Граѓанската „разумнозрелост“ и демократијата

07.07.2020 02:57
Граѓанската „разумнозрелост“ и демократијата

Извор: Дојче веле

Има германски зборови кои станаа клучни во европската историја на духот, а за кои еквиваленти во македонскиот јазик уште нема. Таков е терминот „Mündigkeit" од прочуениот спис на Имануел Кант: „Одговор на прашањето: Што е Просветителството?“ (1784). Клучно место во Кантовото разбирање на Просветителството имаат термините „Unmündigkeit" и „Mündigkeit". Во секојдневниот германски јазик „Mündigkeit" значи и „полнолетство“. Но, затоа што се работи за филозофски поим, работата не е толку едноставна. Значењето на зборот „полнолетство“ не ја опфаќа сета содржина на поимот „Mündigkeit" во Кантовата смисла. Полнолетноста е само датум и почеток, таа уште не е состојба на зрелост. Тоа што Кант го подразбира со Просветителството претпоставува пат и промена, надминување на една состојба во која личноста не е слободна според принципите на разумот, слободата на волјата и одговорноста. „Просветителството е исходот на човекот од разумнонезрелоста за која е самиот виновен. Разумнонезрелоста е неспособноста да се служиш со својот разум без раководството на некој друг“, гласи прочуената Кантовата дефиниција на Просветителството. Затоа јас германскиот филозофски поим „Mündigkeit" го преведувам на македонски со „разумнозрелост“.

Тоа значи, разумнозрелата личност не е само таа која ја постигнала возраста на која се станува полнолетен според општествените норми. Разумнозрелата личност се раководи според разумот, според слободната волја и според автономната морална совест. Разумнозрелост понатаму означува духовна самостојност, односно, автономија. Сите овие нешта се и претпоставките за демократијата. Само разумнозрели личности, автономни граѓани умеат да се раководат така, што тие никогаш не мислат само на личната корист, туку постојано се свесни дека остварувањето на личните цели секогаш треба да се гледа во контекст на заедничките закони, вредности и должности. Да не заборавиме дека токму Кант од ваквото однесување направи категоричен императив на етиката: „Постапувај така, што максимата на твојата волја во секое време истовремено да важи и како принцип на едно општо законодавство.“

Колку е значајно сознанието на Кант за разумнозрелоста на личноста, за слободата на изборот и за моралната одговорност, покажува фактот што 1969-тата, кога западногерманската демократска јавност се наоѓа среде најголемата криза после студентските немири, филозофот Теодор В. Адорно, кусо пред смртта во август истата година, во прочуеното предавање, „Воспитание на разумнозрелост“, ги продлабочува размислите на Кант, поставувајќи ги во модерен контекст. Притоа не заборавајќи го горчливото искуство на човештвото од разорната сила на идеологиите, пропагандите и расистичките теории во Втората светска војна. Во овој текст Адорно ја изговара важната мисла дека „демократијата почива врз образованието на волјата на секој поединец.“ Волјата, притоа, Адорно ја разбира во најдобрата кантовска традиција како морален феномен, кој токму затоа има потреба од образование. Поинаку општеството брзо би се преобразило во хаос и самоволие, како борба на поединечни егоистични волји. Или во диктатура, како идентифицирање на мноштвото со волјата на една личност или институција – водачот или партијата. За да не дојде до тоа, Адорно смета дека е неопходна храброста и разумнозрелоста на секој еден во општеството. Слободното модерно општество изискува слободни, автономни, критички мислечки индивидуи, а не колективитети.

Тоа е парадоксот на демократијата. Таа значи буквално власт на народот. Но како владее народот во модерните демократии? Со тоа што секој поединец, критички, разумнозрело и одговорно, ја обликува својата политичка волја и на парламентарните избори ја легитимира со важност за сета заедница. На граѓанинот што гласа треба во секој миг да му биде јасно дека тој со својата политичка волја одлучува за идната состојба на сета заедница. Во демократијата никој не ја пројавува својата политичка волја само за свои лични цели. Од гласот на еден зависи судбината на целата заедница. Затоа е толку голема одговорноста на гласачите.

Адорно ја преживеа Хитлеровата диктартура. Нему му беше јасно зошто Аушвиц беше возможен во земјата на просветителот Кант. Што значи дека не е доволно само да се укаже во што се состои состојбата на разумнонезрелост. Во таа состојба може да регресираат и според возраста навидум зрели личности. Секогаш, кога тие ќе ја изгубат автономијата на критичкото мислење. Кога, сепак, ќе дозволат да бидат раководени од надворешни авторитети, лидери, водачи и идоли. Какви што нуди идеологијата, пропагандата или, модерно кажано, теориите на заговор. Тогаш возрасните личности стануваат инфантилни и подложни за секаква манипулација. Затоа Адорно смета дека императивот на Кант за разумнозрелите личности како темел на демократијата и хуманитетот мора со уште поголема одлучност да се истакнува токму во модерните општества. Слободните, разумнозрели личности треба најнапред да се образуваат. Просветителството е процес на обликување и образование на духот. Адорно, притоа, не мисли на образование како строга дисциплина, контрола или ригиден авторитарен систем. Тој повеќе верува во силата на критичкото мислење, во храброста да се мисли. Без силата на мислењето не може да се определи што е праведно и неправедно. Тој потсетува на слободата на духот која е темелот на автономијата на личноста. Авторитарните системи се потпираат врз постоењето на авторитарни личности, за кои слободата сами да одлучуваат – да мислат со своја глава – е товар.

Кант остро ја критикуваше зависноста на човекот од надворешни авторитети. Тоа во негово време беше авторитетот на црквата. Во современите општества има мноштво такви авторитети. Такви се политичките идеологии или политичките партии. Но и медиумите, центрите на моќ кои шират секакви „теории на заговор“, а кои граѓаните без критичка свест ги земаат „здраво за готово“. Всушност, со модерниот речник би можело да се рече дека Просветителството значи со силата на разумот да се надмине состојбата на индоктринираност од некој надворешен авторитет. Според Кант, нема слободна личност доколку таа нема развиена расудна моќ. Тој што слободно расудува, мора да биде критичен и самокритичен. Колку се актуелни сознанијата на Кант и колку е точно неговото сознание дека човештвото е на патот на Просветителството, но уште не ја постигнало состојбата на просветеност, говори актуелната состојба во светот, во која масовните медиуми добија неограничена можност за индоктринација, а во многу земји доминираат авторитарни и популистички политичари. Очигледно судот на Кант, според кој човекот е самиот виновен за состојбата на разумнонезрелост, затоа што не го користи разумот, не изгубил на актуелност до денешен ден. Често утврдуваме дека академското образование денес не е повеќе гаранција за критичко мислење. Токму во тој недостиг на критичко преиспитување на секоја информација, денес кај многумина во Македонија се „вгнездуваат“ теориите на заговор.

Меѓутоа, во контекстот на Кантовиот категорички императив е позначајно во едно општество да има доволно силни автономни, разумнозрели личности, кои со силата на разумот постојано ќе ги разобличуваат сите недемократски пропаганди и теории. Поучени од германската историја, не треба да заборавиме дека Вајмарската република – првата германска демократија – пропадна не затоа што националсоцијалистите беа многу силни, туку затоа што премногу долго социјалдемократите и сите други либерални партии беа премногу слаби, неискусни во демократијата и премногу разединети, заробени во своите теснопартиски, идеолошки шеми и илузии. Не е чудно зошто македонското општество деновиве многу често ме потсетува на тоа што историјата го сведочи за Вајмарската република. Секако, историјата никогаш не се повторува во буквалната смисла, но таа учи дека мудрите умеат да учат од туѓото лошо искуство – во секоја смисла.

Карикатури: Vladimir Kazanevsky