По 25 години се вратија карикатурите на култниот Гери Ларсон

09.07.2020 12:01
По 25 години се вратија карикатурите на култниот Гери Ларсон

Никогаш повеќе отколку сега, во оваа 2020 година, на светот му недостасуваат сатиричните карикатури на култниот Гери Ларсон. А бидејќи пандемијата на коронавирусот доминира на насловните страници, сите би можеле да имаме корист од неговиот чудесен хумор.

Ларсон, кој се повлече во 1995 година, во вторникот (7 јули) објави свои нови дела на неговата официјална веб-страница „Far Side“, како што се викаше и серијата карикатури која излегуваше во разни светски весници цели 15 години.

Човек кој повикува „таксидермист“, мечки што јадат извидници, вонземјани што се подготвуваат за киднапирање луѓе се новите карикатури што Ларсон ги објави на својата веб страница. Но познавачите и обожавателите забележуваат дека постојат разлики од претходните карикатури. Имено, за разлика од неговата техника на молив и хартија, Ларсон навлегол во сферата на дигиталната технологија. Исто така, новите карикатури немаат наслов што значи дека читателите се оставени да направат сопствена интерпретација.

„И така, пред неколку години, конечно се презаситив од моето некогаш лојално, но сега предавничко пенкало и решив да пробам дигитален таблет“, напиша Ларсон на својата веб-страница. „Не знаев ништо за овие уреди, но се надевав дека ќе ми ја олеснат трауматичната сезона на божиќните картички. Направив една картичка, ја избришав, но ете се случи нешто сосема неочекувано: за неколку моменти, повторно се забавував со цртањето. Бев запрепастен од сите алатки што ги нуди уредот, целиот креативен потенцијал што го содржи. Едноставно немав поим колку многу се развиле овие работи“.

И новите карикатури на Ларсон го носат неговиот карактеристичен хумор прикажувајќи ги глупавите и смешни страни на луѓето и тајниот живот на животните, најчесто кравите. 

Тој на својата веб страница напиша дека ужива во пензијата, во која се повлече во 1995 година, но дека истражува нови работи и од забава црта дигитално. Според неговата изјава, тој ќе продолжи повремено да ги изненадува обожавателите со нови дела. „Не сакам да погрешно да ме разберете, не се работи за продолжение на „The Far Side", новиве карикатури се резултат на моето патување ко дигиталната уметност. Јас само истражувам, експериментирам и пробувам нови работи“, напиша тој. 

Инаку, серијата „The Far Side“ заврши откако Ларсон (неочекувано) реши да се пензионира на први јануари 1995 година. Неговите 23 книги со избрани карикатури досега се продадени во десетици милиони примероци.

Карикатури: Gary Larson

Извор: cnet.com

Слични содржини

Стрип / Култура / Уметност / Око
Стрип / Култура / Уметност / Око
Стрип / Уметност
Стрип / Уметност / Карикатури
Стрип / Култура / Уметност
Стрип / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото