Цивилизација vs. варваризам

20.07.2020 11:17
Цивилизација vs. варваризам

Не случајно минатиот пат го спомнав поставувањето на крстот на Водно во онаа не толку далечна 2002 година. Се сеќавате колкумина јавно се згрозуваа, дури цели партии, па ветуваа дека кога ќе дојдат на власт ќе го тргнат и слични будалаштини? Ене го крстот сè уште е таму каде што беше, дури веќе никој и не го спомнува, забележува. А и апсолутно подобро е осветлен од порано – сегашнава власт одлично се грижеше за него. Па така, еден религиозен симбол не само што сосема неоправдано и без јавна поддршка ја смени познатата визура на планината кај Скопје туку ја смени и целата идеја за оваа држава! Тој симбол едновремено на голема врата навести некои случувања – особено напуштањето на световниот карактер на државата! – чиишто последици (во големи размери) ги сведочиме и денес.

Но, бидејќи во случајот со актуелното постапување со Аја Софија, иако и не само со неа, а „повоинствените“ критичари на одлуката на претседателот на Турција гледаат како на акт на варварство – веројатно несоодветен збор којшто крие многу стапици, но од аспект на цивилизациски однос кон едно такво културно наследство можеби и оправдан! – логично би било да се согледаат димензиите на овие два поими коишто ја одредуваат суштината на оваа и не само оваа постапка. Велам оваа и не само оваа постапка зашто и македонската (поблиска и подалечна) историја бележи слични примери на однос (варварски но и цивилизациски) кон културното наследство, наше и туѓо. Коишто, за жал, никогаш не биле предмет на поширока општествена и стручна опсервација.

Познатиот историчар на уметноста Кенет Кларк има едно фантастично објаснување за поимот цивилизација. На прашањето што е цивилизација, тој вели: „Не знам, но можам да ја препознаам кога ќе ја видам“! Се разбира, овој лаконски одговор колку и да изгледа „шеговит“, ја искажува самата суштина на цивилизацијата - ако не умеете да ја препознате, ни сто детални дефиниции нема да ви помогнат. А дефиниции има многу, сите во принцип слични но со акцент на одделни аспекти на поимот цивилизација. Една од поновите и секако понеобичните е онаа на британскиот историчар Филипе Фернандез-Арместо кој ја редефинира природата на цивилизацијата како „цивилизирана во директен однос со нејзината дистанца, нејзината различност од немодифицираниот природен амбиент...“, акцентирајќи ја на тој начин Придодата (климата, географијата, екологијата) како битен фактор во определувањето на димензиите и дури самата суштина на цивилизацијата! Сепак, Кенет Кларк не треба да се чита премогу буквално и да се разбере дека цивилизацијата зависи од нашиот личен став и разбирање на истата. Никако!

Но, да речеме дека дефинициите и не се толку битни, туку во светлината на реченицата на Кларк, сега прашањето може да биде: дали Мехмед II, попознат како Мехмед Освојувачот, можел/умеел да ја препознае цивилизациската величественост на православната базилика Св. Софија на Јустинијан I, во самото срце (Фатих) на градското јадро на тогашниот Константинопол? Она што Досон го нарекува производ на „единствен, неповторлив процес на културна креативност на еден определен народ“? Се разбира дека можел/умеел, ако не тој лично тогаш неговите советници секако. Но и самиот Мехмед II бил учен и искусен млад човек, така што нема сомнеж дека апсолутно бил свесен за велелепноста на базиликата и нејзиното значење за христијанскиот свет. Не можел да не го знае тоа, дефинитивно. Или токму тоа, најверојатно, бил и најголемиот предизвик за него, нели: да го поттчини симболот на христијанството, да го поништи односно да го трансформира во симбол на неговата вера, на Исламот? Од друга страна, сосема легитимно е и прашањето зошто освојувачот едноставно не ја урнал базиликата? Дали тоа говори токму за свеста за нејзиното значење?

Не можеме да знаеме што сè му се вртело низ главата на Мехмед II, ама затоа кристално јасна била целта на Кемал Ататурк „џамијата“ Аја Софија да ја затвори за религијата и да ја отвори за културата, за цивилизацијата, за светот. Тоа бил потег сосема во духот на неговите нови проевропски политики, дотогаш незамисливи во Турција. Како што е целосно проѕирен и сегашниот контраудар на Реџеп Таип Ердоган, затскриен зад одлуката на Државниот совет од јули 2020 година! Иако и во овој акт на (дали?) современо религиозно варварство многумина наоѓаат и други мотиви: на пример, дека потегот на Ердоган е политички маркетинг односно т.н. „crisis migration strategies“ и свртување на вниманието од други поголеми проблеми во земјата од типот на лошото справување со Сириската и Либиската криза, со мигрантите, со внатрешните проблеми, со лошите односи со ЕУ итн. (Yousef Deeni); се разбира и генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле не пропушти да реагира велејќи дека статусот на Св. Софија како музеј „ја рефлектира универзалната природа на нејзиното наследство и ја прави силен симбол на дијалог“; дури и светските сили САД и Русија и НАТО сојузници на Турција апелираа за менување на одлуката на Ердоган... Сепак, тој остана на својот став, дури возвраќајки дека тоа е „суверено право“ на Турција (sic!).

 Извор 

Слични содржини

Општество / Став / Култура
Јавни простори / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото