Паника и страв од Антифа во Америка

21.07.2020 12:06
Паника и страв од Антифа во Америка

Мештаните на Коукил се собираат за да се спротивстават на антифа активистите кои наводно доаѓаат да ги нападнат

Што може да се научи од кризата што се случи во Коукил, зафрлен приморски град во Орегон? Коукил е мирна заедница од околу 3.800 жители кои, главно се дрвосечачи и речиси сите се белци. Гратчето се наоѓа километри и километри далеку од другите поголеми градови во оваа сојузна држава. Портланд е оддалечен 400 километри на север, Сан Франциско, 800 километри на југ.

Но „Фокс њуз“ е во целосно лудило околу оние што пљачкосуваат и предизвикуваат нереди, а претседателот Доналд Трамп ги предупредува граѓаните на опасноста од антифашистичкото движење познато како Антифа. Така, на почетокот на јуни, кога група жители во Коукил планирале мирен протест за „Black Lives Metter“, се прошириле гласини дека три автобуси со антифа активисти стигаат во градот и нивната намера е да го разурнат.

Шерифот и неговите заменици облекле панцири, ги подготвиле своите борни коли и зазеле позиции кои ќе им овозможат да се спротивстават на инвазијата. Речиси двесте жители некои вооружени со пушки во рацете, некои само со знамиња се собрале да го заштитат својот град ( а бидејќи побројни, лесно би ги победиле неколкумината активисти кои дојдоа да мавтаат со транспарентите на кои пишуваше „Black Lives Metter“).

„Мора да го заштитам својот град“, изјавил мештанинот Тимоти Робинет за локалниот весник „The World“. Шерифот од соседниот округ, Џон Ворд, во јавен пост на Фејсбук ги предупредил граѓаните дека антифашистите можеби ќе дојдат и во нивните краеви. „Ми беше кажано дека доаѓаат овде и дека се тепаат“, објаснил тој.

Ворд додал дека нема никаков проблем со мирни протести, впрочем еден таков протест бил одржанво градот Брукингс во Орегон, само неколку денови претходно и поминал без никакви проблеми. Но шерифот сугерирал дека би било добро граѓаните да ѝ помогнат на полицијата доколку дојде до напади од страна на Антифа.

„Без никакво сомнение, сигурен дека ќе имаме доста локални момчиња со оружје за заштита на нашите граѓани“, изјавил шерифот Ворд.

Се разбира, не се појавиле никакви полудени анархисти. Битката кај Коукли завршила и пред да почне.

Слична хистерија за наводна инвазија на припадници на Антифа се разгорува ширум Соединетите држави. Поставив прашање на Фејсбук како е можно чесен човек да западне во таква стапица и бев вчудоневиден колкумина од моите пријатели на социјалните мрежи рекоа дека слични работи се случуваат и во нивните градови.

Во местото Форкс, во државата Вашингтон, кадешто населението се претежно белци, семејство од мешани раси од Споукејн кое капмирало во близината на градот, било обвинето дека припаѓа на движењето Антифа. Локалниот весник „The Peninsula Daily News“ извести дека мештаните постапиле агресивно кон семејството – на мајката, 16-годишната ќерка и на бабата им кажале дека нема да го толерираат нивното присуство. Автобобилот на семејството го следеле четири возила на напаѓачите, некои од нив биле вооружени. Потоа ги обориле дрвјата за да спречат семејството да побегне. (Четворица ученици од средното училиште им помогнало така што со моторни пили ги исекле балваните, а замениците на шерифот ги испратиле да заминат на безбедно место).

Ова е лудило. Ова е мерката за тоа во колкави заблуди западнал јавниот дискурс, колку сме изгубиле контакт со реалноста, група вооружени мажи да може да малтретира кампери заради бојата на нивната кожа и притоа тие мажи да мислат за себе дека се херои и дека ги бранат своите заедници.

Сета оваа грозота можеби претставува и приказ преку кој гледаме на што би можела да личи претстојната зима доколку претседателот Трамп ги изгуби изборите и почне да раскажува дека се случила кражба и дека за сè виновни се имигрантите кои незаконски гласале.

Повремено сум се среќавал со масовни хистерии и во други држави. Во рурална Индонезија еднаш известував за една толпа која на луѓето им ги сечеше главите зашто наводно се занимавале со магии. Потоа главите ги носеа закачени за копјата. Но не можев да замислам дека САД можат да западнат во таков делириум.

Антифа никого не убило и претставува само маргинален дел на протестите „Black Lives Metter“. Никој од уапсените во нередите не бил поврзан со Антифа. Па сепак, во некои десничарски наративи движењето има речиси митски статус, а Трамп и „Фокс њуз“ само ја досолија наводната закана.

Во овие антифа паники се среќаваат расизмот и хистеријата и сето тоа во нација во која бројот на долгите цевки е поголем од бројот на жители. Тие се засилуваат кога претседателот лажго ја користи секоја прилика дополнително да ги потпали нашите национални поделби, во пејсаж на медиуми кои ги поттикнуваат предрасудите и ги хранат стравовите.

Некој би помислил дека ваквата хистерија би можела да биде коректив сама по себе: граѓаните ќе видат дека не се појавил никој од антифа движењето и ќе сфатат дека биле изманипулирани од луѓе што ги третираат како да се будали.

Но „NBC news“ цитираше еден од вооружените „бранители“ од гратчето Кламат Фолс во Орегон, кој прво рече дека антифа воините се на патот и доаѓаат да „ги запалат сите и да ги убијат сите белци“.

Откако не се појавил никој, еден сопственик на кафеана напишал на социјалните мрежи дека е горд што излегле толку многу вооружени луѓе и се пофалил дека антифа активистите биле спречени зашто влегле во „гнездото на стршленот“.

Извор: The New York Times