А зошто не експертска влада?

19.07.2020 10:12
А зошто не експертска влада?

По мое мислење, на Република Северна Македонија во овој решавачки миг за демократијата, но и за иднината на државата ѝ треба експертска влада.

Таа треба да биде составена од специјалисти од сите области, незвисно од нивната етничка припадност. Тие треба да се во експертската влада зашто се најдобрите за таа задача, а не по силата на етничкиот клуч.

Таа влада би требало да има премиер кој би бил обединувачка фигура, особено за помладите генерации. Тие кои се родија и пораснаа во транзициска Македонија. Тие кои сè повеќе губат надеж дека нивната татковина ќе го напушти очајот на „статус квото" во кое ја заглавија партиските игри за моќ, корупцијата и криминалот.

Тој премиер треба со својата личност да сведочи за европските вредности. Зашто целта на патот на кој тргнува Македонија е членството во ЕУ. Тој пат не може политички и стопански успешно да го обликуваат партии кои уште сонуваат за „остварување" на сонот само на „својата национална кауза".

Со еден збор - на Македонија ѝ треба македонски Вили Брант! Тој околу себе ќе ги збере сите напредни сили, сите интелектуалци со европски дух!

Претседателот Стево Пендаровски треба да ја следи интуицијата на Киро Глигоров и да им го предложи тоа решение на партиите и на граѓаните во Македонија.
На македонските граѓани им треба период на спокој и мир, за да се обединат сите околу заедничката цел - членството во ЕУ - и со заеднички сили да одговорат на задачите во долгиот процес на пристапните преговори. Сите други варијанти само ќе ја продолжат политичката агонија - до следните предвремени избори.

Само експертска влада би можела успешно да се справи со задачите во претстојните преговори со ЕУ, но и со можната стопанска криза како последица на пандемијата. Таква експертска влада им е насушно потребна во овој миг на македонските граѓани, како што им беше потребна и на почетокот на државната самостојност, кога се поставија темелите на самостојниот пат, без југословенската рамка. Сега треба да се постават темелите и насоките на европска Македонија.


Гифови: Bill Domonkos