Згрбавени, ниско наведнати кретени

02.07.2020 18:18
Згрбавени, ниско наведнати кретени

Зарем не е чудно што со закон е пропишано дека најсработените продукти на филмската и на телевизиската продукција – филмовите, сериите, па дури и емисиите од областа на културата и образованието, мора да бидат категоризирани според нивната содржина и евентуална штетност по најмладите гледачи и, поради тоа, на почетокот да имаат ознака на возраста под која емисиите не смеат да бидат гледани од младите или можат, но „во присуство на старател“? Но напредните демократски држави својата грижа за менталното здравје на ранливите групи гледачи ја искажуваат со овие предупредувања пред секоја емисија, според некаква проценка за нивната евентуална „неприличност“ или „штетност“, а неретко излегуваат и предупредувања за луѓето осетливи на сцени на насилство, бруталност или други потенцијално штетни влијанија по гледачите. Оваа грижа, сосем разбирливо, ја протера порнографијата во категории дозволени само „за возрасни“ или сосем вон законот.

Од друга страна, за најотровната телевизиска програма што буквално им ги разнебитува мозоците на луѓето од сите возрасти, за предизборните платени политички огласи кои се најчесто најдолен политички кич, порнографија и перверзија, чиешто гледање без никакво сомневање на човека му остава трајни ментални оштетувања – не постојат никакви ограничувања?! Доколку во филмската приказна некои чичковци и тетки се бацуваат или се соблекуваат и прават некакви чудни и смешни движења (за кои сите знаеме дека не им пристојат на припадниците на човечкиот род), пред филмот задолжително стои предупредување дека тој не е наменет за оние под 12, 16 или 18 години. Но, доколку во ек на предизборна кампања, потпишани како „платено политичко огласување“, се емитуваат чудовишно невкусни, глупави и деструктивни ментални фекалии, и тоа во животно загрозувачки и смртоносни дози, тие зрачат слободно во етерот, без какви и да е предупредувања, за сите возрасти од популацијата, за сите ранливи групи, неселективно и сеуништувачки?! И, никому ништо?

Ја избегнав библиската судбина на Лотовата сопруга

Вие веќе погодивте, почитувани читатели, дека воведот цели да ја стави во реален – општествен и правен – контекст, кусата, но премногу речита филмска предизборна порака на ВМРО-ДПМНЕ, наречена „Исправи се, Македонијо“ или така некако. (Можеби грешам, но не смеев да го отворам и проверам вистинскиот наслов, зашто и од првото гледање, одвај ја избегнав библиската судбина на Лотовата сопруга што погледнала наназад во огновите, со кои суровиот и семоќен Јахве ги согорел грешните градови Содома и Гомора.) Додуша, морам да признам дека од чисто и наивно незнаење, ризикував Јахве да ме престори во солен столб, зашто од првата секунда на видеоспотот закачен за пријателска порака на Вибер, сметав дека се работи за симпатична зафрканција што некои млади ја пуштиле во промет како пародија на вмровските предизборни пораки.

Но, кога сфатив дека станува збор за вистинската вмровска продукција, за есенцијата на нивната политичка понуда, веднаш го свртев погледот, ужаснат и препотен, со срцебиење високо во грлото, и со плитко и засипнато дишење! Сосем за малку, за дел од секунда, избегнав да се претворам во солосан столб, зашто гледањето во неизмерниот амбис на вмровската глупост е исто толку деструктивно како и погледот назад кон сеуништувачкиот библиски бес на Јахве. А, конечно, ова беше уште една потврда на библиските димензии на вмровската глупост, која – како и Јахвеовите небески огнови – создава пеколен гравитациски вител, во кој бесмислата ги претвора во солосани кретени сите што предолго ќе се загледаат во неа.

Недостоинствени ништожници

Меѓутоа, како и во сите библиски сказни – поука мора да има, па и јас се осмелив да се присетам и понизно и богобојазливо да ја анализирам суштината на вмровската предизборна порака за историските и неповторливи парламентарни избори на 15 јули од господовата 2020 година. Елем, насловната порака за исправање на библиската земја, несомнено го содржи почетниот гранитен став на вмро за тоа дека денешната Македоња и сите нејзини жители се свиткани, згрбавени или ничкосани, со еден збор недостоинствени ништожници. Оваа префинета метафора потоа во спотот се продлабочува во низата на сцени во кои сите слоеви и возрасни групи во вмровската Македоња го поминуваат денот и животот буквално свиткани допола, катадневно, од утро до вечер. Тоа е скринингот на затекнатата состојба, основниот појдовен структурален елемент на секоја средношколска политичка кампања.

Следува пораката до сите вмровски поданици на Македоња да се исправат, што во спотот се случува согласно проверениот библиски рецепт: со чудотворен допир од божјиот пратеник, пророкот Мојше во старозаветната скаска, или синот божји, богочовекот Јешуа (на грчки – Исус) во Новиот завет. Во политичкиот оглас на вмро, улогата на пророкот или на богочовекот ја има лицето Жмицко, кој во библиски манир, без двоумење или некаква одглумена афектација, убедливо и божествено, со демиуршки допир на Семоќниот, ги исправа згрчените рабови на Македоња Норд. Спотот тука завршува, пораката е силна и трогателна: „Згрбавени рабови македонски, допирот на светиот Жмицко ќе ве исправи сите, зашто само вмровската глупост ќе ви го врати изгубеното достоинство.“ Потребни ли се додатни објаснувања?

Чудотворниот допир на Пророкот Богочовек Жмицко

Не, додатни објаснувања не се потребни. Но, сепак. Од спотот, ако ништо друго, може да се процени состојбата на свест на најмакедонската од сите македонски политички опции во историјата, и, исто така, може да се деривира и нивниот став кон нивниот електорат, најмакедонските жители на Македоња. Тој звучи вака: 1. Вмроните на чело со Жмицко се клинички кретени. 2. Сите Македонци што се декларираат како вмровци следбеници на Жмицко се клинички кретени. 3. Сите клинички кретени од македонска провениенција се згрбавени робови. 4. Сите згрбавени робови што се клинички кретени ќе станат исправени клинички кретени по чудотворниот допир на Пророкот Богочовек Жмицко. Политичката порака на ВМРО е тука исцрпена.

Вистинската поука од оваа библиска телеолошка анализа на вемерето е дека додека траат извонредните катастрофични околности во кои злосторничката ВМРО е легална партија во РСМ, предизборниот молк треба да трае 20 дена пред изборите или најмалку колку што трае предизборната кампања. Доколку тоа не е можно, платените политички огласи на вемерето да се означат со XXX и да се емитираат како и секоја друга порнографија, по полноќ, со ознака „Само за возрасни кретени“ и со отворање со шифра со 26 разнородни карактери. Ако ни тоа не е можно… а, зошто, по ѓаволите, не би било?


Колажи: Dani Sanchis
Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото