Антикварница

16.07.2020 14:33
Антикварница

Веќе со години една од моите најголеми страсти претставува претурањето книги по антикварниците, или ако ви е попријатно за уво – старинарниците – да го употребам нашиот преубав старовремски збор, денес веќе во расчекор, како и многу други работи.

За мене антикварниците отсекогаш биле убави на вознемирувачки начин. Во тие чудесни „божји арки“ преполни со дарежливи свети тајни и красотии, влегував со горлива страст, секогаш имајќи ја на ум реченицата на Шејка: Transit classificando (минувам класификувајќи), а со надеж дека од таа натприродна количина хартии, бакрорези, стари гравури, литографии со призори од ловџиски хајки, разгледници со „сончева светлина“, писма украсени со старински водени печати, предвоени еротски фотографии, ведути, мапи, ракописи, атласи и манускрипти, носен од некоја мистериозна струја на примопредавање на доброто, до мене ќе доплива и ќе изнурне некаква скапоценост.

Влегувањето во антикварница крие речиси митска димензија, авантура и неизвесност, аура на враќање во „оние времиња“ кога светот беше поинаков, поромантичен, поубав. Авантурите на страствениот читател и собирач на книги кој трескавично пребарува по антикваријатите, не се ништо помали од авантурите, да речеме, на еден Синбад Морепловец. (Кога во една прилика во некоја антикварница наидов на тенко тефтерче во кое Вилијам Батлер Јејтс ги запишувал своите песни, а кое претставува вистински антикварен бисер, имав впечаток дека во раце држам грумен злато што стигнал до мене со помош на некоја сепроникнувачка сила на магнетизам, или по пат на самата божествена промисла).

Сузан Сонтаг е сосема во право – ловот на книги ја збогатува нашата географија на задоволството и претставува уште една причина за нашето шетање по светот. Навистина, желбата да се поседуваат ретки книги е еден од најгорливите занеси во кругот на животните копнежи. Има ли за кој било чистокрвен библиофил и писател нешто повозбудливо од тоа во некоја добра антикварница околу себе да ги почувствува старите книги кои стојат една покрај друга во некој вид фатална блискост, како топли и живи суштества полни со силна крв (немаат ли книгите повеќе моќ врз нас отколку ние врз нив?).

И дали има некој што истргнувајќи од долгогодишен сон некоја книга со кожни корици не го заплиснала магијата на минливоста на животот и на сè што е човечко, отелотворена во мекиот прав (последниот прав на светов) кој се растура полека како цветниот прав од крилјата на ноќните пеперутки?

И како што во љубовта најубавото е она што претстои, она кога се качувате по скалите, така и во обиколувањето на антикварниците најубавото е патот до нив. Оној што уште не зачекорил пред олтарот на библиографските откровенија и кој сè уште во целост не се оддал на блескавото многубоштво (многуженство) на книгите, никогаш нема да ја почувствува спектакуларната магија со која занесените колекционери - цел еден посебен свет достоен за во роман, носени од гностичка глад, трагаат во тоа кралство на лежерноста и нередот, по прапочетоците на некое одамна заборавено знаење.

За таа миризлива наслада и маѓепсаност, која како да не е од овој свет, Штефан Цвајг напишал два велелепни, денес заборавени раскази: „Мендел книгољубецот“ и „Невидливата збирка“.

Како и дворјаните, библиофилите се луѓе со префинет инстинкт и вкус, приковани за своите страсти како за крст. Во нивните духовни очи книгата не е само обичен утилитарен инструмент, туку љубов, фатум, судбина, контемплативен предмет и „повик за смирување“.

„Книгољубието е грев против животот; име на гревот: библиолатрија - обожување на книгата како идол“, вели архиволшебникот Бела Хамваш.

Но, таа страст што е производ на особена детерминистичка алхемија, во некои екстремни случаи може да биде доведена и до манијакалност, како во случаот на извесен библиотекар од Барселона, Хуан Винсент, кој само за шест години убил дури девет луѓе за да се добере до книгите што ги сакал за својата библиотека.

Парадоксално но вистинито, увидов дека средно богатите библиофили ги поседуваат највредните библиотеки. На кои сè начини тие волшебници доаѓаат до книгите? Без сега да зборуваме за тоа, зошто влегуваме во заплетканите, непроѕирни тајни на собирањето, трампата и посреќувањето, едно мора да биде јасно: чесен библиофил едноставно не постои! Не сум успел да довлечкам во својата библиотека некои ретки книги заради недостиг на пари, а кои потоа без трага исчезнале од антикварницата. Тие понекогаш ми се појавуваат како чкорче што се насмевнува некаде во темнината, а потоа згаснува.

Бројот на вистинските антикварници кај нас е смешно мал. Пред војната во Белград ги имало повеќе од дваесет. Денес ги има само неколку, а од нив единствените вистински антикваријати се „Доситеј Обрадовиќ“ и несомнено најдобриот „Орфелин“ на Скадарлија, кој го водеше извонредно упатениот и информиран Предраг Миловановиќ.

Како што изгледа, ретката фела на тие предисториски книгосауруси со дијамантни книшки мозоци, тие смотани пирати на Вавилонската библиотека и махери кои ги владеат таинствените каталози на стари книги и на чиешто аргусовско око ништо не може да му побегне, денес се во изумирање.

А антикварниците, во ова време кога меморијата ни станала прилично лелеава, ни се попотребни од кога и да е порано. Потребни се и поради тоа што нè упатуваат на АНТИ – КВАРИ – УМ, значи дека сè што е антитрадиција и што нема упориште во нејзините раскошни трезори, го расипува умот. Или, со зборовите на големиот претставник на десната монархистичка и аристократска мисла, Бела Хамваш: „Постои само едно знаење: традицијата, само еден поредок: традицијата, само еден закон: традицијата. Традицијата која е една за разлика од религиите кои ги има многу.“

Во тоа златно светло на зачувување на традицијата, се потсетувам на зборовите на еден пријател, стар библиофил од Сараево, кој поминувајќи ги речиси сите антикваријати во Европа, имаше собрано значителна збирка на стари книги, а особено скапоцена збирка на книги за школки. Тој чуден старец, сув како сарага (што ли прави тој сега?), еднаш ми се довери: „На мојата надгробна плоча наложив да стои моето име, годините на раѓањето и смртта и натпис – сакаше да пребарува книги по антикварници“.

Извор: Vreme

 

Слични содржини

Уживање / Култура / Настан
Уживање / Музика
Живот / Уживање
Уживање / Култура / Уметност / Филм / Историја
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура

ОкоБоли главаВицФото