Ладната лубеница и магијата на скопското лето

21.07.2020 10:42
Ладната лубеница и магијата на скопското лето

Извор: Дојче веле

Колумнава обично ја пишувам во недела. Оваа недела во Келн беше вистински медитерански летен ден. На азурно синото небо уште изутрината како мигновени темни проблесоци брзо прелетуваа ластовичките. Иако келнското лето не е тоа што го паметам од Скопје, утешува фактот што Келн е најмедитеранскиот германски град. Не толку по бројот на сончевите денови во годината. Повеќе по ритуалите на живеење, од кои потекнува леснотијата на секојдневниот живот. Како таа што ја паметам од младоста во Скопје. Келн е многу лежерен град, дури и кога е во стресна состојба. Пејсажот околу мене ме потсетува на старите градски јадра во Скопје. Оние во Дебаармало или во Кисела вода. Старите градски куќи околу нас немаат повеќе од два-три ката. Градините се преполни со старовремски видови цвеќиња кои ги знам од детството. Здравец, ладолеж, георгини, герании и кринови.

Со часови пишував на балконот, во ладовината што ја дарува високата и густа зелена ограда од анамска рака. Големите олеандри крај неа, ова лето цутат веќе по втор пат. Со силна, слатка миризма, која за мене е симбол за детството во Скопје. Двете нешта за мене го истакнуваат чувството дека Медитеранот се носи секаде со себе. Секако, тие за мене се и чувството за дома. Тоа не е поврзано само со одредено место. Туку, исто толку, и со паметењето од љубов. Анамската рака, која расте раскошно повеќе од триесет години во градината и на балконот во Германија, коренот го има во ластарчето, кое татко ми го искорна од својата градина и ни го даде да го понесеме со себе во едно од летата во Скопје. Татко ми е починат веќе дваесет и четири години. Но, секој поглед врз анамската рака го повикува неговиот лик. Сите големи олеандри, не само во нашата градина и на балконот, туку и во градината на ќерка ни‘ и на неколку пријатели во Келн, потекнуваат од еден корен што ми го даде мајка ми пред десет години. Таа ги сакаше олеандрите. На нив мириса моето паметење на мајка ми. Си мислам, за неа и во рајот мора да има олеандри.

Овие нешта не се само симболи за меланхолијата на преселниците за татковината. Тие имаат многу подлабоко значење. Затоа што и кога повеќе ги нема меѓу нас љубените луѓе, нашата длабока поврзаност со нив ја препознаваме во секојдневните нешта, кои станале симбол за нив самите. Ние ги паметиме починатите на многу начини. Еден од најубавите е кога ја продолжуваме негата за нештата што тие ги љубеле. Љубовта на татко ми за градината и денес, иако само во паметењето, ми сугерира заштитеност и дом. Секое утро стојам долго пред огромната зелена завеса од анамска рака. И се радувам на секоја нова гранка! Паметењето на летото во Скопје за мене е нераздвоиво од сликата на татко ми среде градината. Во летните утра се радував кога ме будеше брмчењето на моторот, кој од пумпата ја извлекуваше водата од длабочината на земјата, со која татко ми уште рано, пред да фатат горештините, ја поливаше градината. А навечер, во самракот, кога тој повторно поливаше, мирисот на водата, на земјата и на тревата, кои, откако ќе ја наситеа својата жед, го исполнуваа со ладовина и синиот самрачен воздух, започнуваше магијата на летната скопска вечер. Тогаш се собираше фамилијата на вечера и на разговор, до доцна во ноќта. Во темнината се слушаа тивките разговори на комшиите. Ритуалот на летната вечер го крунисуваше студената, зрела и слатка лубеница.

Иако лубениците во Германија не се тие од скопските пазари, се радувам што, откако ќе ја напишам колумнава, ќе можам да седнам повторно на балконот. И ќе го повторам ритуалот на скопските летни вечери. Една чинија студена лубеница. Цел ден ладена во фрижидерот! А додека ќе ги гледам шарените фенери што блескаат од балконите на комшиите. Додека ќе го мирисам олеандарот, крај кој зреат големите смокви на малечкото дрво, ќе знам дека Југот не е место, туку состојба на духот и животен ритуал. А, потоа, уште при првиот залак од лубеницата ќе ми долета во умот далечното брмчење на тракторот, со приколката преполна со најслатките, зрели, огромни лубеници, во дамнешните скопски лета. Тој земјоделец од селото Синѓелиќ, во летните пладниња крстареше низ улиците во населбата Ченто. Ги нудеше лубениците кои ги имаше собрано дента во полето. Притоа, тој не мораше да извика, „лубеници продавам!“ Како што постојано собирачот на старо железо извикуваше „старо купувам!“ Доволно беше да се начуе брмчењето на тракторот во стишаноста на топлото летно попладне, за да се знае дека проаѓа продавачот на лубеници. И сите да истрачаат, со паричниците в раце, на улицата! Тој обичај не говореше само за волјата на вредниот земјоделец да продаде што повеќе лубеници и дињи. Тој обичај сведочеше и за неговото чувство на заедништво, за неговата грижа за луѓето. Тој човек го обликуваше ритуалот и магијата на летото. Тој знаеше дека големите лубеници тогаш, кога сите уште одеа пешки до најблиското пазарче, беа тешки за носење. И тој им ги носеше пред врата. А тие му возвраќаа благодарно со тоа што купуваа по неколку лубеници. Потоа, барем за една од нив веднаш се правеше место во фрижидерот. За да се олади. За последниот ритуал во летната ноќ. Студена лубеница. Некогаш ја јадам дури и пред легнување.

Никој во моето детство и младост во Скопје не се плашеше од крадци во долгите горешти летни ноќи. Влезните врати остануваа отворени до доцна после полноќ. Додека не се беа прибрале и последните членови на фамилијата, излезени во центарот на градот. Бабите седеа во ноќната ладовина пред портите и со поглед полн животна мудрост ги следеа децата што до доцна играа „криенка-миженка“ низ градините. Мрзеливоста на ритамот на животот, која ја диктираше летната горештина, никаде не ја доживеав толку силно како во скопските лета во детството. Исконската сила на сонцето, на топлината како извор на животната радост, како празник на сите сетила, на сите вкусови и миризми, ја познаваат само децата. И уметниците, кои не го заборавиле првото доживување на вкусот на студената лубеница во топлото лето. Или на лимонадата од боровинка од автоматите пред Градскиот парк во Скопје, во шеесеттите и седумдесеттите. Или мирисот на слатките пуканки, со кој се мешаше мирисот на сеното што се ширеше од вагоните крај големиот шатор на циркусот, кој секое лето престојуваше неколку недели во скопскиот парк.

Тоа Скопје не е ова, во кое нема повеќе места со чудесна ладовина во сенката на многуте дрвја крај Вардар. Кога благиот ветрец ја будеше во студеноста на водата во реката ладовината на длабоките шуми на Шара, каде што ѝ беше извориштето. Денешното Скопје ја изгуби магијата, затоа што е заробено од бетон и мермер. Затоа што е огрдено со градби кои го вознемируваат окото. Скопје на моето детство и младост навистина беше мало. Тоа бездруго не сугерираше метропола. Ама тоа го прегрнуваше минувачот во својата магија на летните утра или на летните вечери, како што тоа го чинат просторите што се по мерата на човечкиот копнеж по пријатност и заштитеност во домот. Летото отсекогаш сугерира леснотија на животот. Но, ми се чини, дека ниту едно лето не е како оние кога бев дете во Скопје. Кога животот беше скромен. Кога пладнето мирисаше на пржен компир и пиперки. На лесните, летни манџи.

Само децата знаат дека така треба да се живее секој ден. Во занесот на слеаност со мигот. Летата за децата се бесконечни, затоа што им се чини дека ништо не се случува. Тие уште немаат чувство за времето. За нив секој миг е вечност. Уште ја паметам радоста кога ние децата го здогледувавме во далечината сладоледџијата. Тој најчесто се појавуваше во нашиот двор доцна попладнето. Пред себе ја туркаше количката во која во два длабоки сада од цинк имаше два вида сладолед. Од ванила и од малина. Сладоледџијата беше гласникот на летото, како што беше и бостанџијата со својот трактор. Сладоледот, кој тој самиот го правеше и го разнесуваше во соседството, за нас децата имаше небаре волшебен вкус. Уште трагам по тој прв вкус во секој сладолед од ванила и малина.

Слики: Pejac