Класна војна во доба на пандемија

17.07.2020 00:50
Класна војна во доба на пандемија

Кризата на еврото која почна пред десетина години долго се прикажуваше како резултат на конфликтот на штедливиот север и расипничкиот југ. Причина за таа криза беше токму класната војна која Европа, па и нејзините капиталисти, значително ги ослабна во однос на САД и Кина. Што е уште полошо, одговорот на Европската унија на пандемијата, вклучувајќи го европскиот фонд за опоравување кој се разгледува, дополнително ќе го продлабочи овој класен конфликт и ќе му нанесе уште еден тежок удар на европскиот општествено-економски модел.

Ако изминатите децении научивме нешто корисно, тогаш тоа е сознанието дека фокусирањето на економијата на која било поединечна земја е бесмислено. Порано, кога парите патувале од една земја во друга, пред сѐ за да се финансира трговијата а потрошувачката во најголем дел била насочена во корист на домашните производители, силата и слабостите на националните економии можеле да се оценуваат индивидуално. Но веќе не е така. На пример, денес слабостите на економиите на Кина или Германија се во директна врска со состојбата на економиите на САД и Грција.

Релаксацијата во финансискиот сектор на почетокот од осумдесеттите години на 20 век, после укинувањето на контролата на капиталот утврдена во Бретон Вудс, овозможи финансирање на огромните трговски дефицити на реки приватно произведени пари и користење на инструментите на финансискиот инженеринг. Со претворање на трговскиот суфицит во гигантски дефицит САД впрочем го зацврстија својот хегемониски статус. Увозот во САД, кој денес е главен генератор на глобалната побарувачка, се финансира со приливот на добивката на странските земји која тие ја насочуваат кон Вол Стрит.

Со овој необичен процес на рециклирање пари де факто управува централната банка - американскиот Фед. Одржувањето на оваа импресивна творба - еден трајно неизбалансиран глобален систем - бара постојано интензивирање на класната војна, како во земјите со дефицит така и во земјите со суфицит.

Сите земји со дефицит наликуваат една на друга во една важна смисла: без разлика дали се моќни како САД или слаби како Грција, принудени се да продолжат да произведуваат нови балони на долгот, додека нивните работници беспомошно посматраат како некогашните индустриски погони се претвораат во метален отпад. Кога балоните на долгот ќе експлодираат работниците од Средниот запад или Пеолопонез се принудени да се помират со уште подлабок пад во должничко ропство и понатамошно опаѓање на животниот стандард.

Во земјите со суфуицит исто така се води класна војна против работниците, но овие земји можат значајно да се разликуваат. Да ги споредиме Кина и Германија. Двете земји бележат големи трговски суфицити во однос на САД или остатокот од Европа. И двете го ограничуваат растот на приходите и имотот на работниците. Разликата е во тоа што Кина успева да одржи високо ниво на инвестиции благодарение на балонот на внатрешниот долг, додека германските корпорации инвестираат значително помалку и се потпираат пред сѐ на задолжувањето на остатокот од еврозоната.

Кризата на еврото не беше последица на конфликтот на Германија и Грција (или северот и југот). Впрочем, кризата е резултат на интензивирање на класната војна во рамки на Германија и Грција со дејствување на олигархијата-без-граници која живее од меѓународните парични текови.

На пример, кога во 2010 година банкротираше грчката држава, мерките за штедење наметнати на најголем дел од населението ги ограничија инвестициите во Грција. Истото се случи во Германија заради индиректното ограничување на растот на платите, додека Европската централна банка за тоа време печатеше пари и така ги зголемуваше цените на акциите во стратосферата (заедно со бонусите за менаџерите).

Класната војна во Кина и САД веројатно е побрутална отколку во Европа. Но отсуството на политичка унија во Европа ја прави класната војна практично бесмислена, дури и од позицијата на капиталистите.

Не е тешко да се пронајдат докази дека германските капиталисти веќе го потрошија богатството кое го извлекоа од работничката класа од Европската унија. Кризата на еврото предизвика голем пад за цели 7 проценти на вредноста на вишоците која ја натрупа германскиот приватен сектор од 1999 година, зашто сопствениците на капиталот немаа што да направат со своите трилиони освен да им ги позајмат на странците чии последни економски проблеми направија загуби.

Тоа не е само германски проблем. Истата болест погодува и други земји со вишоци во ЕУ. Германскиот дневник Ханделсблат неодамна укажа на интересен пресврт. Додека во 2007 година европските корпорации заработуваа околу 100 милијарди евра повеќе од корпорациите во Америка, во 2019 година тој однос се сврте.

И покрај тоа овој тренд се забрзува. Во текот на 2019 година заработката на компаниите во САД растеше за 50 проценти побрзо отколку во Европа. Исто така, се очекува дека приходите на компаниите во Америка во 2020 година ќе претрпат помал пад заради последиците на пандемската рецесија, околу 20 проценти во Америка и околу 33 проценти во Европа.

Сржта на европскиот проблем е во тоа што иако тоа е економија во суфицит, нејзината фрагментираност оневозможува губењето на приходите на германските и грчките работници да се претвори во одржлива добивка за европските капиталисти. Накратко, зад приказната за штедливоста на северот стојат привиденијата на потрошените приливи од експлоатацијата.

Тврдењата дека Ковид-19 ја натера ЕУ да воведе ред во куќата се потполно неосновани. Тивката смрт на идејата за поделба на европскиот долг гарантира дека после големиот скок на националните буџетски дефицити ќе следи соодветно јакнење на мерките за штедење во сите земји членки. Со други зборови, класната војна која веќе ги уништи приходите на голем број луѓе само ќе се интензивира. „Но што е со предложениот фонд од 750 милиони евра за опоравување?“ ќе праша некој. „Зарем договорот за заедничко емитување на долгот не е значајно поместување?“

И да и не. Инструментите на заедничкиот долг се потребен но не и доволен услов за ублажување на разгорената класна војна. За навистина да има прогресивни ефекти, заедничкото задолжување би морало да се искористи за финансирање на послабо ситуираните домаќинства и претпријатија во единствена економска зона: како во Германија така и во Грција. Тоа мора да се одвива автоматски, без потпирање на добрината на локалните олигарси. Потребен е автоматизиран систем за рециклирање кој вишоците ги насочува кон оние кои се во дефицит, во кој било град, регион или држава. На пример, во САД картичките за храна и социјална помош подеднакво се користат за пружање помош на загрозените во Калифорнија и Мисури, иако нето преносот се врши од Калифорнија во Мисури - без ангажирање на гувернерот или локалните бирократи.

Од друга страна, фиксните алокации во ЕУ фондот за опоравување ги туркаат државите во конфликт зашто фиксните износи кои се исплатуваат во Италија или Грција се прикажуваат како данок кој го плаќа германската работничка класа. Исто така, идејата е средствата да им се исплатуваат на националните влади, со што дистрибуцијата практично им се препушта на локалните олигарси.

Јакнењето на солидарноста на европските олигарси не е добра стратегија за јакнење на мнозинството во Европа. Напротив. Евентуалното „опоравување“ врз основа на таква формула речиси сите Европејци ќе ги остави со помалку пари и повеќето ќе завршат во уште поголем очај.

Слики: Banksy Street Art

Извор: https://www.project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото