Вистинскиот победник

13.07.2020 12:01
Вистинскиот победник

На два дена пред гласање, смее ли човек да го каже својот фаворит, својот победник? Смее, се разбира, бидејќи тоа нема да биде прекршување на предизборниот молк. Зошто? Затоа што станува збор за немакедонски односно за странски политичар, за човек – да, вклучен во кампањата на една партија – повторно да, ама човек кому Македонија многу (ќе) му должи. А се вика Алексис Ципрас.

За многумина тој оди во тандем со нашиот Заев, секако, ама јас сепак попрво му аплаудирам/се заблагодарувам на Ципрас. И за тоа имам причини, тие никако не се лични/персонални, ама кога би го спомнал Заев тоа би звучело навивачки и прекршување на молкот, плус мислам дека ние сепак треба да им се заблагодаруваме на пријателите од соседството, па и од Европа и светот, на нивната отворена поддршка и симпатии. А во тој контекст особено на Алексис Ципрас кому му требала не мала смелост и одважност за еден онаков потег. Впрочем, тој и ги загуби изборите токму заради нас и Преспанскиот договор! Со тоа никако не мислам дека нашиве – Заев, Димитров и останатите – се помалку „вредните“. Никако. И ним им беше неопходно европско визионерство, речиси луда смелост, па и дрскост, пред „фалангите“ на заробениот македонски ум да се излезе со еден онаков договор! Историски во секој поглед, несебичен, насочен за некои нови генерации и нивната иднина. И неразбран, секако и сè уште, неразбран од еден прилично голем дел од македонската популација задоена со себични, квази-историски и во основа националистички „вистини“ што ги тормозеле луѓево со векови.

Деветнаестовековната идеја за некаква нивна историска Македонија се покажува контрадикторна и контрапродуктивна на совремието, на новите геополитички поместувања, на глобализираниот свет. За тоа можеме (делумно) да ги обвинуваме вековите на неслобода/ропство, на неможност за самоопределување и развој како посебен ентитет во рамките на овие простори, ама никако не смееме да им робуваме на лагите и флоскулите од времето на вемерото – историско или сегашно – на „идеите“ на секоја битанга која себеси се претставува(ла) како национален ослободител! Тоа, едноставно, е самоубиствено, нецивилизациски, некултурно… Кога кон сето ова ќе ги приклучите идиотизмите со коишто делови од (самонаречената) македонска интелектуална елита го хушкаат народот и победата му ја претставуваат како историски пораз само заради фактот што тие не можат да ги согледаат вистинските димензии на настаните или пак повеќе се грижат за џебот отколку за државата, тогаш нештата добиваат на значење!

Е токму затоа Алексис Ципрас, со неговото појавување во кампањата, е човекот победник на овие избори! Барем за мене, се разбира.

Тоа што го направија Ципрас и Заев – еве прв пат пишувам за тој историски настан, со причина – се граничи не само со невозможното, не само со некој надреализам за овие простори, туку и со онаа (за жал заборавена) ултимативна храброст на челните луѓе на ДАГ и на НОВ и ПОЈ на Македонија во некои минати времиња. За жал, повторно, тоа многу го чинеше Алексис Ципрас, го чинеше пораз на изборите и повторна (политичка) доминација на неколкуте докажано политички неспособни и во самата суштина кримогени семејства во Грција. Ципрас и ним им се замеша во „бизнисот“ викан политика. Не знаеме каква цена ќе плати Заев, прво на претстојниве избори – можеме само да се надеваме дека тука нема да има проблем – а потоа и во натамошната негова политичка кариера, ако реши да ја продолжи. Сакам да кажам: народот, гласачите не секогаш се докрај свесни за придобивките од актуелните политички процеси во државата. Не секој, во секој миг, може да ги согледа вистинските димензии на настаните, особено не во услови на вакви отворени националистички пропаганди какви што се водеа и во времето на изборите во соседна Грција и денес, во времето на овие избори кај нас. Поточно, тие трендови, благодарејќи на тотално политички неписмената опозиција, не само кај нас, нели, туку и тогаш кај јужниот сосед, а раководени пред сè и исклучиво од себични лукративни причини, се обидоа и ќе се обидуват да ги блокираат сите интегративни процеси на Балканот. Така им одговара, се разбира, ним но не и на државите за коишто наводно се грижат! А сепак, никој не успеал низ личните лукративни мотиви да го сопре тркалото на историјата. Тоа меле не само ситнодушни џуџести типови од профилот на оној од Интегра, па оној Апасиев, Силјановска, Панов, Мицковски, Дурловски… туку и цели „партии“. Ги меле тесноградоста, себичноста, национализмот и шовинизмот, аисторичноста, лагата, неукоста… Ќе ги смеле, кога-тогаш, и оние фолклорни етнотипови како Ахмети, Тачи и компанија. Или, ако сакате: зошто Ахмети не го предложи за „нивен“ премиер токму Ципрас, туку едикојси Зибери? И баш таа и таква етнозалуденост на Балканост беше со историскиот булдожер изметена со Преспанскиот договор помеѓу Заев и Ципрас, а со идеја којашто поотворено ќе ја поздравуваме дури после две-три децении.

И затоа, за мене, ако е дозволено, Ципрас е вистинскиот победник на овие македонски избори. Но, не само заради неговата историска видовитост, туку и заради тоа што тој единствен се осмели во една македонска предизборна кампања да ја спомне и македонската култура низ цитати од Блаже Конески и Владимир Мартиновски! Тоа не го слушнавме од македонските партии, уште помалку од албанските. Ако грешам, поправете ме: ја спомна некој македонски политичар македонската култура? Макар и со збор, еден… ? Но, како што обично и се случува, разноразни македонски „стручњаци“ и тоа успеваат да го извитоперат. Но сепак, Алексис Ципрас останува една од најсветлите точки во овие македонски избори. За разлика од него, видовме/слушнавме обраќања и на некои други странски „политичари“ – навредливи во самата нивна појавност и суштина. Што пак мојот пример го прави дотолку поголем!

Карикатури: Alexander P, Jordi Soler