Човекот или човештвото?

09.07.2020 13:35

Да го сакаш човекот кој плука на земја
крај тебе на семафорот,
или испружениот пијаница пред трафиката
кој смрди и ги пцуе минувачите што не му фрлаат пари,
или жената што го тепа измочканото дете
како да е боксерска вреќа,
или детето што ја клоца баба си
во продавницата легнато на подот,
или момчето што ѝ ја истргна чантата на патничката
и в мигот го снема,
или полицаецот кој тукушто си пикна пари во џебот
фрлајќи го алкотестот на возачот,
или сосетката што намерно го истресе пепелникот
врз твоите испружени алишта,
или возачот кој те испрска со кал
од глава до петици со 200 км на час крај тротоарот,
или манијакот кој се трие од тебе во автобусот,
или политичарот кој ти го пере мозокот
на температура од 90 степени,
или чуварката во затворот што се изживува
врз бремените затворенички,
или претседателот на младите десничари
кој им се заканува на мигрантските деца,
или жената што грабнува девојчиња за бело робје,
или диктаторот што си ја подреди државата
според сопствената потреба,
или добитничката на Нобеловата награда за мир
што молчи пред геноцидот во својата земја,
или поетесата на јазикот на мнозинството
алергична на јазикот на малцинството,
или војникот кој го распарчува со кундакот
бебето врз дојката на мајката,
или серискиот убиец, педофилот, силувачот,
малолетниот деликвент, воениот злосторник,
пријателот што ти станал непријател,
или оној, онаа, оние
кои злоупотребуваат, понижуваат, уништуваат
од почетокот на светот,
секого да го возљубиш како себеси,
а и себе како нив,
– но како, како?

А човештвото е лесно за сакање.
Човештвото е убаво друштво
со кое може да се седи на кафе,
неоптоварено од бремето на човекот
си врви по својот пат,
до целта не мора да гази по трупови
зашто човекот веќе ги изгазил туѓите.
Секој човек е за нешто виновен,
но човештвото никогаш,
човекот е минлив, а човештвото вечно,
човештвото е чесно и совршено,
а човекот – негова спротивност,
па како да сакаш несовршена единка
среде совршено множество?
Полесно е да се сака човештвото
кога човекот крај тебе не е за сакање,
а ти треба да ја исполниш заповедта
да го возљубиш како себеси својот ближен,
и не знаеш кој ти е поближен:
човекот или човештвото?

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото