Имаше 14 години, ја уби татко ѝ

18.07.2020 13:55
Имаше 14 години, ја уби татко ѝ

Пред да ѝ ја пресече главата на својата четиринаесетгодишна ќерка, Реза Ашрафи повикал адвокат.

Неговата ќерка Ромина се подготвувала да го обесчести своето семејство бегајќи со своето 29-годишно момче, рекол Реза и го прашал адвокатот: „Каква казна ќе добијам ако ја убијам?“

Адвокатот му рекол дека тој е официјален старател на девојчето и дека не му се заканува смртна казна, туку најмногу од три до десет години затвор, раскажуваат роднините на Ашрафи.

Три недели подоцна Ашрафи, 37-годишен земјоделец, влегол во собата на својата ќерка и со срп ѝ ја пресекол главата.

Таканареченото „чесно убиство“ во тоа село, што се случи во мај годинава, го вознемири целото иранско општество и отвори национална дебата за правата на жените и децата и за неуспехот на социјалниот и правниот систем во Иран да им понуди каква било заштита.

Шокот по ова убиство беше толку силен што по итна постапка, на 7 јуни, пратениците во парламентот изгласаа закон според кој се смета за злосторство емотивното и физичкото запоставување и злоставување на децата. Тоа е прв акт за заштита на децата и младите во оваа земја.

„Ромина умре, но илјадници деца секој ден играат на тенката жица помеѓу животот и смртта. Овој случај јасно ни покажа колку ни недостасуваат добри закони“, рече Реза Шафахках, правник и активист за права на децата.

Убиството доведе и до иранска варијанта на движењето #MeToo на социјалните мрежи. Жените ги споделуваат сопствените приказни за раните што им ги нанеле машките роднини.

Мина, 49-годишна мајка на две деца од Техеран раскажа дека нејзиниот сопруг ја претепал нивната 17-годишна ќерка кога дознал дека има машки пријател.

Ханије Раџаби, докторант по филозофија, напиша на Твитер дека татко ѝ ја тепал со ремен и не ѝ дозволил да оди во училиште една недела само заради тоа што наместо да тргне дома со училишниот автобус, решила да оди пешки и да се почасти со сладолед.

Жените во Иран се во подобра позиција отколку во повеќето држави на Блискиот и Среден Исток. Тие работат како правнички, лекарки, возат авиони и камиони, режираат филмови. 60 отсто од сите студенти и половина од работната сила во Иран ја чинат жени. Можат да се кандидираат и ги има во владата и во парламентот.

Но и понатаму во јавност мора да бидат со покриена коса и тело и неопходна им е дозвола од машки роднина за да излезат од државата, да побараат развод или да работат надвор од куќата.

Еден извештај од 2019 година, која го направила агенција блиска на иранската армија, покажува дека речиси третина од убиствата во Иран се „чесни убиства“ на жени и девојчиња. Но не постои официјална статистика.

Ужас заради убиството на девојчето Ромина искажаа и либералите и конзервативците, нејзиниот татко е во затвор и го чека судењето.

Но овој случај сепак ја подели земјата.

„Сите сме гневни и шокирани затоа што добивме потсетник дека овие закони не се нормални“, вели Шади Садр, адвокат за човекови права, кој живее во егзил во Лондон.

Конзервативците, сепак ги бранеа постоечките закони и ја обвинија Ромина за промискуитет и непочитување на верските и културни обичаи.

„Законите што го забрануваат насилството врз жените се доволни. Не можеме да му го одземеме животот на таткото на Ромина, бидејќи тоа е против исламските закони“, изјави Музса Газанфарабади, конзервативен свештеник и пратеник.

Обвинителот рече дека ќе бара максимална казна од десет години затвор.

Во селото на Ромина, Ламир, нејзините другарки често го посетуваат нејзиниот гроб. Оставаат жолти и виолетови цвеќиња и тивко се молат и нив да не ги снајде истата судбина.

Извор: New York Times