За рушењето на спомениците на робовладетелите и колонизаторите во САД

08.07.2020 13:23
За рушењето на спомениците на робовладетелите и колонизаторите во САД

Тешко е да се соочиме со фактот дека во САД до пред малку повеќе од 150 години имало робови и дека луѓето се делеле на слободни и робови и според бојата на кожата, и се тврдело дека науката го оправдува тоа; како и со фактот дека, откако робовладетелството било укинато со крвавата граѓанска војна, за 20-30 години биле донесени закони за да се ограничат граѓанските права на црнците, за да ги спречат да учествуваат во политичкиот живот, да ги одвојат од општеството и да ги осудат да живеат живот како ситни криминалци. Законот го забранил робовладетелството, освен ако некој бил уапсен правосилно. Други закони (Black Codes, Jim Crow) овозможиле полесно да се апсат црнците. Сиромашните и необразованите набрзо потоа повторно паѓале во ропство.

Полицијата во јужните држави, како директен наследник на предвоените робовладетелски патроли, двојно ги засили силите со воени ветерани и продолжи по старо. Кога ќе ги соблечеа униформите, облекуваа наметки на Кју Клукс Клан. Сѐ до Мартин Лутер Кинг на американскиот Југ владееше апартхејдот. Популарна атракција во забавните паркови до педесеттите беше Африкан Доџер: црнец ќе ја ставеше главата низ дупка во платно и потоа го гаѓаа со бејзбол топчиња. Топчињата се мошне тврди и можат да нанесат сериозни повреди, какви што и имаше: животот на црнците се сметаше за помалку вреден - и токму тоа е причината за слоганот Black Lives Matter (Црните животи вредат).

Некаде помеѓу 1877 и 1964 година (најмногу од 1890-1920) на Југот беа направени стотици споменици на херои на поразената конфедерална војска, јужњачки генерали, робовладетели, „свои“, без никаков политички отпор, како СКХ во 1971 година премолчено да ѝ дозволеше на Матица хрватска да постави споменик на Анте Павелиќ. Обединетите Ќерки на Конфедерацијата (организацијата постои и денес) кренаа 88 такви споменици, меѓу другото и на Кју Клукс Клан.

Спомениците бодат очи уште од тогаш и настојувањето да се отстранат не е ново, особено после генерациската промена на универзитетите во седумдесеттите, откако левицата го води главниот збор во академските кругови. Уште од деведесеттите спомениците постапно се отстрануваат преку редовните политички канали, со одлуки на градовите и институциите: повеќе од стотина се отстранети со формални одлуки, а помалку од 20 се срушени во протестите. Откако во 2015 година во црнечката црква во Чарлстоун (Јужна Каролина) белиот супрематист Дилан Руф масакрираше 9 луѓе, вклучувајќи го и свештеникот, отстранувањето на спомениците е уште позабрзано: на пример, Њу Орлеанс ги отстрани сите споменици на Конфедерацијата. После неодамнешното убиство на црнецот Џорџ Флојд, кому полицаец со колено му го притисна вратот, во САД паднаа 59 споменици на Конфедерацијата, од кои 12 во Вирџинија, каде се најбројни, и 53 споменици на други, односно претседатели, генерали, поробувачи и освојувачи.

Сега секако е полесно политички да се отстрани некој таков споменик и барем така да се задоволи народот, отколку да се промени полицијата, за што сепак треба време, дури ако за тоа постои добра волја, барем во градовите каде на власт се Демократите. Денес тоа е популарно кај нас исто како остранувањето на спомениците од НОБ после Татковинската војна во Хрватска. Во САД вкупно се отстранети 114 споменици, најмногу во Тексас, 31.

И сите се бели мажи, често на коњ. Во целата земја нема ниту еден споменик од црнец на коњ. Споменикот на Теодор Рузвелт пред Музејот на историјата и природата во Њујорк го прикажува него на коњ, додека еден индијанец и еден црнец благодарно чекорат покрај коњот. И има само три споменици каде жена е качена на коњ, сите три од Јованка Орлеанка (Сиетл, Њујорк, Вашингтон), која не ни стапнала во САД.

Отстранувањето на спомениците не запре на генералите од поразената јужњачка војска, туку зафатени се и спомениците на освојувачите, трговците со робови, колонијалните господари (и другде во светот). Освен јужњачкиот генерал Роберт Ли, падна и Јулисис Грант, исто така робовладетел, кој ја доведе северњачката војска до победа во граѓанската војна. Мермерниот споменик на Џеферсон Дејвис, претседателот на јужњачката конфедерална творба, отстранет е на 13 јуни од зградата на државното собрание во Кентаки, каде стоеше цели 80 години. Во Портланд (Орегон) отстранети се и таткото на нацијата Џорџ Вашингтон и авторот на Декларацијата за независност, Томас Џеферсон, исто така како робовладетели. Ни криви ни должни, во главниот град на државата Висконскин се срушени и Ханс Кристијан Хег (норвешки офицер кој се бореше за ослободување на робовите) и скулптурата на жената која е замислена како алегорија на прогресот.

Најголемиот споменик на Ли во Ричмонд сѐ уште стои зашто е мошне висок и тешко е да се дофати, и служи како проекциско платно за Black Lives Matter и знамињата со боите на виножитото. Свештеникот Роберт Ли Четврти, 27 годишен пра-пра-пра-пра внук на генералот Ли, некогаш во својата соба го ставал знамето на конфедерацијата, но кога во 2017 година видел собир на американски неонацисти со факели околу споменикот на неговиот предок во Шарлотсвил, станал горлив заговорник за отстранување на сите споменици на неговиот пра-пра-пра-пра вујко. Слично, 28 годишниот Клејтон Викам вели дека со олеснување гледал кога демонстрантите во Ричмонд го срушија споменикот на неговиот пра-пра-пра дедо, генералот на конфедералната војска Вилијамс Картер Викам.

Под силна полициска заштита е споменикот спроти Белата куќа на Ендру Џексон, седмиот американски претседател, робовладетел, заслужен за протерување на домородците и 15 илјади мртви на Патеката на солзите, присилниот марш во помалку плодните и помалку привлечните региони на запад. Еленор Холмс Нортон, црна претставничка на главниот град во Конгресот, се бори за отстранување на Џексон и споменикот за ослободување на робовите, на кој Абрахам Линколн милува гол црнец кој клечи пред него. Музејот доброволно ќе го отстрани Рузвелт и, исто така, со одобрување на неговите наследници и со поддршка на гувернерот Куомо.

Падна и шпанскиот конквистадор Хуан де Онате и „цивилизаторот“, свештеникот Хуниперо Сера, двајцата обвинети за истребувањето на домородците. Секако, падна и Колумбо, и тоа во дваесетина американски градови. И по истиот клуч дополнително паднаа околу 20 споменици глобално, по истиот клуч на антиколонијализмот, како кралот Леополд во Белгија, сатрапот во Конго, и трговецот со робови Едвард Колстон во Бристол, Англија, чиј споменик е срушен и фрлен во река: Колстон се збогатил со превозот на 80 000 робови од Западна Африка на Карибскиот остров, од што дури 20 000 погинале за време на патувањето; за тоа добил споменик во 1895 година.

Противниците на овој тренд она што се случува го поистоветуваат со талибанското варварско минирање на кипот на Буда во Бамјан. Меѓутоа, споредбата не држи. Буда не бил ни освојувач, ни поробувач, ниту ги симболизирал освојувањето и поробувањето. И денес, конзерваторите од музејот во Кабул грижливо го обновуваат кипот на Буда од 7000 ситни парчиња во кои се распадна кога Талибанците го разнесоа со експлозија.

Овој тренд специфично се однесува на културата на освојување и поробување, и на отстранување симболи и споменици на таквата култура. Подобро е да се каже дека статуите на моќните паѓаат денес во Америка и светот, како што паѓаа статуите на паганските богови и спомениците на царевите прогласени од бога, освојувачите, победниците и поробувачите во храмовите и на улиците на Рим откако христијанството стана државна религија кон средината на четвртиот век, менувајќи ја парадигмата од славење на освојувачите во славење на жртвите. Мермерните кипови на боговите, божиците и царевите се осквернавени со крстови врежани на нивните чела, како што денес се прави со авто лак и буквите BLM (Black Lives Matter). Хероите станаа злосторници. Нивните жртви, светци.

Споменикот на Едвард Вард Кармак стоеше пред собранието во Тенеси во Нешвил подолго од 90 години (од 1927) пред да биде срушен на 30 јуни. Кармак беше законодавец и новински уредник во Нешвил и Мемфис во раните 1900-ти. Го поддржал линчот на тројца црнци кои сакале да отворат дуќан за овошје и ја набуцкал толпата да го нападне конкурентскиот весник и нивната уредничка, новинарка и активистка Ајда Велс. Борбен и насилен, животот го завршил така што во 1908 година го убил синот на политички ривал. После рушењето на неговиот споменик демонстрантите го прекрија пиедесталот со натпис, именувајќи го просторот пред собранието во Плоштад Ајда Велс. На местото на насилникот симболично ја поставија неговата жртва. А во Бристол граѓаните предложија срушениот споменик на Колстон да се замени со споменик на Пол Стивенс, црнец, работник, кој 1963 година го водеше бојкотот против Компанијата Бристол Омнибус за да ги принуди да престанат да дискриминираат при вработувањето на малцинствата.

Трамп, како и обично, под притисок реагира со двојно зголемување на влогот без оглед на ризикот. И потврдува дека веројатно од сите досегашни претседатели најмалку е заинтересиран да проектира единство. Така за најголемиот празник, Денот на независноста, на 4 јули одржа говор во кој пред густо збиената разголена маса без маски, во земја со најмногу заразени во светот и без ниеднаш да го спомене Ковид-19, како главен непријател ги идентификуваше „екстремно левите фашисти“ чија цел е „немилосрдно да го избришат нашето наследство, да ги извалкаат нашите херои, да ги уништат нашите вредности, да ги индоктринираат нашите деца, да ги срушат статуите на нашите основачи, да ги осквернават нашите најсветли споменици и да разгорат бран насилство и злосторства во нашите градови.“ За таа прилика, без иронија, како позадина ја избра планината Рашмор.

Планината Рашмор е голема скулптура со лицата на четири американски претседатели (Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Абрахам Линколн, Теодор Рузвелт), споменик кој не може да се сруши. Гутсон Борглум, осведочен член на Кју Клукс Клан, го правеше споменикот од 1927 до 1941 година во карпа на планината во чии природни облини Лакота Сиукси ги гледаа Шесте прадедовци (небото, земјата и четирите страни на светот) и која за нив е света.

Значи, белиот човек го осквернави светиот спомен во областа на Сиуксите и на негово место си направи споменик себеси, и тоа недалеку од местото Рането Колено, каде Сиуксите се масакрирани во 1890 година, откако со оружје се побунија против прекршувањето на Договорот од Ларами од 1868 година. Договорот е прекршен зашто по неговото склучување во планините на Сиуксите било откриено злато, па на белците веќе не им одговарал. А сега Трамп кука дека некој ги чепка неговите споменици, ги сквернави и ги руши. Во 1970 година Сиуксите накратко го окупираа споменикот, а во 2012 година Обединетите нации издадоа барање САД да им ја вратат планината на Сиуксите. Планината Рашмор е споменик на украдена земја, на оние што ја украдоа.

Извор: http://ideje.hr

ОкоБоли главаВицФото