Избори, корона и обединета Европа

16.07.2020 18:00
Избори, корона и обединета Европа

Доближувањето кон ЕУ беше во фокусот на македонските парламентарни избори, кои би можеле да бидат решавaчки дали земјата ќе продолжи по зацртаниот европски пат. Со вакви одгласи доминира известувањето во низа западни медиуми, нагласувајќи ја постизборната компликувана реалност, односно тешките преговори за состав на нова владина коалиција, во кои, по тесната изборна победа, треба да влезат социјалдемократи на Зоран Заев, наклонети кон ЕУ.

Тоа, се разбира, може да се сфати и како поедноставено гледање на нештата, бидејќи сликата по изборниот исход во однос на клучните прашања е мошне покомплексна, со оглед на спротивставените и тврдо димензионирани партиски и етнички интереси. Иако, сепак, во предизборнта кампања беше јасно дека СДСМ секаков обид за нарушување на патот кон европските интеграции го смета за „одење во изолација“, или, пак, категоричните изјави на Али Ахмети дека секој што би посакал да коалицира со ДУИ би морал да ги прифати како реалност Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, кои го отворија патот за забрзување на евроатлантските интеграции на Македонија.

Прашањето за доближување кон ЕУ, за јакнење на европската соработка и на напорите за зачувавање на големиот внатрешен пазар и отворените граници меѓу членките, добива сè поголемо значење во екот на корона пандемијата. Не само од аспект на натамошно проширување на ЕУ, во кое Македонија, како што покажаа штотуку одржаните избори, ги полага своите надежи и своите развојни аспирации, туку и кога станува збор за односите меѓу ЕУ-членките, особено оние кои го чинат Истокот на Унијата.

И на неодамнешните претседателски избори во Полска беше постигната мошне тесна изборна победа со само два процента разлика, а што претставуваше потврда за длабоката поделеност на полското општество, со полиберален урбан дел од гласачкото тело, наколнет кон натамошно јакнење на евроинтеграциите, и конзервативните гласачи од внатрешноста кои во голем дел ги поддржуваат политиките што актуелното полско раководство го доведоа во судир со Брисел. Пред сè, поради нарушувањето на темелните принципи на ЕУ, поврзани со механизмите на демократско одлучување, ограничувањето на слободата на медиумите, функционирањето на правната држава и изборот на судиите.

Оттаму и беа актуелизирани прашања во пресрет на претседателските избори во Полска. Дали е Полска на пат кон уште поголема концентрација на власта и јакнење на национализмот, на штета на демократијата? Или, пак, земјата сепак ќе се врати на патот кон либерализација и интеграција со Западот, кој започна по падот на Берлинскиот ѕид? Западните медиуми не пропуштија да забележат дека доколку Полска не го смени курсот сега, би можело да биде тешко да се надминат спротивставените гледишта и пукнатините меѓу Варшава и ЕУ. Една влада која не ги почитува темелните вредности на ЕУ, не може постојано да смета на непречен дотек на средства од европските развојни фондови во сопствената државна каса.

Слични прашања би можеле наскоро да се постават и во однос на изборите во Унгарија, или некои други источноевропски земји. Но и во западните членки, особено сега, кога поради сеопфатната борба против корона пандемијата на удар се најде економијата, солидарноста и безграничната соработка. Дел од богатите членки тешко се согласуваат со усвојување на енормните заеднички ЕУ-фондови за поддршка, иако многумина сметаат дека некаков друг избор или алтернатива не постојат. Доколку некој е член во некој клуб, тогаш треба и целосно да учествува, да „биде целосно внатре, а не само со едната нога“.

Тоа што се очекува е „активна одговорност“ за да се даде сопствен придонес, за да се овозможи пановите на ЕУ за помош и поддршка навистина да функционираат. За малите земји, како богатите така и оние посиромашни, е навистина од големо значење институциите на ЕУ да функционираат. Во спротивно остануваат изложени на интересите на големите сили, врз кои малите тешко можат да влијаат. Македонските историски искуства претставуваат доволно јасна потврда во тој контекст.

Сите што одблиску ги следат ЕУ-политиките, го делат мислењето дека функционирањето на бриселската бирократија е далеку од совршено. Добар пример за тоа беа и неодамнешните избори во Хрватска, каде што преку изборно видео, направено зад знамето на ЕУ во канцеларијата во Брисел, претседателката на Европската комисија, Урсула ван дер Лејен, се вклучи во изборната кампања на ХДЗ. Таа потоа се извини поради тоа, бидејќи таквиот нејзин настап претставува кршење на правилата во ЕУ, односно дека треба да ја тргне настрана својата партиска книшка и да дејствува исклучиво партиско-политички неутрално. Овој нејзин гаф предизвика низа медиумски реакции.

Бриселските дипломати не стојат секогаш целосно зад своите ветувања и заложби. Шведската новинска агенција ТТ потсетува дека промената на државното име всушност требаше да го забрза доближувањето на Македонија кон членството во ЕУ. Но „кога Македонија стана Северна Македонија, се покажа дека патот до членството е сè уште мошне долг“. Тоа беше и причината за Заев да распише предвремени парламентарни избори.

Во секој случај, како централно прашање во однос на парламентарните избори во Македонија се апострофира натамошното доближување кон ЕУ. Токму затоа, тешките постизборни преговори кои претстојат во Македонија, помалку ќе бидат следени во меѓународната заедница со интересирање кој ќе ја добие довербата да ја состави новата Влада, бидејќи вниманието сега не случајно се фокусира врз прашањето кое е веќе поставено: во која насока ќе продолжи да се движи државата?

Слики: Sonia Alins

Извор за текстот: Плус Инфо

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото