врз идниот развој на Република Македонија. Владата ќе го кофинансира секое зголемување на капацитетот на детските градинки во целата држава. Нашата цел е процентот на деца опфатени со предучилишно образование да се зголеми за 50% во период од 4 години. Владата ќе подготви прецизен План за проширување на мрежата на градинки низ Македонија. Со инвестицијата ќе опфатиме реконструкција и изградба на нови градинки, во голем број на урбани и рурални општини, меѓу кои Струга, Ѓорче Петров, Сопиште, Центар, Аеродром, Тетово, Теарце, Гостивар, Лозово, Карбинци, Чаир, Шуто Оризари и други.

Овој владин состав изминативе три години вложи многу напори во подигање на бројот на деца кои посетуваат предучилишно образование, со бројни кампањи и проекти во кои беа вклучени и меѓународни организации.

И иако бројот на деца во предучилишно образование е зголемен последниве три години, од 35 илјади во 2017 на 38 илјади во 2019 година, сепак ветувањето за зголемен опфат за 50% останува далеку од остварен. Според податоците за население од 0-6 години и бројот на деца запишани во градинки, опфатот на деца во предучилишното образование се зголемил од 22% во 2017 на 24,5% во 2019 година.

Неодамна премиерот Оливер Спасовски изјави дека Владата во претходниве три години инвестирала преку 280 милиони денари во 44 градинки и објекти за ран детски развој.

Дополнително обезбедени се средства од Светската банка, преку проект кој ќе се спроведува до 2024 година, за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки во кои ќе можат да се згрижат уште 7.500 деца.

Ветување: Владата ќе воведе задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование. Ова ќе придонесе за изедначување на децата од различните социјални средини, како и за започнување со елементите на воспитниот процес, којшто во изминатите години исчезна од образовниот систем. Децата треба да имаат еднаков пристап до образованието, бидејќи тоа е клучот за нивниот натамошен успех во животот. Овој опфат ќе биде целосно бесплатен за децата во општините кои се подложни на намалување на опулацијата и кои имаат неповолен економски развој.

Освен во програмата на Владата, задолжителното едногодишно предучилишно образование претходниве три години воопшто не постои, ниту како предлог, ниту како тема за дискусија во јавноста.

Ветување: Системот на основно образование во првите 5 години ќе биде само со описно оценување. Дури потоа (следните 4 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување. На тој начин, децата и наставниците ќе се посветат на квалитетот на знаењето, а не на трката по оценки.

Со новиот Закон за високо образование единствената промена е што се овозможи описно оценување на учениците од четврто до шесто одделение на полугодие, но и понатаму остана обврската за бројчани оценки на крајот на годината. Сите останати одредби за начинот на оценување на учениците останаа исти како и во стариот закон.

Ветување: Наместо политика на казни, Владата ќе промовира политика на награди и стимулации. Вработените во најдобрите 5% основни и 10% средни училишта, како и наставници чии ученици ќе освојат награда на градски и државни натпревари, ќе добиваат 20% поголема плата во текот на наредните 12 месеци. Училиштата кои ќе бидат во горните 10% според резултатите што ги постигнуваат во својот образовен квалитет, ќе добијат право на свидетелствата да истакнат дополнителни бодови, како училишта со натпросечни резултати.

Иако оваа Влада заедно со парламентарното мнозинство ги подигна платите во образованието за нешто повеќе од 20 проценти, сепак конкретното ветување за зголемување на платата на вработените во најдобрите училишта и наставниците чии ученици ќе освојат награди на натпревари не е реализирано.

Во Законот за основно образование се предвидени бонуси за наставници и ученици кои ќе добијат награди, но тие се еднократни и најмногу до половина просечна плата за награди на државни натпревари, и најмногу до една просечна плата за меѓународни натпревари.

Ова ветување на Владата никогаш не стигна до некаков предлог за промена на Законот за бирото за развој на образованието, ниту пак воопшто имаше некаква јавна дискусија за потребата од преструктурирање на оваа институција.

Според базата на закони на Министерството за правда, единствената промена во овој владин мандат во Законот за Бирото за развој на образованието е направена во 2018 година. Измената е целосно техничка, и со неа само е додаден еден дополнителен сертификат во листата на сертификати за познавање на англиски јазик кој мора да го имаат директорот и заменик директорот на институцијата.

Ветување: Владата ќе формира Научно-истражувачки центар за талентирани ученици во којшто тие ќе можат да совладуваат дополнителни знаења, ќе се подготвуваат за државни и меѓународни натпревари и ќе започнат со посериозна истражувачка работа.
Владата во овој мандат не успеа да формира научно-истражувачки центар за талентирани ученици, како што беше ветено во нивната програма.

Оваа идеја била во некаква почетна фаза на реализирање кон крајот на 2018 година кога на ЕНЕР платформата се појавува Предлог на закон за научно-истражувачки центар за талентирани ученици. Во објаснувањето, тогаш, било наведено дека во новоформираниот Центар учениците од основните и средните училишта „ќе можат да совладуваат дополнителни знаења, ќе се подготвуваат за државни и меѓународни натпревари и ќе започнат со посериозна истражувачка работа“.

Сепак од тогаш се губи трагата на идејата за формирање на Научно-истражувачкиот центар за талентирани ученици.

Ветување: Во рок од една година, државни комисии составени од универзитетски професори и поддржани од Министерството за образование и наука, ќе ги евалуираат сите учебници за основно и за средно образование и ќе постават јасни правила кои мора да се почитуваат. Ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несоодветни за возраста на учениците. Истовремено, ќе спроведеме ослободување на наставните предмети од непотребни и штетни содржини, особено од оние што поттикнуваат агресивност, нетолеранција, омраза и дискриминација.

Владата направи одредени корекции во учебниците, но далеку од тоа дека се евалуирани сите учебници и дека се повлечени од употреба книгите со грешки.

На почетокот на мандатот Министерството за образование повлече од употреба неколку дискриминаторски учебници, а пред две години беа извршени и корекции на 22 учебници пред почетокот на учебната година.

Сепак, останаа бројни учебници со сексистичка, неинклузивна содржина, правописни грешки, а во анкета која ја направија од Сојузот на средношколците на Северна Македонија, средношколците освен на грешки реагираа и на недостаток на учебници за оваа учебна година.

Невладини организации минатата година на Маршот за толеранција предупредија на предрасудите и стереотипите застапени во македонското образование, а неодамна обвинија и дека евалуацијата на учебниците постојано се одолговлекува, изрично потсетувајќи дека токму тоа е ветување на Владата дадено во нивната програма за работа.

Ветување: Најголем дел од учебниците и другите помагала ќе бидат достапни во електронска форма. За оваа мерка Владата ќе стимулира: домашни автори, аудио/видео производство, продукција на образовни и научно-популарни емисии како училишни материјали со содржини и теми од наставната програма. Ќе ги поттикнеме националните телевизии да одвојуваат термини за емитување на овие програми, кои ќе бидат усогласени со наставните предмети. Со ова ќе се создадат исти можности за квалитетно образование во сите делови од државата.

Електронски е достапен само мал дел од учебниците за основното и средното образование преку интернет порталот Е-учебници. Поголемиот дел од учебниците не е можно да се преземат електронски поради нерешени авторски права.

Претходниве три години немаше никаква продукција на научно-популарни емисии како училишни материјали, додека дури по епидемијата на коронавирусот, и по одлуката учениците да не посетуваат настава, на Македонската телевизија започна да се емитува програмата Е-училница, во која се обработуваа наставни содржини предвидени во редовната настава. Тоа беше единствена телевизиска програма од таков тип која се емитуваше на некоја од националните телевизии.

Ветување: Владата ќе иницира реформа и преструктуирање на средното стручно образование во соработка со приватниот сектор. На тој начин и компаниите може да учествуваат, програмски и финансиски, во овој степен и вид на образование. На тој начин, стручните училишта за неколку години ќе станат поатрактивни за учениците, особено со можноста за директни вработувања по завршувањето на овој степен и вид на образование. Воедно, ќе промовираме механизми и инструменти со кои ќе ги поттикнеме работодавачите да соработуваат, да инвестираат и да учествуваат во активностите на образованието и обуката. Во таа насока е и мерката за ослободување од данок на добивка до 30% за вложување во развој на образование.

Владата во овој мандат го промовираше концептот на дуално образование преку кој компаниите и средните стручни училиштата соработуваат низ комбинирање на содржините кои се предаваат во образованието со практична обука во компанијата. На тој начин треба да се надмине јазот помеѓу образованите профили кои се продуцираат од средното образование и потребите на пазарот на трудот.

Овој концепт започна да се спроведува во 2017 година преку соработка на „ЕВН Македонија“ со средното скопско училиште „Михајло Пупин“, додека во 2018 година се прошири и во други стручни училишта во Скопје, Охрид, Битола, Кавадарци, Велес и Прилеп со локални компании-партнери, а од следната учебна година се најавува дека овој концепт ќе се развива и во тетовските стручни училишта.

И покрај најавите дека дуалното образование ќе стане системски концепт, сепак тоа сè уште се реализира експериментално, преку проекти, посебни паралелки и пилотирања, засега само во 5 градови со 10 вклучени компании. Со дуално образование последната учебна година беа опфатени околу 250 ученици, додека во средно стручно образование се наоѓаат преку 40 илјади ученици, од кои 15 илјади во техничките училишта.

Ветување: Владата ќе предложи нов начин на финансирање и на управување со универзитетите. Законот за високо образование ќе претрпи целосна ревизија, со можност за носење сосема нов закон за високо образование, низ широка дебата. Ќе се укинат драконските казнени одредби, што сега се користат за заплашување на универзитетскиот кадар и за ограничување на универзитетската автономија.

На 2 мај 2018 година Собранието го изгласа новиот, долгоочекуван Закон за високото образование, кој внесе надеж помеѓу академската заедница и стручната јавност дека, конечно, високото образование во Северна Македонија ќе се придвижи во правилна насока.

Текстот на Законот уредува голем број аспекти, од автономијата на универзитетот и академската слобода, преку управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, до нов вид на студентско организирање.

Сепак, првата година имаше бројни критики дека голем дел од новините пропишани со Законот доцнат или не се исполнуваат. Со големо задоцнување се донесоа статутите на универзитетите, а се одржаа и изборите за студентски претставници.

Ветување: Обезбедувањето квалитет на високото образование ќе биде врвен приоритет. Во партнерство со академската заедница, ќе се ревидира системот за универзитетска акредитација и евалуација, согласно европските стандарди и насоки за обезбедување квалитет, со особено внимание на регулираните професии и на професионалното високо образование. Низ призмата на овие стандарди, ќе се преиспита квалитетот на дисперзираните студии и на приватните универзитети, како и нивната општествено-економска оправданост и потреба.

На самиот почеток на мандатот на оваа Влада, Министерството за образование ги укина дисперзираните студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и делумно редуцираше дисперзирани студии на другите универзитети.

Во меѓувреме јавноста не доби никакви информации дека е направена некаква анализа за квалитетот на постоечките дисперзирани студии, како и за квалитетот на студиите кои се извршуваат на приватните универзитети, чиј број денес е идентичен со оној од пред три години.

Северна Македонија сè уште нема високообразовна институција на реномираната Шангајска листа, додека неодамна на рангирањето Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR) во најдобрите 2.000 универзитети на светот единствено се најде УКИМ на 1.917 место, кој имаше пад од 101 позиција во однос на минатогодишната ранг-листа.

Ветување: Владата ќе го поддржи повторното отворање на лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во земјите од ЕУ. Ќе се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста (медиуми, телекомуникациски оператори, државни органи и институции) со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмладата популација во почетниот образовен процес.

Последниве години не само што нема отворено нови лекторати за македонски јазик во странство, туку и оние кои постоеја се соочуваа со проблеми во функционирањето.

Пред крајот на 2019 година Советот за македонски јазик, стручното тело при Владата на Република Северна Македонија, чиј претседател е професорот Људмил Спасов, започна јавна расправа за консултации за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик. Со промените се предвидуваше обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, задолжително ангажирање на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи, како и локалната власт, универзитетите, училиштата, медиумите и во други сфери.

„Сегашната состојба со лекторатите на Република Северна Македонија на универзитетите во странство доведува до ситуација половината од постојните лекторати по македонски јазик да вегетираат без некое значајно влијание. Дел од нив, всушност, се одржуваат и се финансираат благодарејќи на добрата волја на некои од универзитетите во странство (Полска, Франција, Романија, Хрватска, до неодамна и Чешка). Со заминувањето во пензија на професорите што ги воделе лекторатите, често згаснуваат и самите лекторати, како на пример, во Чешка. Во моментов Република Северна Македонија нема ниту еден лекторат во Р. Германија каде што претходно сме имале два до четири“, стои во Извештајот за проценка на влијанието на законот, објавен на ЕНЕР.

Овој Предлог-закон освен што ја помина фазата на јавно разгледување, никогаш не стигна на дневниот ред на Собранието кое се распушти во средината на февруари оваа година.

На интернет-страницата на УКИМ, во моментов има регистрирано лекторати во 8 универзитетски центри во светот, додека уште во 6 универзитети редовно или повремено се изучува македонскиот јазик. Од наведените лекторати, последниот е отворен во учебната 2008/2009 година, додека сите други се отворени пред стекнување на независноста на Република Македонија во 1991 година.

Ветување: Владата ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри.

Во Скопје не беше започната изградба на студентски град. Освен во програмата на Владата, за реализација на ова конкретно ветување не може да се најде никаква трага во некаков предлог или најава, а најмалку за некакви конкретни чекори претходниве три години.

Во меѓувреме Владата ги пушти во употреба последните два блока, „В“ и „Г“ од реновирањето на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ кое започна во 2014 година. Последно, во тек е партерното уредување на дворот на овој студентски дом, кое трае веќе цела година.

Со ребалансот на буџетот за оваа година се скратија 50 милиони денари наменети за изградба и реконструкција на студентски домови, а Радио МОФ веќе пишуваше дека со години наназад властите предвидуваат високи буџети за овие инвестиции кои на крајот, од најразлични причини, доживуваа катастрофална реализација.

Ветување: Владата ќе ја заврши изградбата на универзитетскиот комплекс „Мајка Тереза“.

Зградата во која треба да се наоѓа последниот отворен државен универзитет во Северна Македонија, „Мајка Тереза“ засега остана само на помпезно најавените видео снимки и макети кои беа презентирани за јавноста во 2016 година. Новиот универзитетски комплекс сè уште не е ниту на повидок, но тоа не пречеше Министерството за економија и Универзитетот „Мајка Тереза“ да потпишат договор за кофинансирање на технолошки парк во рамки на универзитетот.

Неодамна објавениот ревизорски извештај за овој Универзитет утврдил бројни неправилности и неусогласености со законските норми.

Ректорот на „Мајка Тереза“. Азис Положани, во одговорот на забелешките на Државниот завод за ревизија напишал: „И покрај проблемите во врска со недостатокот на наставно-научниот и соработничкиот кадар, слабо опремената инфраструктура, а во главно немање доволно простории за реализирање на наставно-научниот процес, поради каснењето со изградба на новиот комплекс на Универзитетот, (Универзитетот н.з.) во континуитет вложува максимални и сериозни напори целокупното свое работење да го канализира во согласност со позитивните законски прописи со кои е регулирана материјата за високото образование во Република Северна Македонија. Меѓутоа, свесни сме дека немањето доволно капацитети влијаеше во некои направени ненамерни превиди и одредени недоследности“.

Ветување: Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавно-приватно партнерство. Во Битола, Штип и во Тетово, градовите седишта на државните универзитети, ќе изградиме универзитетски кампуси, преку реконструкција и преадаптација на постоечките објекти, доградба на соодветни нови инфраструктурни содржини и зголемување на капацитетот на постојните домови.

Нова студентска зграда во Автокоманда никогаш не беше започната да се гради, ниту се реконструираа и преадаптираа во универзитетски кампуси објекти во Битола и Штип.

Последно на оваа тема зборуваше министерот Арбер Адеми во февруари годинава, кога најави дека е потпишан договор од 25 милиони евра за реновирање на седум студентски домови. Според неговата изјава, треба да се реновираат домови во Битола, Охрид, Штип, Прилеп и во Скопје, а проектот ќе биде финализиран во 2024 година.

Студентскиот дом при Државниот универзитет во Тетово е во градба, но таму работите се движат многу бавно. Оваа година, со кризата од коронавирусот, градежните активности дополнително се намалени, а роковите за овој проект одново ќе се одолговлечат.

Ветување: Промените во образованието мора да одат паралелно со подобрување на физичките услови каде што учат нашите деца. Владата, во соработка со единиците на локална самоуправа, ќе предложи решенија за проблемите со основна инфраструктура и греење на училиштата. Секоја година, Владата ќе го дебатира фондот за инвестиции во инфраструктура со општините и ќе донесе одлука за приоритети која нема да се базира на партиски и бизнис интереси, туку на интересите на учениците и наставниците во Република Македонија. Ќе изградиме нови средни училишта во општините Тетово, Куманово, Аеродром и Ново Село.

Нема изградено ново средно училиште во ниту една од овие четири македонски општини. Пред нецели две години овие проекти не беа ниту во почетна фаза, а оттогаш на сајтот на Бирото за јавни набавки не може да се најде ниту еден договор за градба на средни училишта во овие општини.

Интернет пребарување од 2017 година до денес не дава никакви резултати за било каква најава за изградба на ниту едно ново средно училиште во Северна Македонија.

Ветување: Владата ќе стимулира зајакнување на училишните тимови со стручни лица од различни профили: педагози, психолози, дефектолози, социолози, логопеди, социјални работници и медицински стручни лица (онаму каде што има можности за тоа).

Ова ветување на Владата никогаш не се реализираше на некакво системско ниво. Единствено преку неколку проекти на странски организации со општини беа ангажирани лични асистенти во неколку училишта, кои и самите апелираа дека училиштата немаат доволно кадар, па често пати се принудени да се стават во улога и на педагог, психолог и дефектолог.

Истовремено овие иницијативи помина со потешкотии, обвинувања за задоцнети и нецелосно исплатени хонорари, а поради пандемијата со Ковид-19 дел од личните асистенти се пожалија и дека предвреме им биле раскинати договорите за работа.

Ветување: Владата ќе воведе посебна студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер.

Иако не беше наречена студентска, Владата заедно со Агенцијата за млади и спорт ја промовираа европската младинска картичка, преку која младите на возраст од 15 до 29 години можат да остварат попусти за повеќе услуги и производи. Иако картичката беше најавена дека ќе обезбеди бројни попусти во многу различни сфери на животот, а дека понатаму може да се претвори и во еден вид платежно средство за младите, сепак услугите кои можат да се добијат со картичката и понатаму остануваат прилично лимитирани и генерално концентрирани на Скопје.

На листата на услуги кои преку картичката можат да се добијат со попуст, на пример, во моментов има 13 книжарници од кои сите се во Скопје, освен една во Крива Паланка, само пет културни објекти – четири во Скопје и еден во Струга, шест спортски центри од кои пет во Скопје и еден од Прилеп. Во Штип има само три услуги за кои може да се искористи картичката, Тетово има само две, а во Струмица, Велес, Гевгелија, Гостивар, и голем број други македонски градови нема ниту една.

Ветување: Новата политика за стипендирање на студентите ќе биде преку комбинација на државни стипендии и поттикнување на фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање. Предност ќе имаат студентите со најдобри резултати, но и они кои се соочуваат со поголеми економско-социјални проблеми.

Законот за студентски стандард, со кој се регулира стипендирањето, не претрпе никакви суштински промени во последниов владин мандат. Дополнително, оваа година студентите се жалеа дека доцни исплатата на стипендиите, а студенти кои за првпат аплицирале за стипендии се пожалија дека не добиле пари сомневајќи се дека од Министерството им ги загубиле документите, што беше демантирано од МОН.

Паралелно вкупниот буџет за студентски стандард се намали од 13,9 милиони евра во 2018 на 9,6 милиони евра во Буџетот за 2020.

Некои од реформите веројатно беа погодени од предвремените избори, кои доаѓаат половина година пред целосниот мандат на овој владин состав. Дел од проектите заглавија и поради кризата со коронавирусот, како и со техничката влада, која наместо 100 дена на власт веќе половина година. За дел од работите кои делумно се реализирани, или се во фаза на реализирање, допрва ќе видиме дали и какви ефекти ќе дадат во образовниот систем.

Oд сите мерливи ветувања во Програмата на Владата за периодот 2017-2020, поврзани со образованието, според нашата анализа целосно се реализирани само две од дваесет и едно ветување, додека дури 15 најави за образовни реформи не се реализирани. Се обидовме да ја контактираме и Владата. Побаравме став за тоа колку тие се задоволни од реализираното во образованието, но и кои се нивните изговори за нереализираните ветувања. До затворање на текстот не добивме никаков одговор.

Сепак, наместо бројчано да оценуваме дали и колку Владата „положи“ во спроведување на ветеното, подобро е да направиме увид каде се наоѓа македонското образование во моментов. Генералниот впечаток, кој го потврдуваат и меѓународните истражувања и тестирања, е дека овие поместувања претходниве три години не беа доволни за суштински да се подобри квалитетот на образовниот процес и да се развие човечкиот капитал на младите од земјава.

Северна Македонија во последниот извештај за човечкиот капитал се најде на 82-то место во светот и остана зад сите држави од регионот. ПИСА тестирањето од 2018 година покажа малку подобри резултати, но македонските ученици останаа меѓу најслабите од сите земји каде се спроведува ова стандардизирано тестирање. УНИЦЕФ побара забрзување на реформите во образованието, а од ОЕЦД утврдија дека за образовните неуспеси виновни се нестандардното оценување, ниските критериуми за наставниците и недоволното користење на истражувања и евалуација при креирањето политики.

Буџетот за образование од 2017 до 2020 е зголемен за 1,7 милијарди денари, но најголем дел од овие пари се издвоени за зголемување на платите, додека капиталните инвестиции во образованието и науката останаа на нивоа кои се далеку под стандардите на поразвиените западни земји, а дополнителен удар претрпеа со последниот ребаланс.

Последната учебна година помина со голем број проблеми и недостатоци, а на сето тоа образовниот процес доживеа дополнителен удар од кризата со коронавирусот поради која учениците и студентите беа принудени последните три месеци да ги поминат во онлајн учење, кое некако финишираше и покрај бројните предизвици и потешкотии.

Можеби најтрагичен податок од сите е тоа што учениците сè помалку го сакаат училиштето, додека од децата на 15-годишна возраст, само 4 од 10 момчиња, односно 3 од 4 девојчиња, сметаат дека имаат поддршка од наставниците. Според Лина Ќостарова Унковска, која беше координатор на истражувањето: „сега имаме училишта кои се несигурни, често насилни, како за учениците така и за кадарот, со многу промени во наставните програми, кои децата не можат, или се незаинтересирани, да ги следат“.

Во овој мандат, во Министерството за образование се променија два министри и три заменик-министри, но голем дел од работите зацртани периодот 2017-2020 ќе останат за некој идни функционери… во некоја следна влада… напишани во некоја нова програма.

Извор: Радио МОФ