Заробени споменици

08.07.2020 12:07
Заробени споменици

Говорејќи за минатото и иднината и нивната денешна контекстуализација (со силен акцент на заробената држава), деновиве искрсна „случај“ токму од поблиското ама симболично минато, она за коешто фактички најмалку и се грижиме. И секогаш таквите примери упорно и упорно нè враќаат во челичните прегратки на заробениот ум/заробената држава, на неодговорноста или непознавањето на процедурите и нестручноста, на неорганизираноста на (сè уште заробената) држава... Примерот со графити-вандализмот во Маврово, врз еден споменик од не така дамнешното минато – Споменик на антифашистичката борба во Маврово (од доцните 1970-ти години!), дело на архитектот Раѓеновиќ и сликарот Чемерски – за миг нè врати во времето на деструктивната заробена држава којашто ремоделираше врвни архитектонски дела, со или без дозвола на авторите!, или едноставно ги уриваше па градеше нови (што ќе рече дека спомнатиот споменик добро поминал!), со реакции од само малкумина, главно без ефект, се разбира. Поминавме еден страшен период на целосна узурпација на културата, архитектурата, градителското наследство... мислејќи дека тие времиња нема да се повторат. Ама тие – траат, добиваат во сила и континуитет токму заради сè уште заробениот ум во заробената држава. Очевидци велат дека во Струмица одамна го нема муралот на Иван Велков во Работничкиот дом, дека дури и во хотелот „Дрим“ во Струга некои современи вандали ја демонтирале „Мусандрата“ на Шијак... споменикот од Грабул кај месноста Вардарски рид кај Гевгелија исто така, „Кермес“ (во скопскиот парк) е целосно уништен и никој за тоа не одговараше, џамијата на Имарет ја урна токму државниот експлозив, итн.

Примерот со Маврово – јавно обзнанет, за среќа, од страна на Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и со поддршка на порталот „Сакам да кажам“ – е, значи, само уште еден наш мал придонес во модерниот иконоклазам на современата македонска држава. Иако, во случајов, државата е барем засега амнестирана, додека не се докаже спротивното. Иако и тоа е лесно докажливо: кој одоборил, или кој дал пари на тие мавровски вандали викани „Ресорт Маврово“ да го прават тоа што го правеле? И на таа една будала седната под мозаикот на Гиче, со спрејовите? Ама – тие не знаеле што прават? Ма немој, сега демек незнаењето – оправдува? Па нели тој шутрак е некаков уметник? Така барем го квалификуваат некои други – исти или нему слични – самонаречени македонски шушумига уметници кои кочоперно станаа во негова одбрана, па дури ширеа небулози дека сега споменикот изгледал поубаво. Па што станавме ние, квазиуметничка држава кадешто секоја будала која ќе земе молив, четка или не дај боже спреј во рацете го нарекуваме уметник? Некои дури се и концептуални уметници? Во каква фарса ја претворивме уметноста!? Иако, лично, сакам да верувам дека тие неранимајковци навистина не знаеле што прават. Тие само сакале да си ги оправдаат земените пари. Како што впрочем ни во Скопје оние тутурутки не знаеа што прават, оние кои го „пресоблекуваа“ Муличковски, на пример! Ама нивните финансиери требале да знаат, нели?

Како и да е, неукоста и немарноста, за жал, уште еднаш вандализираше едно јавно уметничко дело, уште еден споменик, без оглед на состојбата во којашто тоа се наоѓа(ло). Иако, во одредени случаи, состојбата во којашто се наоѓа еден јавен објект е пресудна. Како во случајов. Зашто, ако вие сте го оставиле на забот на времето па објектот/делот се распаѓа, до него нема никаква ознака за што се работи или дали објектот/делото е можеби под заштита на некаков закон итн., тогаш како и врз основа на што нашиов простаклук ќе заклучи дека прави прекршок? За среќа, во случајов, станува збор за едно помалку познато дело на тандемот Раѓеновиќ-Чемерски од времето на „Синтезата на архитектурата и уметноста“ а не за оние неколку нивни ремек-дела. Што пак не е никакво оправдување за неговата вандализација. Меѓутоа, кога ќе ги видите фотографиите за состојбата во која што се наоѓал тој споменик... Сакам да кажам, уште еднаш, дека повторно се враќаме на истата и по стоти пат повторена приказна за државната негрижа за уметничкото богатство и културното наследство што го поседува! И намерно ги раздвојувам овие две категории зашто меѓунив постои пред сè формална разлика. Или, ако сакате, не можете спомнатиот споменик да го изеднучувате со, на пример, „Св. Пантелејмон“ во Нерези (како заштитено културно наследство), уште помалку со Охрид (како светско културно наследство).

Во случајот со „нападнатиот“ споменик во Маврово сепак не станува збор за таков тип (регистрирано, заштитено) културно наследство бидејќи кај нас дури и позначајни, поквалитетни современи јавни монументални дела – меѓу нив и некои токму од авторите Чемерски и Раѓеновиќ – немаат таков статус! Зошто? Е тоа е можеби вистинското прашање, но на него (ќе) треба некој друг да одговори! Јас понатаму ќе се обидам да го осветлам од моја перспектива односно онака какошто јас го гледам, но остануваат цела низа прашања за македонските институции. На пример: по кој основ овде „интервенира“ Управата за заштита на културното наследство, па згора испраќа и инспектори и се заканува со пријави? Ако станува збор за меморијален споменик, тука единствен надлежен е – Министерството за култура!

Извор 

ОкоБоли главаВицФото