Основан Фонд за солидарност на културните работници на Србија

14.07.2020 14:10
Основан Фонд за солидарност на културните работници на Србија

Фондот за солидарност воспоставен на 3 јули годинава со потпишување договор за соработка меѓу Здружението на ликовни уметници на Србија, Сојузот на здруженија на ликовни уметници на Војводина, AICA Србија, Страница – сервис за современ танц, БАЗААРТ и Асоцијација НКСС, наменет е за сите оние за кои државата не е способна да се грижи.

Фондот за солидарност на културните работници во Србија е наменет за сите уметници, културни работници и други професии од чие работно ангажирање непосредно зависи културната и уметничка продукција, а кои се изоставени во мерките на Владата на Република Србија и на останатите државни нивоа, со цел надминување на финансиските потешкотии настанати како резултат на последиците од епидемијата на Ковид-19.

Поради последиците од пандемијата и неможноста за работа за време на и по вонредната состојбата, многумина во секторот култура останале без поголемиот дел или без сите приходи, што го потврди истражувањето  на Центарот за емпириски студии на културата на Југоисточна Европа. Увидувајќи ја моменталната ситуација и недоволните мерки на надлежните институции да ги ублажат или отстранат овие последици, покрената е иницијатива за формирање ваков фонд на солидарност.

Маријана Цветковиќ, претседателка на Станица-Сервис за современ танц, обрнува внимание на самата идеја за иницирање заеднички фонд која се јавила веднаш на почетокот од оваа криза во различни здруженија и заеднички културни платформи, но и дека истовремено се јавила свест за тоа дека е неопходно во тоа да се здружат, да се поврзуваат ресурсите. Клучната идеја била да се направи фонд кој ќе води сметка не само за членовите на сопствените здруженија туку и многу пошироко, за сите оние културни работници, уметници „за кои, како што се покажа, државата не знае да се грижи“.

Исто така, се покажа дека државата нема податоци за тоа колку луѓе вкупно се ангажирани во овој сектор, ниту во какви услови живеат, и дека Министерството за култура и информирање не располага ниту со информации за различните категории вработени во секторот култура:

„Кога велиме категории, мораме да го споменеме фактот дека полето на работа во културата значајно се има променето, додека нашите закони не ги следат тие промени и дека Законот за работа и сите други закони кои ги регулираат различните работнички и други права на граѓаните, не се препознаваат во тие нови категории на луѓе кои работат на полето на уметноста и културата. Со други зборови, државата препознава вработени во јавниот сектор, или вработени во некои други правни лица, невработени и самостојни уметници. Сите останати се надвор од видокругот на државата. Соред тоа, и мерките кои се донесени го следат тој ограничен увид и ограничено поле во кое Министерството за културата одлучи да работи, дури и во услови на криза.“

Според Александар Поповиќ, претседател на управниот одбор на Асоцијацијата НКСС, поради општата општествена криза, не би било лесно да се организира некаков солидарен настан за да се соберат средства, и затоа било потребн споменатите организации да се обратат на различни фондации со кои веќе соработувале, но и на некои други, за доволно брзо да се соберат средства за поддршка. За конкретниот фонд, објасни: 

„Се работи за полицентричен фонд, во кој рамноправна тежина имаат сите коосновачи, додека средствата ќе се администрираат преку секој поединечен оосновач како и исплати на поединечни корисници кои ќе се пријавуваат преку нив. Со тоа сакаме да градиме доверба која надминува една заклучена институција.“

Досега се собрани средства за еднократна солидарна помош на барем 150 загрозени културни работници во износ од по 30.000 динари (255 евра) бруто, а средствата ќе бидат дистрибуирани во согласност со правилникот на Фондот на солидарност. Овие средства се донирани од страна на Фондацијата Отворено општество, Швајцарската агенција за развој и соработка, и FundAction Платформата, како и Фондацијата Хајнрих Бел која ја поддржа работата на подготовката на Фондот. И понатаму се очекува одговор од Министерството за финансии од кои е побарано ослободување од плаќање данок при исплата на солидарна помош, за загрозените да добијат максимална помош.

Извор: Машина

ОкоБоли главаВицФото