Џеф Безос не би требало да биде милијардер, а камоли билионер

08.07.2020 00:43
Џеф Безос не би требало да биде милијардер, а камоли билионер

Џеф Безос можеби ќе стане првиот светски билионер. Нето вредноста на основачот на Амазон во изминатите пет години во просек растеше за 34 проценти, а тој, според неодамнешна анализа, е на добар пат до 2026 година да стекне статус билионер.

Оваа мачна вест пристигнува среде пандемијата заради која милиони луѓе ги загубија работните места, додека стапката на невработеност порасна толку што може да ѝ парира на онаа од периодот на Големата депресија. Безос веќе подолго време е најбогатиот човек на планетата, но фактот дека во толку интензивна економска криза не се наѕира крајот на неговото трупање пари како на филм, одново се разоткрива изопаченоста на нашиот економски систем. Тоа што една личност е толку бесрамно богата додека толку голем број луѓе едвај преживуваат, не е само вознемирувачки и неморално, туку претставува и напад на демократските принципи и можност сите да живеат достоинствено.

Амазон, кој на светско ниво вработува речиси милион луѓе, по големината е втор приватен работодавач во САД. Иако компанијата се фали со начинот на кој постапува со вработените - со работен час од 15 долари, „сеопфатна здравствена заштита“, платено отсуство - работниците и работничките од Амазон ќе раскажат сосема поинаква приказна. Технолошките работнички и работници и работниците во складиштата, вработените на Џеф Безос веќе долго предупредуваат за условите во кои работат и пошироката практика на компанијата.

Во „логистичко-дистрибутивните центри“ на Амазон, вработените се на нозе цели смени, наоѓајќи, земајќи и преместувајќи предмети кои најпосле стигнуваат до купувачите. Работникот или работничката за време на смените можат да очекуваат дека ќе испешачат 19 километри, и не е ретко луѓето да колабираат или да им се слоши од жешко или исцрпеност. Компанијата на своите работнички и работници „им сугерира“ да одат во тоалет само за време на утврдените паузи, заради што некои уринираат во шишиња или носат пелени за време на смените. Бидејќи складиштата се огромни - од 37 000 до 92 000 метри квадратни - пешачењето до тоалетот претставува значителна количина „време кое не се поминува на работното место“, а кое Амазон го следи автоматски. Премногу време поминато настрана од конкретните работни задачи може да резултира со отказ, дури и ако тоа време е едноставно потрошено за одење во тоалет. Бидејќи огромен број работнички и работници се вработени на определено време со надеж дека ќе потпишат договор на неопределено, тие се соочуваат со огромни притисоци да го зголемат нивото на сопствената продуктивност колку што е можно повеќе.

Условите за работа физички се помалку опасни за канцелариските работнички и работници, но може да бидат подеднакво поразувачки. Извештајот на Њујорк Тајмс од 2015 година цитира поранешен работник во секторот за книжевен маркетинг кој „секојдневно бил изложен на глетка каде луѓе плачат во канцеларијата, а тоа го опишуваат и други вработени. ’Излегувате од конференциските простории и здогледувате возрасен човек со раце на лицето’, изјави тој. ’Речиси секој со којшто работев имав можност да го видам како плаче на своето биро’“. Други раскажаа дека доживеале трауматски настани како боледување од карцином или спонтани абортуси (или дури среќни настани како станување родител), за потоа да бидат исфрлени од фирмата. Директорот на човечки ресурси се присетува дека бил принуден да ѝ наложи на некоја жена, која неодамна родила мртвороденче, да посетува програма за подобрување на ефикасноста.

Можеби не изненадува што просечниот работен стаж во Амазон изнесува само една година, додека промената на работната сила надминува 100 проценти. Овој постојан виор го отежнува организирањето - работниците и работничките не се задржуваат доволно долго за да формираат односи потребни за формирање долготрајни организации, камоли за одржување синдикални избори. Над работничките и работниците на Амазон кои прозбореле за своите услови за работа и се обиделе да се организираат, спроведена е одмазда, а често и се отпуштени. Пролетва, работникот на Амазон, Крис Смолс од Њујорк беше отпуштен откако организираше прекин на работата во складиштето на Статен Ајленд, протестирајќи против неплаќањето на работењето во посебни услови и без заштита за време на пандемијата со Ковид-19 (од Амазон негираат дека Смолс е отпуштен заради неговото организирање). На дизајнерките и дизајнерите кои работат на корисничкото искуство и кои од солидарност со помалку платените колешки и колеги прозборуваа против работните услови во складиштата на Амазон, исто така им ја покажаа вратата.

Иако одмаздата заради организирање е илегална, тешко е да се докаже, а последиците се занемарливи, и затоа во САД таа е исклучително зачестена. Кога работничките и работниците гледаат дека нивните колеги и колешки ги губат своите работни места зашто зборуваат јавно, помалку веројатно е дека и самите ќе се изложат и ќе се обидат да се организираат - особено кога невработеноста скокна до облаци. Затоа шефовите го прават тоа што го прават, а тоа е и една од причините заради кои на Џеф Безос му нема рамен според богатството.

И покрај ваквите прилики, доаѓа до групирање на работничките и работниците на Амазон во групи како што се Amazonians United и Amazon Workers International, како и формирање коалиции со други ниско платени работнички и работници - согледувајќи дека организирањето на работното место е единствен начин да се приграбат моќта и богатството на Безос. Ќе им треба поддршка од постоечките синдикати и организираната левица (сѐ до, но и вклучувајќи го вработувањето во Амазон). Формирањето синдикати или дури борбата за барања има потешкотии дури и во најдобри околности, а овие работници и работнички се соочуваат со еден од најмоќните луѓе во светот.

Царството на Џеф Безос се простира значително отаде Амазон: сопственик е на Whole Foods и Washington Post, како и низа други онлајн трговски претпријатија и компании што управуваат со социјални мрежи. Меѓу другото, се фали со вложувањата во Airbnb, Uber, Google и Business Insider. Неговиот дострел веќе е огромен, што значи дека и работната сила што ја вработува е многубројна - а токму акумулацијата на неплатениот труд на овие работнички и работници го направи опсцено богат.

Само замислете кога богатството на Безос, наместо во купување на најскапите куќи во Калифорнија, би се вложило во финансирање на универзална здравствена заштита, домување, детска заштита и уште многу други нешта за милиони работнички и работници. Замислете само кога би го симнале Безос од неговиот плутократски пиедестал и кога работниците и работничките од Амазон би станале сидро на економијата на која не ѝ требаат милијардери, а уште помалку билионери.

Тоа би бил добар повод за славење.

Минди Ајзер е дел од работничкото движење и живее во Филаделфија.

Извор: https://jacobinmag.com/

ОкоБоли главаВицФото