Законите

01.12.2010 13:03
Законите

„Кој е за, нека крене два прста,
кој е против, нека ја поткрене малку главата“

 

Генерално, сите ние, на купче, онака како општество, имаме проблем со законот. Ова во смисла дека не разбираме што е поентата на законите. Законите во ова општество, и мора да се признае дека е тоа случај со децении наназад, не се средство за спроведување на редот и правдата туку средство за вертикална контрола.

Оној кој ја има власта го користи законот и нејзините под-форми, процедурите, прописите и др., за да ја еманира својата позиција на моќ, да се дефинира себе си како помоќен и посилен. Ако нашиот граѓанин го фати полицаец или сообраќаец за некој прекршок, прво што прави тој е се фаќа за телефон: да покаже дека има некаква моќ во државава, дека знае некого, дека не е немоќен, да возврати на моќта која се обидува да се манифестира врз него. Ова кај нас функционира речиси на ниво на социјален рефлекс. Законот е манифестација на „екстерни локуси на контрола“, а не на принципи, ред, правда и рамноправност. И нема поединец кој може ваквата идеологија сам да ја изгони од општеството. Промената на вредностите е грандиозен проект за кој ние како и да не сме заинтересирани.

Би ви пренел сведоштво на едно пријателче кое вака ја бележи транзицијата vis-а-vis законите: „Вртам-сучам и барам по соседниве земји, по Грции, Турции, роба која мислам дека може добро да оди кај нас. Проценувам, земам, вложувам... И ја разработувам робата и полека ми тргнува. Ја тргнам да земам поголем контингент роба, да зголемам приходи и да ја преминам границата на вложеното кон профит, оп-стој, ми јавуваат дека некоја фирма од кај нас веќе презела права за откуп баш на таа роба. Се враќам јас дома и гледам дека се работи за фирма со одлични позиции кон власта. Добро, одам јас откривам нов бизнис, нова роба, кога ете ти за 5-6 месеци промена на прописи: за да работиш со ова мора да земеш уште едно 5-6 дозволи, мама да си расплачеш по институциите да ги добиеш, или пак да депонираш во банка речиси некоја ненормална сума пари како гаранција. Сè тоа за да пак ти се блокира бизнисот и некој друг „легално“ го преземе. Добро, му велат другариве, па кој те следел, кој те шпионирал??? Дај не тропајте, не бидете наивни, одговара пријателчево. Доволно било во завршните годишни сметки да видат кои бизниси носат повеќе приход, да си направат листа на „добри бизниси“ и преку разни држ-не-дај прописи да им овозможат на своите луѓе „паметно да инвестираат“, а тебе да те исфрлат од игра.

Ете како, во една сликовита форма, законот оперира, и како бизнисот во транзицијата произлезе од политичките центри на моќ и државните пунктови кои ги контролираат пружините на моќ, и „фино-лепо“ му се подреди на политичкото. Законот како средство за репродукција на моќта... и тоа трае, трае и не престанува.

И затоа уште опстојува онаа „близок до власта“, затоа е и таа важна затоа што ќе те осигура дека „законот ќе биде на твоја страна“. Ако вистината е на твоја страна тоа не мора да значи дека истата ќе победи на суд само ако судијата се знае до другата страна во спорот. Да се познава судијата е многу поважно, отколку да се биде на иста страна со правдата. И тоа нам ни е нормално... за жал.

Како по вертикала да се почитува и спроведува законот кога власта се дефинира себе си преку дискрециони права и наменски примени на законите? И затоа сè ни е хаос, законот и редот, во својот концепт се разбиени во старт и тоа од оние кои ги носат најважните одлуки во општеството. Правната несигурност е сеприсутна, а функционирањето на законите е првата нејзина жртва. Втората секако се инвестициите, развојот и така редум.

Кога ние, на пример ќе видиме, дека комшијата фрла ѓубре од балкон, или на улица, тоа за нас веднаш е сигнал дека и ни можеме истото да го сториме. Што па јас ќе се кичмам да ги почитувам „прописите“? Е, сега споредете го ова со бројните приказни и сведоштва на нашите гастарбајтери за тоа како нивните комшии Германци, Швајцарци, Белгијци и други без око да им трепне, ги „цинкареле“ и пријавувале нашинциве во полиција, кога и да остават едно ќесе покрај контејнер или за „ситници“ кога фрлале лименка во корпа за хартија?!? Тука, секако, е највидлива таа диференцијација на културата и свеста за тоа што е закон и пропис.

За волја на вистината, мора да се признае, дека „ниската цена на законите“ не фунционира само по вертикала, туку и се должи и на една традиција која го надминува и претходниот општествен систем: тоа е традиција изградена врз отпор кон туѓинска власт. Законот бил инструмент на туѓа сила, држава или империја, а културата на отпорот се градeла токму врз „дриблањето со законите“, барање на начини да се заобиколат истите, да се избега од законот на поробувачот и слично. Барањето на дупките во зкаонот некако прераснало во наш фетиш.

Сума сумарум, промените на свеста, за сите нешта, особено за законите и другите средства на реализација на правдата и рамноправноста, не се одвиваат сами од себе, мора некој да ги поттикне, да ги буткa, бутка, и со пример, а не со модерните форми на бош-муабетот наречени реклами, да симулира промени во свеста. Скептицизмот е универзална човекова одлика, но кај нас тој си има своја татковина.

Слики: Ендрју Б. Маерс

Точно. СДСМ владееше 20

Точно. СДСМ владееше 20 години и ја воведе таа практика.

Кљусев (ВМРО ДПМНЕ) беше

Кљусев (ВМРО ДПМНЕ) беше премиер над година и пол. Љубчо 4 години. Груевски (до моментов) 4 и пол години (му остануваат уште година и пол).
За овие 20 години самостојна држава, значи, ДПМНЕ била на власт точно 10 години!

"Кога ние, на пример ќе

"Кога ние, на пример ќе видиме, дека комшијата фрла ѓубре од балкон, или на улица, тоа за нас веднаш е сигнал дека и ни можеме истото да го сториме. Што па јас ќе се кичмам да ги почитувам „прописите“? Е, сега споредете го ова со бројните приказни и сведоштва на нашите гастарбајтери за тоа како нивните комшии Германци, Швајцарци, Белгијци и други без око да им трепне, ги „цинкареле“ и пријавувале нашинциве во полиција, кога и да остават едно ќесе покрај контејнер или за „ситници“ кога фрлале лименка во корпа за хартија?!? Тука, секако, е највидлива таа диференцијација на културата и свеста за тоа што е закон и пропис."
Ах...незнаење, незнање. Таман си реков добро тргна текстов, има нешто во него...оп, наеднаш слон во собата! Што ли мислел "копач" под почитување на законите. Но, додека зборува Копач за свеста, се прашувам колку е самиот свесен за законот и каде лежи зајакот. Не е проблемот во културата и свеста за законите и кој кого цинкароши. Проблемот со законите е што контролираат СЕ што може да се контролира. Нормално, потоа постои простор за злоупотреба. Кој има очи нека гледа! Проблемот со пријателчето на Копач е што постојат закони кој му кажуваат што смее а што не смее да продава (за овој проблем МОРА да решава само и само потрошувачот-читај:сите ние другите!-а не некој бирократ од државна администрација-"почитувач на законот").
И не треба да биде за чудење што кога ќе дадеш веќе сила(читај закон!)некому тој ќе ја злоупотреби во своја корист. Некој да интервенира насилно (Државата преку закон!) што ќе си правиш ти со животот а воедно не правиш никому никаква директна материјална штета е спротивно на било кој морал во едно слободно општество. Нема што СИЛА (читај закон!) да се меша во ситуација каде што нема ништо насилно! Каде што има сила нема правдина, но каде што има правдина и почитување на индивидуален простор на делување таму нема ПОТРЕБА од сила (закон!). 
п.с. Жал ми е, ама неможам да ја видам убавината во цинкарошење. Изгледа не сум доволно свесен за важноста на законот (читај: монополизирана моќ од узурпатор на индивидуалните права, Левијатан!). Кога ќе се промени свеста не сметајте на мене! Јас тогаш ќе се борам само за смена на законите и да се тргне Државата од нашиот грб!

ОкоБоли главаВицФото