Смртта на канцеларијата

17.07.2020 12:35
Смртта на канцеларијата


Оваа теза денес стана очигледна вистина: бидејќи не го преживеаја карантинот, канцелариите умираат и многумина ги испраќаат со зборовите: „така им треба“.

Канцеларијата не ја заслужи нашата љубов ниту кога ја замени својата писарска душа со електронска. Напредокот не ја измени нејзината внатрешна структура бидејќи животот на канцеларијата и натаму протекува на ниво на микроорганизам, па невозможно е да се следи со голо око. Затоа што канцелариите брзо и неизбежно, како микроби, го исполнуваат секој простор што им е доделен и се распукнуваат и се шират надвор од своите граници.

Бирократијата самата себе се гуши, разлевајќи се од кабинетите во ходниците на властите: парламентарни кулоари, подруми за тортура, па и тавани во кои меѓу испраната облека се наоѓа канцеларија од роман на Кафка.

Нелагодноста е метафизичка особина на канцелариите, која не зависи од нивните физички величини. Така големите кабинети на Сталиновите сестри1 со такви високи плафони на кои човек не можел да се обеси, непрестано се стеснувале, создавајќи безнадежно бирократско мулчирање.2

Во мое време секое уредништво беше дополнето со службени простории, кои се разгрануваа и се ширеа сѐ додека не завршеа во оставата со џогери, во која можеше да се пуши без опасност дека ќе те открие управата.

Во новата Русија открив дека гламурозните часописи, како порано болшевиците, ги зазеле старите фабрики и ги пренамениле во стилот на Сохо: постиндустриски сон за препораѓањето на грубата материја во суптилниот дух на рекламата. Во широките простории се сместиле органи, а да не знаеш кој е побизарен.

Се сеќавам дека еден се викаше Жолта подморница. Иако немаше врска ниту со Битлси, ниту со подморници, говореше за животот како таков.

Во Америка канцеларијата започнала посебно да се развива кога се претворила во коцки (cubicles). На секој облакодерски спрат, нерасчленет со соби, постојат канцелариски саќиња, некабинети без врата со прегради што не досегаат до плафонот. Таквата канцеларија – малолетник дава привид на службена приватност и им допушта на потчинетите да заборават на надредените – но не и спротивно.

Ентериерот служи на хиерархијата: управителот е субјектот, а потчинетиот е објектот на набљудување. На вториве се гледа, додека првите гледаат. Обично – низ прозорец. Па само низ него може да се извие човек надвор од канцелариската склопченост. Затоа прозорецот е пожелуваниот трофеј на вечната канцелариска работа. Чиновниците се борат за светлината како дрва во шума – и едните и другите растат кон директните сончеви зраци.



Патем, во кабинетот на господинот К. од „Процес“, имало огромен прозорец од кој се гледало од банката кон градскиот плоштад, и тоа било она што го разликувало јунакот на романот од судските чиновници кои го извршувале своето мрачно правосудство во помрачените собички. Со кафкаски нагласена разлика, два вида канцеларии еволуирале во Америка. Американските државни канцеларии ги наследиле пороците од Стариот свет.

Во секоја канцеларија – било тоа собиче во кое се издава парична помош за невработени или Федерално минстерство украсено со столбови во антички стил – господари истата канцелариска бездомност. Тоа е сигурен знак на претерана уредност, со која чиновниците ги бришат трагите од своето денгубење. Овде има ужасно многу хартија, апарати за кафе и непознати луѓе.

Па сепак, канцеларијата во Новиот свет е поранлива од онаа во Стариот. Не чувствувајќи ја под себе древната бирократска традиција, таа во Америка е склона кон имитирање љубезност, дури и фамилијарност.

Американската канцеларија се провлекува помеѓу Сцилата на формалноста и Харибдата на претераната фамилијарност.

Токму сложеноста на тој курс ги одвел канцелариите во опасна сексуално-правна зона, во која како предмет на општонародно разгледување станале службени романси, со сите пропратни пикантерии, кои овде ги нема ништо помалку отколку во обичните романси. Драмата на канцеларијата е во тоа што не е способна да воспостави јасна граница помеѓу деловните и личните односи. Хармонијата овде не се среќава почесто отколку во семејството и во бракот.

Компјутерот го пресече гордиевиот јазол на секавични компликации. Елетронската комуникација допушта стапување во јасен, но не и непосреден контакт. Лишувајќи ја бирократијата од телесноста, раздвојувајќи го човекот и неговите функции, компјутерот се погрижил за тоа канцеларијата, задоволувајќи се со работата на човекот, да не посегне по личноста.

Сепак, погребувањето на канцеларијата се претвора во голем погреб во кој заедно со покојникот ги затрупуваме и неговите блиски. Па смртта на канцеларијата ќе го уништи и она семејство, кое го држиме настрана и го нарекуваме работа.



***
Повеќето Американци не ја сакаат својата работа, помал дел ја мразат, а оние среќници кои си ја сакаат работата ретко одат во канцеларија. Тие повеќе сакаат да работат од дома, во шума, како јас, или во гаража, како што правеа Гејтс, Брин и други компјутерски гении.

Меѓутоа, канцеларијата ја исполнува најважната улога во нашиот општествен живот: го создава.

Службата ни поставува управители, потчинети, колеги што ќе ни станат пријатели и во кои ќе се заљубиме, непријатели и они кои ни се љубоморни, они со кои пиеме и јадеме. Нив ги обединува Заедничката работа.

Ако за миг се замислиме, не може да нѐ зачуди оној вообичаен, но луд факт дека општеството во кое живееме ни ја одбира нашата професија. Излегува дека токму таа, (а не ние) одлучува за сите интимни прашања.

Службената должност прерасува во лична и поврзува случајни луѓе во она „големо семејство“ , кое советската власт го нарекуваше фабрика, бригада, комора, ќелија, во најдобар случај – саботница.3

Во детството читав за тоа во книгите, најчесто кај браќата Стругацки, и бев страшно љубоморен. Кога пораснав, имав среќа да се уверам во тоа дека нема подобар начин на дружење од заедничката работа.

Но, тоа е извртување на нештата. Во тие среќни околности ние ја одбираме канцеларијата, а не таа нас. Но почесто кариерата нѐ доведува пред тој свршен чин, и присилени сме да се помириме со она друштво кое ни е доделено.

Да се потсетиме на корпоративните забави, тие канцелариски апотеози на насилното склопување пријателства. Карантинот ја трна пајажината од попатните службени врски, заменувајќи ја едноставно со работа. Канцеларијата стана виртуелна и длабоко деловна.

Нема веќе трачарења на канцелариската агора покрај мала фонтана, нема веќе меѓусебно кладење на резултати за утрешниот натпревар (бидејќи нема ни натпревари), нема разменување култивирани домати, нема фалење со уловот, нема срамежливо флертување (ова дополнително го укина MeToo движењето). Накратко, нема ништо поради што би вредело да се станува рано, да се изгланцаат чевлите, да се седи во прометни автобуси и нервозно да се гледа на часовникот во тешкото пробивање до уредот.

Но како да се затне огромната дупка настаната во ткивото на општественото битие? Па исто како порано. Пред краткотрајната но агресивна индустриска цивилизација да ни го наметне својот начин на живот, организирајќи го околу „фабриките“, знаевме за други центри на дружење: храмови, цркви, салони, клубови. Сѐ тука беше поттикнато од приватниот интерес, а не од тиранијата на професионалната распределба. Не работата туку слободното време, не долгот туку хобито, не колегите туку истомислениците со кои делиш банална или егзотична страст кон јога, кактуси, амфори, златни рипки.

Всушност така, (а не на барикадите) и настанува цивилното општество. Полска прва се ослободи од комунизмот, помеѓу останатото, и поради тоа што секој четврти Полјак бил член на некаков кружок, кој станал школа на слободна мисла и независно однесување.

Секако, сега сѐ е поедноставно. Ние одамна ги напуштивме клубовите и нашето оптшество не е обликувано од канцеларијата туку од социјалните мрежи со нивните моќни механизми на селекција (од оние што сум ги блокирал „може да се наполни град“).

Ослободувајќи се од принципиелно туѓите и опкружувајќи се со сојузници со исти итнереси, ние дури и не забележавме дека ја оставивме канцеларијата да живурка со оние кои не можат без неа.

Бидејќи минав сто дена во карантин, осаменоста каде-каде помалку ме погоди отколку што очекував: сите кои ги сакам живеат на екран, и речиси изгубив глас дружајќи се и расправајќи се со нив.

Извор: Pescanik

1 Седум облакодери во Москва дизајнирани во сталинистички стил.
2 Рус. Чересполосица – термин што се користи во руската исторгиографија за испремешаност на обработливи површини на различни сопственици.
3 Доброволна работна акција во сабота.

ОкоБоли главаВицФото