Уште

20.07.2020 14:53

Веќе не гледам во тебе, го претпочитам прозорецот.
А окото, со црни и сиви петна, ти се шири

за да открие преломени контури на израсток
чие срце е едно и невидливо.

Како сува слонова кожа, издлабена со древни острови,
маслинка што си ги збира наборите

по вдлабнатоста на стари засенчени стрии, па се враќа
за да ги постеле по бреговите огрубени од сончев допир. Таму

врз куп од лушпи едно бебе се ведне врз дојка –
’рѓосана шајка.

Потаму не гледам, не мислам. Како може
да мислам на лисја што стануваат сребрени во самракот,

на небото над нив, над мојот поглед?
Како може да мислам на бесконечност и празнотија сега, кога

ти си на умирање? И дури умираш, како може да не мислам на тебе? Како?
Да мислам можеби на љубени

што неродени се, или можеби и на тие што се живи?
Да мислам дека дури и во ова има сепак мисла за тебе

па дури и да верувам дека е така? Може ли да бидам толку цврст
само поради тоа што сега ми го стори? Поради тоа што си мртва? Утре

ќе ти напишам неколку збора, епитаф или куса мисла –
нешто поетско, како на пример, „Овде почива танчерка“,

и ако тоа не е доволно за да те погребе, ќе го проширам, секако:
„Напој ме“, ќе исклесам на мраморот, „Напој ме,

жед ме мачи, напој ме, но без вода. Напој ме,
но без логика. Напој ме, но без име.

Напој ме, но без вино. Напој ме и ништо друго,
напој ме. Убавината не ја бива, љубовта не ја бива, ни Бог –

ни овој живот не го бива, ни било кој друг. Напој ме,
жед ме мачи“.


Превод: Зоран Анчевски 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото