Да се мисли и живее позитивно

13.07.2020 12:11
Да се мисли и живее позитивно

Во тешки времиња кои бројни луѓе одамна ги преживуваат, а за кои станавме свесни дури откако се случи оваа денешна криза, треба да се потсетиме и повторно да научиме четири чувства што сме ги заборавиле: благодарност – за оние кои се во првите редови, епматија – за оние кои страдаат, восхитување – за оние кои пронаоѓаат решенија и алтруизам – за да дејствуваме со цел едни на други да си дадеме поддршка.

А за да можеме да дејствуваме, не смееме да дозволиме да нè спречи стравот кој парализира, туку мора да продолжиме напред, храбро и луцидно – позитивно – потпирајќи се врз она малку извесност, која бевме принудени да ја откриеме или повторно да ја откриеме заради сето ова што нè снајде.

Овој вирус е само еден од многуте што нè демнат и кои ни се закануваат. За да победиме и да ја извојуваме оваа битка, но и да се подготвиме за победа во сите идни битки, еве десет привремени и позитивни начела до кои треба да се држиме:

1. На човештвото повторно му се заканува зло што е во природата а кое луѓето само го влошиле. Зло, кое и овојпат можело да се предвиди, во поглед на кое, претходните генерации не направиле доволно за да ги заштитат овие денешни генерации.

2. Пред овие и бројни други закани, сите наши некогашни желби и алчности денес делуваат сосема излишно.

3. Соочени со оваа и бројни други закани, многумина станаа свесни дека ништо не вреди толку колку времето поминато со ближните и смислата што ја придаваме на сопствените животи.

4. И други вируси и други непријатели се закануваат и ќе му се закануваат на човештвото: климатски промени, сиромаштија, нереди – непријатели кои само се преплетуваат со овој денешниот и дополнително го влошуваат.

5. Пред овој и сите други неброени вируси дефинитивно е потребно да се премине во режим на воена економија и треба да се посветиме само на она што е суштинско.

6. Борците во оваа денешна битка, без разлика дали се видливи (здравствени работници, полиција, просветни работници, политичари, новинари и многу други) или невидливи (ѓубреџии, касиерки, продавачи на овошје и зеленчук, леб или месо, возачи и многу други) се далеку поважни за опстанокот на општеството отколку многу други чии активности одеднаш се покажаа толку неважни за нивните довчерашни клиенти.

7. Ако се опоравиме благодарение на овие борци, во еуфоријата на некоја нова пролет, не смееме да ги заборавиме претчувствата на оваа што ја изгубивме и да заборавиме дека овој вирус може да се врати, како и тоа дека сè уште ни се закануваат бројни други опасности.

8. Не смееме да бидеме задоволни од повторното создавање на услови за враќање на овој ист криминален општествен модел што нè доведе во оваа војна, која сè уште можеме да ја изгубиме и која сигурно ќе ја изгубиме ако од неа не ги извлечеме вистинските поуки.

9. Ако сакаме да го избегнеме враќањето на овие зла и да ги отстраниме овие и сите идни вируси, конечно мора да признаеме дека општеството може да функционира совршено добро и да биде среќно ако и повеќе од половина од неговите активности за создавање богатство се посветени на индустријата и услугите во здравството, исхраната, хигиената, образованието, културата и заштитата на животната средина, како и сите технологии што ќе бидат потребни за тоа.

10. Конечно, ќе мора да управуваме со секоја земја и со целиот свет со далеку поголема емпатија, љубезност, блискост, правда и човечка топлина – исто онака како што и денес помалку го правиме, во паника и притиснати од несреќата.

Само ако ја научиме оваа лекција еднаш засекогаш, ќе можеме да го победиме овој и да се бориме против идните непријатели и на идните генерации да им овозможиме живот, доколку е можно подобар од нашиот.

Жак Атали е француски економски и социјален теоретичар, писател, политички советник и висок државен службеник, кој работел како советник на претседателот Франсоа Митеран од 1981 до 1991 година.

Слики: Christine Wei

Извор: attali.com


 

ОкоБоли главаВицФото