Враќање на работа на две тркала

14.07.2020 11:26
Враќање на работа на две тркала

Ноќта пред да се укинат прилично строгите рестрикции воведени заради заштита од коронавирусот, комуналците во Париз беа растрчани по улиците. Поставуваа сообраќајни препреки на коловозите и на асфалтот забрзано ги исцртуваа жолтите симболи за велосипед. До утрото беа поставени километри на „корона патеки“ и пред почетокот на работното време тие веќе беа зафатени од мноштво луѓе кои на работа одеа со велосипед.

Меѓу нив е и Кристоф Тафоро (52), комерцијален директор во една агенција за вработување. „Ова е првпат во мојот живот на работа да тргнам со велосипед; не сакам да го ризикувам здравјето и да се се возам во градскиот превоз. Полека учам велосипедот да ми биде главно превозно средство“, вели тој по 20-минутно возење низ градот за да стигне до својата канцеларија во близина на Бастиља.

Кога европските градови почнаа да се отвораат по периодот на карантин, велосипедите ја заземаа централната улога во враќањето на луѓето на нивните работни места. Владите се обидуваат повторно да ги покренат економиите соочени со тешка рецесија, но не можат да се потпрат врз јавниот превоз како начин за транспорт на вработените заради мерките за социјално дистанцирање кои важат и понатаму. Особено во урбаните средини велосипедите станаа многу значаен дел од проектот „рестарт“.

Париз, јуни, 2020.

Пандемијата ја забрза еколошката транзиција со која би се ограничил автомобилскиот сообраќај и би се намалило загадувањето, дотолку повеќе што новите истражувања покажуваат дека постои поврзаност помеѓу валканиот воздух и бројот на починати од Ковид-19.

Франција, Италија, Велика Британија и некои други држави забрзано ги зголемуваат инвестициите во новата велосипедска инфраструктура и плановите што повеќе луѓе да почнат да возат велосипеди.

Парижаните можат да се пријават за субвенции до 500 евра за купување електрични велосипеди, но и да добијат ваучер до 50 евра за поправка на стариот мотоцикл. Компаниите кои се занимаваат со изнајмување велосипеди бележат рекордна побарувачка. Нови патеки никнуваат речиси секојдневно, а во бројни европски градови продажбата на велосипеди е четирикратно зголемена.

„Кризата јасно ни покажа дека мора да го промениме начинот на живот, а со тоа и начинот на кој се движиме и работиме. Во ера на социјално дистанцирање, луѓето се плашат да го користат јавниот превоз, а градовите не можат да поднесат натамошно зголемување на бројот на автомобили. Затоа велосипедот е природно средство за мобилност во иднината“, вели Мортен Кабел, првиот човек на Европската велосипедска федерација.

Европските метрополи ги намалија и капацитетите на метроата, автобусите и приградската железница и до 80 отсто. Само во Париз речиси десет милиони луѓе, пред карантинот, секој ден го користеле јавниот превоз; денес за да се овозможи простор меѓу патниците, системот дозволува транспорт на само два милиони луѓе.

Британската влада обезбеди фонд од околу 250 милиони фунти за да се пронајде повеќе јавен простор за велосипедистите, да се прошират тротоарите и да се направат коридори кои ќе смеат да ги користат само велосипедите и автобусите.

Милано направи акција наречена „Strade aperte“ или Отворени улици, програма во која се направени 35 километри нови патеки за велосипеди и пешаци. Тоа е дел од поголем проект за промена на центарот на градот и за намалување на загадувањето. Исто така, италијанската влада одобри субвенции во висина од околу 70 отсто од цената на велосипедите. Владата наложи и што побрзо да се направат нови патеки во центарот и во предградијата и да се обележат старите, како што е направено во Париз. Целта е до крајот на месецот да се направат нови педесет километри патеки кои ќе ги следат постојните рути на метрото и приградската железница.

Стефан Киф, Париз, јуни, 2020.

Стефан Киф, сопственик на работилница за поправка на велосипеди во Париз, вели дека го охрабрува новата генерација велосипедисти. „Велосипедот отсекогаш бил дел од францускиот идентитет“, објаснува тој.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото