Како суперсилата го доживува светот

02.12.2010 09:50
Како суперсилата го доживува светот

Американскиот дипломатски кор секој актер брзо го сместува или во пријателите или во непријателите. Саудискиот крал Абдула? Пријател: Абдула не ги поднесува своите ирански соседи, а за режимот малку презриво вели дека „нема сомнеж оти нешто сериозно не е во ред со него“. А неговиот сојузник, шеикот Бин Заед од Абу Даби? И тој е пријател. Тој смета дека „претстојната конвенционалната војна со Иран е подобро решение од долгорочните последици на нуклеарно вооружениот Иран“.

Пратениците на државната секретарка Хилари Клинтон слушнале за еден специјален „ирански набљудувач“ во главниот град на Азербејџан, Баку, кој ја пренесува приказната за расправијата на седницата на иранскиот Врховен национален совет за безбедност. Налутениот шеф на револуционарната гарда Мухамед Али Џафари наводно се спречкал со Махмуд Ахмадинеџад и му залепил шлаканица, бидејќи овој конзервативен претседател почнал да зборува за слободата на печатот.

Ваквите изненадувања од американската дипломатска архива ќе преовладуваат на насловните страници наредниве денови, кога New York Times, Guardian, Le Monde, El Pais и Spiegel ќе почнат да ги објавуваат скапоцените тајни документи на Stаtе department. Овде вкупно има 243 270 дипломатски преписки кои американските амбасади му ги праќале на Стејт департментот, како и 8017 директиви кои Стејт департментот им ги праќал на своите дипломатски претставништва во светот. Во наредните денови, во низата истражувачки статии, овие весници ќе покажат како Америка се стреми да управува со светот. За американската надворешна политика тоа е вистински политички колапс.

Ова е првпат во историјата една велесила да изгуби контрола над толку голема количина чувствителни информации. Овие податоци можат да ги расветлат основите врз кои почива американската надворешна политика. Довербата на американските партнери во таа држава никогаш претходно не доживеала ваков потрес. Сега се обелоденети нивните приватни ставови и препораки за Американците – како и вистинските мислења на Американците за нив.

На пример, можеме да прочитаме дека германскиот министер за одбрана, Карл-Теодор цу Гутенберг, кој според некои анкети е најомилениот политичар во Германија, во разговорот со американските дипломати отворено го критикувал својот колега од владата Гидо Вестервеле, па дури и го кодошел. Или дека државната секретарка Клинтон бара од своите амбасадори во Москва и Рим да ја известат дали има вистина во гласините за приватните деловни врски меѓу Берлускони и Путин – што тие одлучно ги демантираат.

Американските амбасадори умеат да бидат немилосрдни во оценките за земјите во кои престојуваат. Тоа им е работа. Кенија? Корупциско мочуриште кое се протега низ цела држава. Петнаесет високо рангирани кениски државници веќе имаат забрана за патување во САД, а речиси секоја реченица во извештаите на амбасадата презриво говори за претседателот Мваи Кибаки и премиерот Раили Одинга.

Ни Турција не помина подобро во преписката. Премиерот Реџеп Таип Ердоган, се тврди во нив, владее со помош на неспособната советничка група. Дипломатите од амбасадата во Анкара ја опишуваат како држава на која и’ се подготвува исламистичка иднина – а членството во ЕУ нема да биде нејзин составен дел.

Гласноговорникот на Белата куќа претстојното објавување на документите на страницата WikiLeaks го оцени како „безобѕирно и опасно“. Документите, кои содржат „отворени и често нецелосни информации“, не ја претставуваат официјалната политика и не влијаат секогаш на креирањето на конечните политички одлуки, се наведува во изјавата. „Со таквите информации на ризик се изложуваат нашите дипломати, разузнавачите и луѓето ширум светот“, изјави гласноговорникот. Фактот дека „приватните разговори“ сега се објавуваат „може сериозно да ги загрози не само надворешнополитичките интереси на САД, туку и интересите на нашите сојузници и пријатели во светот“.

Сега многу настани во светот можат да се погледнат преку очите на луѓето кои учествувале во нив. Поради тоа ваквите настани сега подобро ќе ги разбираме. Самиот тој факт е доволен транспарентноста да ја стави над националните прописи за доверливост.

По истекувањето на воените тајни од Ирак и Авганистан, сега во небрано се најдоа американските дипломати. Ова е третиот медиумски удар на WikiLeaks за последниве шест месеци, и веројатно најсилно ќе го погоди Вашингтон. Отприлика половина преписка не е класифицирана, а нешто помал дел, 40,5%, ја носи ознаката „доверливо“. 6% од извештаите, т.е. 16 652 документи, се означени како „тајни“, а од нив 4330 се толку експлозивни што се означени како
„NOFORN“, што значи дека никако не смеат да се стават на увид на странски државјани.

Поголемиот дел од овој материјал е забележан и пратен бидејќи авторите на извештаите или нивните соговорници биле убедени дека овие записници нема да се објавуваат наредните 25 години. Тоа можеби објаснува зошто амбасадорите и пратениците со толкаво задоволство ги пренесувале гласините и трачевите во централата во Стејт департментот. На пример, во еден извештај од Москва, се наведува дека првата дама, Светлана Медведева, „создава тензии меѓу спротивставените табори и е честа тема на трачеви“. Потоа понатаму се говори дека сопругата на претседателот Медведев веќе составила список со државници кои треба да „сносат последици“ во кариерата, бидејќи не му биле лојални на Медведев. Во еден друг извештај пишува дека сопругата на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев имала толку пластични операции што оддалеку можете да ја помешате со ќерка и’, и дека едвај ги помрднува мускулите на лицето.

Меѓутоа, кај овие документи интересно е тоа што многу политичари зборуваат сосем отворено, уверени дека нивните беседи никогаш нема да се објават.

Но што, всушност, докажуваат овие неколку илјади документи? Дали документите ја прикажуваат Америка која го држи светот на јадица? Дали американските амбасади и понатаму се посебни центри на моќ во земјите на своите домаќини?

Најкратко кажано, веројатно не. Во големите кризни региони се јавува сликата на една велесила која повеќе нема доверба во своите сојузници – како во Пакистан, каде Американците се плашат дека оваа нуклеарна сила би можела да биде местото од каде терориститие ќе се снабдуваат со опасен нуклеарен материјал.

Слични стравови има и за Јемен, каде што Америка, наспроти здравиот разум, дозволува да биде злоупотребувана од еден бескрупулозен лидер. Користејќи ја американската воена помош, кој е наменета за борба против Ал Каеда, Али Абдула Салех сега може да води борба против непријателските племиња на северот од земјата.

Општо земено, извештаите од Блискиот исток ја откриваат слабоста на оваа велесила. Вашингтон отсекогаш сметал дека за опстанокот на државата е важно да се обезбедат енергетски резерви, но една велесила често може брзо да се претвори во играчка во рацете на спротивставените интереси.

Извор: Der Spiegel

Цртежи: Едгар Р. МекХерли

ОкоБоли главаВицФото