Виенско кафе

09.07.2020 12:30
Виенско кафе

Секоја чест на англиските и ирски пабови, француските бистроа и италијанските тратории, но вистинско место човек да испие пристојно кафе е Виена, уште повеќе ако човекот е Балканец, па во својот багаж, покрај останатото, ја носи зависноста од тој матен напиток и без кафе не може ни да се разбуди, а камоли да почне каква било работа или разговор. Таа зависност, како и ритуалите кои одат со неа, во наследство ни ја оставиле Турците, кои потоа кукавички преминале на чај, но пред тоа стигнале да ги заразат и виенчанците.

Веројатно за време на долгите опсади кога Турците за малку не влегле во градот, дошло до некаква културна размена: не е сосема јасно што усвоиле Турците од Австријците, но на виенчанците им останала страста по кафето и тутунот. Легендата вели дека првата цигара е запалена токму тука, под виенските ѕидини, кога некој турски топчија, кому му се скршил чибукот, се досетил тутунот да го завитка во тенката хартија што се користела за изработка на топовски фитиљи.

Затоа во Виена, за разлика од другите западноевропски градови, не може да ви се случи во кафуле да видите натпис „забрането пушење“, или наместо кафе да ви донесат инстант бучкуруш, кој со кафето нема ништо заедничко. Исто така, не може да ви се случи по петнаесетина минути да дојде келнерот и со заканувачки глас да ве праша дали господинот сака да нарача уште нешто, имплицирајќи дека нема намера да трпи гости кои седат два часа со една шоља и го успоруваат прометот. Во Виена кафето се пие полека, со прелистување на весниците кои, како што е ред, се врамени во старински дрвени рамки какви што многу одамна имало и во подобрите белградски кафеани. Тапацираните фотелји, мермерните масички и малку завалканите ѕидови побожно се одржуваат во истата состојба во која биле и во времето на Фрањо Јосиф. Виена веројатно е единствениот европски град во кој кафулињата, како посебен вид на културно–историски споменици се дотирани од државата, обезбедувајќи нивен опстанок во име на зачувување на градската култура и животен стил.

Се разбира, во Виена не може да добиете турско кафе, како што не може да го добиете ни во Турција (а богами ни во Босна, каде што во зависност од ентитетот е преименувано во „српско“ или босанско“ кафе). Стандардната виенска понуда опфаќа големо и мало „црно“ или кафе со млеко што се служи во минијатурно бокалче; „меланж“ кафето е автентично виенска измислица и претставува некој вид капучино со цимет и други зачини; силната густа „мока“, која дига од мртви, обично се пие по оброк.

Освен тоа, подобрите кафеани понекогаш служат и сопствени варијанти, обично наречени според историски личности кои некогаш доаѓале тука. Шеќерот задолжително е во форма на старомодните коцки, а со кафето може да нарачате и извонредни овошни колачи, штрудла или парче торта. Ретко се нарачуваат жестоки пијалаци, пиво се пие во пивниците, а вино во „хојриге“, винариите што се наоѓаат на периферијата на градот.

Општествениот и политичкиот аспект на пиењето кафе во Виена претставува посебна приказна: постојат кафулиња за претпладне и за попладне, за навечер и за ноќе; за пензионери и за студенти, за уметници и дипломати. Во метрото, автобусите и трамваите, ретко ќе слушнете луѓето да разговараат; во канцелариите се работи молкум; единствените места каде што се разговара слободно и гласно се кафеаните и таму се одвива речиси целиот јавен живот. Надвор од кафеаните виенчанците се студени, учтиви и мртви сериозни; во кафеана се опуштени и дружељубиви, како вратата на кафеаната да претставува некој вид капија за паралелен свет, кој има сопствени конвенции различни од оние надвор.

Се разбира, тука е и историскиот аспект, што не е чудно ако се земе предвид дека има кафеани што се стари и повеќе од стотина години. Во кафулето „Централ“ во улицата „Хергенгасе“, Ленин и Троцки со филџан кафе и шах ги трошеле емигрантските денови; во кафулето по име „Франц Фердинанд“ несреќниот престолонаследник се среќавал со свршеницата Софија пред да се венчаат; пред битката кај Аустерлиц, Наполеон направил свој штаб во кафулето кое денес го носи неговото име; само господ знае каде седел Вук Караџиќ со својата дрвена патерица и на кои места се собирале сите оние наши емигранти кои во Виена ја барале „Европа“, која дома им била ускратена.

Оние што денес тргнуваат во тој вид потрага ќе откријат дека Виена во голема мера е балкански град, во позитивната смисла на тој поим. Срби, Хрвати, Унгарци, Албанци Словенци, Босанци, веќе со децении тука живеат во мир, едни покрај други, заедно со своите германски соседи, затоплени во сеопфатната култура на кафето. Да умеевме повеќе да работиме а помалку да се тепаме, денес во Белград, Загреб, Сараево, вака би се живеело.

Извор: Vreme


 

Слични содржини

Фотографија / Екологија / Живот / Уживање
Став / Уживање
Живот / Уживање
Живот / Уживање
Живот / Уживање / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото