Илјадници филџани кафе за убиените во Сребреница

11.07.2020 21:08
Илјадници филџани за кафе за убиените во Сребреница

Меморијалниот проект „Што те нема“ на американско - босанската уметницата Аида Шеховиќ, вчера (10 јули) беше поставен во Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“, по повод одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот над Бошњаците во Сребреница, кој во 1995 година го извршија воените, полициските и паравоените формации од Република Српска и Србија.

Проектот е направен од филџани во кои во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот од 1995 година се става кафе. Во поставувањето на овој споменик во знак на оддавање почест на жртвите од сребреничкиот геноцид учествуваа волонтери од различни делови на БиХ.

„Денеска се наоѓаме во Поточари каде што ќе го поставиме споменикот на сеќавање „Што те нема“ по 15. пат. Тој во последните 15 години патуваше низ светот и оваа година првпат се поставува на местото на злосторството, тука во Поточари, во Меморијалниот центар. И всушност, филџаните се враќаат дома“, појасни Шеховиќ.

Вчера беа наредени над 8.372 филџани кои се собрани од босанскохерцеговските семејства од целиот свет и од Босна и Херцеговина. 

Според неа, се работи за необичен споменик.

„Затоа што не е траен. Се состои од собрани филџани. Секој филџан симболично претставува еден убиен човек во Сребреница. Го почнавме пред 15 години со првите 932 филџани кои ги собраа мајките и жените од Сребреница. Потоа 7.714 филџани стигнаа од Венеција каде што беше минатогодишната поставка. Откако сме тука на терен, во последните три-четири недели, собираме филџани и имавме одѕив кој ги надмина сите наши очекувања“, изјави Шеховиќ.

Кога Босна и Херцеговина прогласи независност од Југославија во 1992 година, етно-националните поделби ја втурнаа земјата во војна. Во јули 1995 година, силите на босанските Срби ја нападнаа безбедната зона на Обединетите нации, во чии рамки беше и градот Сребреница, каде илјадници босански муслимани побараа засолниште од насилството. Додека босанските муслимани жени и девојчиња беа присилно раселени од Сребреница по инвазијата, останатите 8.373 мажи и момчиња беа убиени. Во 2006 година, Меѓународниот суд на правдата официјално донесе одлука дека овие настани се квалификувани како геноцид. Денес, етничките поделби сè уште го делат регионот. Водачите на српските и босанските Срби и натаму негираат дека геноцидот во Сребреница некогаш се случил.

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото