Акароперп аз доверп

11.07.2020 09:57
 Акароперп аз доверп

(Кристиан Новак: „Црна мати земла“, Алгоритам, Загреб 2013)

Ова ми е вториот текст во животот со наслов напишан наопаку; за вториот роман што го читам последните дваесетина години во кој некој зборува наопаку. Еста од „Богот на малите нешта“ на Арундати Рој зборува наопаку; Франц од „Чрна мати земла“ на Кристиан Новак зборува наопаку; наопаку зборуваат и Рахел, близначката на Еста во романот на Рој(1), и нараторот, првото лице во романот на Новак - Матија Доленчец. По „Болнослатко. Како овенати ружи на ветрец“ („Окталсонлоб. Окак итанево ижур ан цертев“) што беше објавен како поговор во романот на Рој, еве ме и со „Препорака за превод“ за романот на Новак, напишана наопаку: „Акароперп аз доверд“. Коинциденциите, синхроницитетите, подударностите,.. продуцираат силни врски меѓу писателите, меѓу читателите; меѓу писателите и читателите,.. регрутирајќи армија љубители на превртувањето како исправање на книжевноста, всушност, на опачината како можно ново лице; на додефинирањето и редефинирањето на книжевниот вкус, на крајот од краиштата. Но, ова е помалку важното во важниот роман на Новак, само обичен патоказ кон најважното во него.

Влезница за дијалектот

Читајќи го „Чрна мати земла“, дури 7 години по објавувањето и по добивањето на наградата Најдобар хрватски роман за 2013 на T-порталот, постојано се чувствував прозвана од самата себеси да ја коментирам функцијата на дијалектот во книжевното писмо на стандарден јазик, затоа што и мојот последен објавен роман „Аб’т“ (Или-или, 2019) има дијалектен збор за наслов. Во конкретниов случај, насловот, клучните лексеми и носечките фрази во целиот роман на Новак, дијалозите... се на кајкавски дијалект што од една страна мошне го отежнува читањето, особено за македонските читатели, претпоставувам дека подразбира извесен напор и за хрватските; но – од друга страна, самата помисла целиот роман да е на стандарден хрватски е заканувачка и поништувачка за многу негови слоеви, книжевни понирања и валенции.

Во закрилата на оваа доминантна особеност на „Чрна мати земла“ се наоѓаат уште недоброј различни бравурозни постапки, овозможени и меѓусебно поврзани токму со истата јазична емулзија како средство на нарацијата, но и како деликатна постапка за карактеризација на ликовите, на врските меѓу нив, на врските меѓу светот во центарот и светот на периферијата. Јазична емулзија на стандардoт и отстапката како можен обединувач на различните книжевни фактури (формати, правци, стилови) во кои се раскажува романот во сите свои пет дела: академска документаристичка нарација, љубовен роман, билдунг роман, автобиографска фикција – фиктивна автобиографија, хорор и елементи на магичен реализам. Она што овозможува сево ова беспрекорно книжевно да функционира е токму јазичната емулзија, упадот на дијалектот во стандардот, но и обратното – упадот на стандардот во дијалектот. Она што се повторува и ги обединува во целина сите тие различности во романов е токму јазикот на којшто е напишан. Тој е „истото“ (заедничкото) во сите пет дела, тој е обединувачкото, совршеното лепило за искршените сеќавања, умирачки, трауми и речиси оживеано, антропоморфизирано чувство на вина. Јазичната емулзија е деликатно обмислена, премерена и приготвена. Таа ѝ е како вроден белег, неотстранлива дамка, бенка, лузна, трајна тетоважа на приказната. Фабулата како да се пробива од зборовите и фразите (дијалектните, кајкавските!) и про’ртува заедно со сеќавањето во романот. Но, сеќавањето на детството по дефиниција подразбира и сеќавање на зборовите во него. Како едното да не може без другото. Оттаму, се чини недоволно можно и раскажувањето на растењето на периферијата само со јазикот на центарот. Констелацијава функционира како ексклузивна влезница за дијалектот во книжевното писмо напишано на стандарден јазик.

(Не)контролирани адреси на книжевното писмо

Современите книжевни писма најчесто ги имаат оставено дијалектите во романтизмот. Овде-онде ќе се појави песна на дијалект, кокетирање со него, но... наслов на роман, дијалози на дијалект во принцип се избегнуваат и треба да се избегнуваат без специјална причина, затоа што го „праќаат“ книжевното писмо на (не)контролирани адреси. Се зголемува ризикот од патетика, од тривијализација, од хумор, потсмешливост,.. а сето тоа може да го оштети или да го популаризира, естрадизира и банализира уметничкиот текст. Затоа е особено тешко да се работи сериозна книжевност со дијалектен материјал. Неопходно е лексиката да се проткае или да се „оправда“ со и низ нарацијата. Да се уловат дијалектните зборови и фрази од невидливото и со нив целосно да се блесне видливото.

Книжевноста не треба да трча по дијалектите како со мрежа по пеперутки. Таа треба стрпливо да чека да слетаат на нејзините стандардни реченици, да ги рашират значењата и да го растреперат текстот. Дијалектните зборови треба да се намамат со најубавите цветови на јазикот (на нарацијата и на приказната), а тоа е токму она што го прави Кристиан Новак во „Чрна мати земла“ и затоа, меѓу другото, станува збор за олку значаен и исклучителен роман. Новак не нѐ заведува со својот дијалект, туку од него ни ја вади приказната што ни ја раскажува, како од кутија за сеќавање, можеби слична на кутијата за бес на Матија Доленчец во романот, како од меѓумурската земја, црна и влажна, која ги голта селаните или која децата ја џвакаат од немоќ. Пред да се самоубијат или пред да се спасат себеси од сопствените детства.

Можеби и не

Структурата на романот е исто така одлична, како и сите други аспекти во ова дело. Со распределбата на деловите според шемата 3 – 4 – 1 – 2 – 5, се почнува од средината, од фактот дека се случиле осум самоубиства за една пролет во едно меѓумурско село, се продолжува во љубовна приказна со многу вешто владеење на карактерите и односите на љубовниците, врската пропаѓа поради тајните на јас-раскажувачот од минатото и потребата постојано да се извртува или да се реизмислува вистината, потоа сѐ се враќа на вистинскиот почеток (1 и 2), во она што не се крие туку се потиснало, се заборавило, се вади детството на јас-раскажувачот (писател!) со помош на сестрата, психотерапевтот, а најмногу со помош на дијалектот кој целосно ги оживува просторот и времето и од академскиот документаристички стил, преку љубовната романизираност во вториот дел (4), се оди во хорор и магично реалистична приказна во третиот и четвртиот дел (1 и 2) која фасцинантно се заокружува со средбата на љубовниците во последниот дел (5) кога, всушност, писателот (Матија Доленчец) ѝ ги предава третиот и четвртиот (1 и 2) дел како текст во текстот, како разбудена, привикана вистина што секогаш ѝ ја премолчувал или измислувал и поради која врската пропаднала. Можеби и не.

Црна, мајка, земља

Претставувањево на романот е, всушност, препорака за негов превод, зашто е вистински предизвик како за македонскиот читател, така уште повеќе и за македонскиот јазик. Првото издание на романот било со три корици (одлични решенија на Дуња Јанковиќ именувани со трите збора од насловот: чрна, мати, земла); така што можеби и идното македонско издание би можело да ја преземе и оваа тројност – објавувајќи го романот на Новак со три различни корици. Можеби (зависно за кој дијалект би се решил преведувачот, да речеме - кумановскиот) би можеле да се именуваат како: црна, мајка, земља.

(1) Романот „Богот на малите нешта“ од Арундати Рој е објавен 1997 година во Делхи. Добитник е на Букеровата награда за таа година, а на македонски јазик (превод: Катица Гаровска) е објавен 1999 во издание на „Детска радост“.

ОкоБоли главаВицФото