Тел Авив

16.07.2020 15:36

Тел Авив, моја убава курво,
девојче нашминкано,
наполни ми када со пенлив коктел
нахрани ме со јазици од аспарагус!
Утеши си ги децата со кармин-бакнежи
и остави ги да цицаат од секоја дупка.

Захи, од чија дланка растат влакна бели како тенија,
кој се боцкаше со игла
за да провери дали е мртов;

Мими, која купуваше играчки во Ерос
и сите нѐ имаше како да сме ѝ сладолед.

Дина, која танцуваше без музика,
но секогаш знаеше кога се менува ритмот.

Дови, кој со насмев и трепет
ги правеше своите Гуру Махараџи медитации
пред звучниците што се тресеа
од суперсоничната врева на Вангелис;

Старата Авија, која збираше коски на муслиманските гробишта
и од стари карти ја читаше судбината на светот;
која се шминкаше пред нас, божем невеста на прозорец
во ноќи со полна месечина.

Едан, кој со раце обликуваше живи тела
во јавните тоалети на главната автобуска станица,
кој налето спиеше покрај морето,
а телото му го грицкаа риби и рибари;

Ирис, која голташе ЛСД божем слатки
и завиваше заедно со баба ѝ заклучена в кујна,
постојано се обидуваше да ги одгризе кренатите фалуси
што ги прекриваа ѕидовите на Зохаровите соби.

Граду на скршени, камени раце, те обожававме,
очајнички барајќи ја вратата во ѕидот;
соочени со бескрајните предели на Ешер,
патот си го загубивме.

Моја убава курво,
девојче нашминкано,
не одмивај го мирисот на ноќта од твоето тело,
не брзај да ги запетлаш сите петличиња
или да ги покриеш нашите љубовни модринки
со шамијата на утрото.

Млади отпадници, братство на лепрозни,
тука имаме и оган и јаглен; жртвени јагниња,
нашето свежо месо е подгорено во пламенот на скарата.
Плашејќи се од лавиринтот, заглавени сме во дрмлакот.

Превод: Зоран Анчевски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото