„Современа скулптура“ - изложба на ДЛУМ

20.07.2020 12:23
„Современа скулптура“ 2020 - изложба на ДЛУМ

Друштвото на ликовни уметници на Македонија во рамките на „Скопско лето“, вечерва (понеделник, 20 јули) ќе ја отвори изложбата „Современа скулптура“ во Уметничкиот центар АРТ ХАБ, во ГТЦ Скопје.

На изложбата учествуваат уметниците: Ана Димчевска Семенпеева, Андреј Митевски, Ангел Димовски Чауш, Вања Петрушевска Дуза, Љупчо Бојаров, Златко Бојковски, Јовица Мијалковиќ, Катерина Таневска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Филип Фидановски, Филип Цакоски, Боро Митриќевски.

На отворањето ќе се додели наградата „Боро Митриќевски“, од семејството на истакнатиот скулптор Боро Митриќевски.

Оваа година селектор на изложбата „Современа скулптура“ е историчарката на уметноста Марика Бочварова Плавевска. Според неа, намерата е да се потврди сјајот на овие изложби и да се откријат нови таленти кои ќе имаат активно учество во промените.

„При крајот на минатиот век, но и претходно се забележува опаѓање на ентузијазмот, па оттаму наидуваме и на делумно реализирани релевантни пластични креации. Овие констатирани ситуации се само миг на стимулативност кај секој што сака да учествува во изложувањето на рецентната продукција. Имајќи предвид дека модерната и постмодерната донесоа многубројни правила во кои не е доминатен само тродимензионалниот објект, за кој најлесно се определуваат скулптуралните опции што го менуваат системот на дисциплината проширувајќи ги и нејзините карактеристики при освојувањето на просторните амбиенти. Теориите на модерната во своите крајни претпоставки ги систематизира спецификите на објектите со минималистички карактер, на инсталациите и на другите визуелно просторни алтернативи, со што постепено се најавуваат одлики на постмодернистичките појави. Тоа се базираше на претпоставената реинтерпретација на модернистичката скулптура во насока на обликување на предмети прифатени како „реторички фигури“ со благо прикриен симболизам, а произлезен логично и од ѕидните или подни структури, надополнето и со употребата на разновидни материјали. Битно е што конституираните карактеристики не беа далечни за пријавените тринаесет скулптори кои како да ја имаат намерата за воспоставување на своевиден ред во ликовниот поредок на визуелната игра, со интенција на откривање на нивната разноликост при детектирањето на ликовните пластички претстави со структурален предизвик и со проширен видокруг на скулптуралниот израз и употребата на материјалот. Четиринаесетиот партипициент на изложбата е нашиот значаен скулптор Боро Митриќески поради тоа што наградата го носи неговото име, за што е заслужна и неговата фамилија. Мојата улога на селектор ја нема онаа строга линија на маркирање на високите вредности. Тие во најголема мерка се испочитувани, но и со релативизирани остварувања во кои е можна од нивна страна да бидат корегирани“, пишува Бочварова Плавевска.

Изложбата ќе трае до 30 јули. Поставката поединечно или најмногу во група од двајца ќе може да се посети според работното време на Галеријата односно од понеделник до петок од 11 – 18 часот и во сабота од 10 – 15 часот. Галеријата е лоцирана во ГТЦ 2 кат локал 306, Скопје.