Филаделфија

20.07.2020 12:55
Филаделфија

Од границата со Боливија до Асунсион има некои 1000 километри. Патот е толку прав, што мислам дека не постои подолг прав пат без ниту една кривина. Од двете страни е шума од бескорисни палми кои растат таму како плевел. Целиот регион се вика Чако. Патувањето со автобус изгледаше бескрајно. Едноличниот пејзаж ми создаваше дремка додека се обидував да читам парагвајски весник во кој беше објавен текст на Марк Твен од 2093-та.

Автобусот ја имаше онаа автобуска врева што на секого кој се буди од долг автобуски сон му прави паника како да пропуштил станица. Или година. Паралелно до мене седеа еден дечко кој си запишуваше нешто во тетратка, и девојка која си гледаше низ прозор.

- Што пишуваш? – го праша таа.

- Пишувам книга – одговори дечкото.

- Книга за што? – продолжи таа.

- За осаменоста на човекот. Пишувам за едно големо семејство кое постојано се шири и размножува, но секој член е исклучително осамен.

- Па тоа звучи како Габриел Гарсија Маркес! – извика девојката.

- Да, сакам да бидам Маркес.

-Не можеш да бидеш Маркес, тој е жив. Треба да ги почекаш луѓето да умрат за да бидеш некој од нив.

- Можам да бидам подобар од него – одговори тој самоуверено.

- Па не можеш да бидеш Маркес и да си подобар од него во исто време.

Некој од патниците помина покрај мене и се упати накај возачот. Не слушнав што точно разменија автобуските соседи во меѓувреме, но слушнав како дечкото почна да ѝ раскажува на девојката:

- Има еден град, во длабочината на Чако, се вика Филаделфија. Многу е непроодно и тешко се стасува до таму. Ако, сепак, стасаш, ќе се изненадиш каков урбан центар е Филаделфија. Целиот пат е палми, палми, палми и само палми. Кога ќе ја здогледаш Филаделфија за прв пат, се чувствуваш како да си пристигнал во иднината.

Во постариот дел од градот има една огромна библиотека која ги содржи сите книги. Таму сите книги се веќе напишани. Сите оние кои ќе се напишат во иднина и многу повеќе. Немаат автори. Можеш да си избереш која било и да ја објавиш како твое дело. Сите го прават тоа. Но за да земеш веќе напишана книга мора да напишеш и ти една и да ја оставиш во библиотеката.

Сите книги се поделени по години. Пристапот е дозволен најмногу до 76 години во иднината, најмногу. Пресметале дека не можеме да визуелизираме период подолг од 76 години, времето потребно да се разминеме со Халиевата комета. Бидејќи на секои 76 години, човечката идејата се освежува со нов галактички звук, и сите луѓе можат полесно да замислат прогресивна иднина. Но никој не може да ја замисли иднината повеќе од 76 години. Можеме да ја предвидиме, можеме да ја пресметаме, но не можеме да отпатуваме умствено повеќе од 76 години.

-Па веќе постојат приказни кои го опишуваат наредниот век – рече девојката.

- Да, ама со идеи кои се реално можни во наредните 76 години. Сите „невозможни“ идеи кои ги имаме се реално остварливи во тој период. Она што го можеме за 100 години, сеуште не сме го креирале во имагинацијата. Секој поминат ден значи дека можеме да замислуваме многу понови идеи, кои не сме можеле да ги имаме, на пример, пред една година – објасни младичот.

- Каков парагвајски сон! Зошто некој би пишувал книга па би ја заменил за друга? – праша девојката.

- Бидејќи тоа е токенот за влез во библиотеката. А кој не би бил љубопитен за поинтересна приказна од онаа што самиот ја смислил? Секој сака да знае што ќе се случи со приказната која ја создава, и за се’ што е можно да се случи во неа.

- Во тој случај, секој што сака да објави книга може да напише било каква бесмислица, а да си земе ремек дело од библиотеката.

- Е таквите најчесто не можат да ја најдат библиотеката. Освен ако не се многу лукави.

- Нема да ти е незгодно да тврдиш дека некој текст е твој кога не е? – праша таа.

- Тоа е дискутабилно. Види вака, за да е добра некоја книга, потребно е многу луѓе да се поврзат со неа, да се идентификуваат, или забавуваат. Јас мислам дека за да можеш да го ставиш на хартија таквото искуство, мораш да ја имаш замислата за искуството. Колку повеќе луѓе веруваат дека го замислуваат истото искуство значи дека тоа искуство не е измислено од писателот туку само пренесено од него. А писателот само ги пренесува дожувувањата на оние кои го читаат. Ни тој не може да прераскаже нешто што не е доживеано од некој друг.

- Ништо не те разбрав.

- Јас сега пишувам приказна дека ти седиш тука во автобус. Ја објавувам. Луѓето ја сакаат бидејќи се идентификуваат со тебе, која седиш во автобусов. Јас сум само медиумот кој им го прераскажува тоа. Но ти си симболот на нивното имагинативно искуство, а јас го преземам од тебе. Сакам да кажам дека секоја приказна се раѓа од колективно сонување.

Девојката се подзамисли малку и рече:

- Не се согласувам со тебе. Замисли, човек да е роден на остров и оставен сам таму да живее. Тој човек нема да го има концептот за време, свет и смрт. Неговото искуство ќе е уникатно, бидејќи ќе мисли дека е единствен и вечен.

- Хм, да. Прво, тој никогаш нема да научи јазик за да го идентификува искуството. Второ, неговото чувство нема да е единствено, бидејќи е производ на твојата слика за апсолутна осаменост, како и на многу други луѓе – одговори тој.

- Можеби треба да напрвиме таков експеримент и да жртвуваме еден човечки живот. Да го набљудуваме како ќе се однесува. Откако ќе се роди сè до смртта – замислено рече девојката.

- Тоа не смееме да го направиме, но доколку сакаш можеме да напишеме книга за тоа.

- Па можеби е веќе напишана?

- Сигурно. Ти кажав дека сè е напишано.

- Тогаш да напишеме некоја друга приказна и да одиме во библиотеката во Филаделфија. Да ја истрампаме за Човекот кој живее сам на остров, да видиме што ќе се случи со него.

-Тоа е супер идеја! Сакаш да одиме? – предложи дечкото.

-Сакам!

Се изнасмејаа.

Кога повторно се разбудив, автобусот беше потивок, палмите сè уште единствен пејзаж, но автобуските соседи ги немаше. После неколку дена, на една од фејсбук страниците за патувачи низ Јужна Америка излезе соопштение и апел за помош.

Гласеше вака:

Се бараат: Роберто (20) и Исабел (19) од Кордоба, Аргентина. Петнаесет месеци патуваат низ Јужна Америка и последен пат се видени во Санта Круз, Боливија, пред триесет дена. Воедно тоа е и последниот пат кога и двајцата исконтактираа со своите фамилии.

Имаше и слики од младиот пар: неколку на кои се сами и неколку на кои се заедно. Ги препознав соседите од автобусот. Знаев точно каде се и се запрашав како завршува приказната за човекот кој живее сам на остров и дали тој ги сонува своите предци. Барем оние кои постоеле до пред 76 години.

Илустрација: Филип Велковски


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото