Чешање

03.07.2020 17:28
Чешање

 

Кај што ќе допрам оставам црвено.
Рацете ми се мртви,
студени и здрвени.
Тие се црвени,
а тоа ни крв е,
ни боја,
едвај стојам
од страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
ми текнува дека имам тело
и ми станува тесно, врело,
тоа станува црвено
и трепери цело,
окото ми станува бело
и го заборавам моето дело
од страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
си ги отсекувам моите уши.
Главата ми се полни со вода,
се дави и се гуши
и го оставам разумот на сонце
да се суши,
а потоа палам цигара
и гледам како сѐ нежно се руши
со страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
кога станува тивко
слушам отчукување
и по долго размислување
заклучив дека тоа е бомба,
забите ми се полнат со пломба
и устата ми гори,
а јазикот веќе не знае да збори
од страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
сонувам црви, болви и вошки.
Ги оставам моите
јајца и кокошки
и станувам гневна,
зашто ме ранат со трошки,
а потоа клекнувам на колена
и молам за прошки
од страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
дишењето ми станува тешко,
затоа што е влажно,
затоа што е жешко
и ништо не ми е важно.
И ги менувам моите цигли
за игли
од страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
повторно ги забележувам
моите црни дамки.
Им се восхитувам,
ги ставам во рамки.
Се сеќавам дека сум смртна,
па се обидувам да измислам
непријател за величествено војување
и нови начини на самоуништување
од страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
времето стои,
затоа се плашам дека е доцна.
Моите раце не се мои
и под прстите немам бои,
немам клавиши,
немам број,
туку само оток
и гној
и страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав.
Мора да се биде здрав.

Секое лето
ја менувам својата кожа
и престанувам да можам.
Умирам
и пак се раѓам,
удирам,
помодрувам и паѓам.
Низ вените ми тече отров
и за ров,
го менувам фронтот.

И секое лето
тоа станува живо,
разбеснето и диво,
не можам да спијам
и залудно се кријам.
Ќе ме најдат
и ќе ме обесат.
Рацете ми се тресат
од страв
дека ќе станам пепел,
дека ќе станам прав,
дека ќе биде темно,
дека ќе биде дрвено.

И кај што ќе допрам оставам црвено.

Слики: Aleksandra Waliszewska
Извор: Ива Дамјановски, ДВОУМЕЊЕ; ПНВ Публикации, 2020

 

Ива Дамјановски (1996) е родена во Скопје. Дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Автор е на две стихозбирки: „Двоумење“ (2020) и „Тие“ (2017), добитник на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис.
Автор е и на една научна статија и труд од областа на музиката.
Нејзината поезија е преведена на српски, на хрватски и на словенечки јазик. Застапена е во ревијата „Рукописи 40“ (2017), како и во панорамата „32 македонски поети. Гласови на новиот век“ (2018, ПНВ Публикации). Учествувала на „Астални проекции“ и нејзината поезија е застапена и во монографијата за оваа манифестација (2019, Бегемот), а учествувала и на многу други поетски читања во Скопје.
Дел е од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda“ и на концертните проекти „Монохроматика“ и „Монолози“ изведени во 2018 г.

Слични содржини

Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото