Филмови со Чарли Чаплин во Кинотека

17.07.2020 11:30
Филомови со Чарли Чаплин во Кинотека

Кинотеката од вечерва (17 јули, петок), со почеток во 21 часот започнува со прикажување филмови на Чарли Чаплин во летното кино под отворено небо.

Со десет наслови во овој исклучителен циклус, кој го опфаќа творештвото на Чаплин од неговите почетоци па сè до последните дела, Кинотеката овозможува увид во најдоброто од златната ера на немиот филм, но и начинот со кој Шарло се справува со предизвикот на звучниот филм.

Во петок, со почеток од 21 часот ќе се прикажуваат „Циркусот“ и „Ходочасник“, а во сабота, пак, ќе се прикажува „Светлините на велеградот“.

Потоа, во понеделник (20 јули), ќе се прикажува „Големиот диктатор“, во вторник (21 јули) „Господин Верду“, во среда (22 јули) „Крал во Њујорк“ и во четврток (23 јули) „Светлините на сцената“. За наредниот викенд, односно петок (24 јули) се закажани проекциите на „Детето“, во сабота (25 јули) „Модерни времиња“ и последниот настан е на 27 јули со прикажувањето на „Златна грозница“.

Чарлс Спенсер Чаплин (Charles Spencer Chaplin), или едноставно Чарли Чаплин (Лондон, 15 април 1889 –Корсие-сур-Вевеј, 25 декември 1977), не само што е класик во светската кинематографија, туку со него и започнува тој период што ние денес го нарекуваме класика. И, како во случајот со сите класични филмски ликови, сè започнало едноставно: насмеј ја публиката, освој ги нивните срца, и биди на нивна страна, макар што заради тоа ќе ти замериестаблишментот, па и со децении ќе ти забрани влез во земјата (САД) каде што направил една од најголемите кариери во филмската индустрија.

Чаплин со смеата не само што ги забавувал народните маси низ Америка и светотна почетокот на неговата кариера, туку со „Големиот диктатор“ или „Светлините на велеградот“ бил прилично жесток критичар на општеството во кое живеел. И тоа не му било простено, па затоа „левичарот“ Чаплин во ерата на макартизмот („ловот на црвените вештерки“ во САД по Втората светска војна) бил прогласен за комунистички симпатизер. Чаплин живеел во Швајцарија и цели две децении не доаѓал во САД, сè до 1971, кога во Холивуд ја примил почесната награда на Американската филмска академија за животно дело во филмот.

Од крајот на Првата светска војна до почетокот на Втората светска војна Чаплин ги снима неговите најуспешни кратки и среднометражни филмови (Детето / The Kid, 1921; Мрзливци/ The Idle Class, 1921; Аџијата / The Pilgrim, 1923...) и долгометражни филмови (Циркус / The Circus, 1928; Светлините на велеградот / City Lights, 1931; Модерни времиња/ Modern Times, 1936).

Појавата на звучниот филм е новиот предизвик, и во таа сфера не е неуспешен: Големиот диктатор (The Great Dictator, 1940), Господинот Верду (Monsieur Verdoux, 1947) и Светлините на сцената (Limelight, 1952) е неговите три звучни филмови, со кои ја завршува американската епизода во неговиот живот и кариера. Во Велика Британија го снима Крал во Њујорк (A King in New York, 1957).