Капиталистички свињи

03.07.2020 00:33
Капиталистички свињи

Рецензија на книгата Capitalist Pigs: Pigs, Pork and Power in America (Капиталистички свињи: Свињите, свинското и моќта во Америка) на Џ. Л. Андерсон (West Virginia University Press, 2019).

Да се запрашаме за момент што е свиња. Можеби ја доживувате како животно кое душка во дворот додека најпосле не ја претворат во сланина. Ако сте малку позапознаени со индустриската агрикултура, можеби за свињата размислувате како за едно од животните кои често, поголемиот дел од својот живот, пред да стане сланина, го поминуваат во мал ограден простор, со илјадници други. Меѓутоа, како што покажува овој фасцинантен приказ на улогата на свињите во американскиот општествен, економски и гастрономски живот, тоа никако не е и крајот на приказната за свињата.

Ако сакаме да ја разбереме важноста на свињите во американската историја, мораме да го разбереме начинот на кој капитализмот ја преуреди околината за да ја претвори природата во стока, тврди Џ. Л. Андерсон. Не е можно да се одвојат свињите од историјата на европскиот колонијализам во Северна Америка, развојот на американските градови и создавањето масовна работничка класа. Андерсон тврди дека „Американците ги подредија свињите на својата моќ, обидувајќи се да ги трансцендираат границите на производството и консумацијата.“

Свињата, животно кое се размножува брзо, јаде речиси сѐ и бара минимално одржување, едноставно може да ги покрие трошоците за своето одгледување. Била совршена за американските колонии. Меѓутоа, со воведувањето на свињите, европскиот империјален проект ослободил нова еколошка сила во северноамериканската околина. Автохтоните народи ги мразеле овие животни зашто ги уништувале шумите, посевите и еколошките системи. До Војната на свињите во 1641 година доаѓа откако убивањето одреден број животни резултирало со казнен напад на народот Раритан од Стејтен Ајленд. Овој напад и контранападите покажуваат дека борбите на американските староседелци против колонијалното владеење биле обликувани од поинакви визии кои се поврзуваат со прашањето кој ја контролира земјата и на кој начин се користи таа.

Свињите набрзо ја преземале клучната улога во американската економија во создавање. Брзо се размножувале и обезбедувале евтина храна, а од нивното месо зависеле милиони луѓе. Свињата не била залудно „отплатувач на хипотеки“ - извор на брза заработка. Големиот број свињи во Америка значел дека тие биле еден од главните елементи во руралната економија која ги снабдувала американските градови.

Граѓанската војна во САД сериозно му наштетила на огромното јужњачко царство за одгледување свињи, отворајќи нови хоризонти во одгледувањето. Свињарството се проширило на нови подрачја - „зелени пасишта, места на кои во тлото и водата немало наталожени патогени и паразити како последица на одгледувањето генерации свињи.“

Современите прикази од 1800-те години покажале дека свињарството веќе го исцрпува тлото, но тоа не го запрело неговиот интензитет. Во некои сојузни држави од американскиот Среден запад до 1920-те години на секоја фарма имаше помеѓу 37 и 47 свињи, но индустриската агрикултура и пропаѓањето на мешаните фарми набрзо доведе до зголемување и сѐ повеќе капитални инвестиции. Една третина од свињите до 1978 година беа од фарми кои продаваа над 1 000 свињи годишно, а 7 проценти од фарми кои продаваа по 5 000 или повеќе. Опаѓањето на бројот фарми, во комбинација со масовното зголемување на концентрацијата на свињите продолжи и во 2000-те години: на пример, во Индијана 40 проценти од свинските фарми имаат над 5 000 грла.

Пресекот помеѓу развојот на индустриската агрикултура и диететските потреби на популацијата на САД кои се менуваа, е главен дел од книгата. Овој материјал е фасцинантен и покажува на кој начин капиталистичкото производство, класата и природата се меѓусебно поврзани за да го создадат нашиот начин на исхрана.

Меѓутоа, бидејќи книгата ја читав за време на пандемијата со коронавирусот, особено ме интересираше блиската поврзаност помеѓу индустриското производство на свињи, штетите нанесени на околината и болестите.

Речиси секој американски град со над 25 000 луѓе, до 1940-те години ги користеше свињите за да се ослободи од отпадот. Оваа практика ненадејно се намали после Втората светска војна зашто научниците открија дека хранењето на свињите со сурова храна го поттикнува ширењето на свинската колера (свинска грозница) и трихинелозата. Црвот трихинела беше толку распространет во 1940-те години што 16 проценти од американската популација беа заразени со оваа болест. За да го докрајчат, заедно со другите болести, отпадот требаше да го обработат на 100 степени, но тоа значеше дека свињите веќе се трошковно ефикасен начин за отстранување на отпадот.

Меѓутоа, тоа не ги искорени болестите кои се поврзани со свињите. Како што нагласува Андерсон, развојот на „масовни погони за одгледување свињи... создаде поволни услови за нови болести.“ Растот на бројот на свинските погони и нивната концентрација ги прават болестите посмртоносни и пораспространети. Одгледувањето голем број животни во непосредна меѓусебна близина овозможува брзи мутации на болестите, го отежнува контролирањето на болестите и дезинфекцијата на опремата и просторот и создава прилики за „повторни зарази со нови болести“. Со заразата ПЕДв (член на коронавирусното семејство вируси кои предизвикуваат цревни болести кај свињите) помеѓу 2013 и 2014 година беа заразени до 10 проценти од свинската популација во САД. Умреа околу осум милиони свињи.

„Откако оправдано ја елиминираше свинската колера со значајни трошоци, општеството мораше да се соочи со фактот дека нема крај на ризиците за појава и ширење болести кои се поврзани со животинската агрикултура, особено од оној тип кој се потпира на производство со масовни размери. Големината го зголеми ризикот и покрај сите напори свињите да се одржат во живот.“

Секако, свињарството од толкави размери е поттикнато од профитите кои се остваруваат со редуцирање на трошоците и поедноставен трансфер, преработка и дистрибуција. Загадувањето и мирисот од ваквите погони ја уништуваат локалната средина, но прехранбените компании не се грижат премногу за тоа зашто заработуваат огромни количини пари.

Ковид-19 на луѓето премина во Кина, но оваа пандемија (како и оние што ни претстојат) лесно можеше да има извор на кое било место каде преовладува индустриското одгледување. Клучот за актуелното избивање на епидемијата се наоѓа во моделот на агрикултурата кој е усовршен во индустријата со свињи и стока во САД, од каде е извезен ширум светот.

Разбирањето на развојот на овој специфичен модел бара да го земеме предвид начинот на кој свињите претставуваа клучен дел од појавата на капитализмот во САД. Како што заклучува Андерсон:

„Американското свинско месо и свинската маст ги хранеа поробените луѓе, фармерите и урбаните работнички и работници, а сосема сигурно и работништвото во Британија и Европа. Со свинска маст буквално се подмачкуваа погоните во американската индустрија и се обезбедуваше осветлување во мрачните ноќи.“

Ова вчудоневидувачко минато започнува со свињата. Меѓутоа, ни покажува како животното, откако е претворено во стока, станало дел од општествените, економските и политичките односи на капитализмот во САД. Значи, не се работи за специјалистичка тема - оваа книга ни помага да ја расплеткаме кризата на животната средина од нашата доба.

Мартин Емпсон е социјалист и активист за животна средина од Манчестер, Обединетото Кралство. Пишува на неговиот блог Resolute Reader.

Слики: Daniel Eskridge

Извор: https://climateandcapitalism.com

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото