1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 08:59
Овој ДУП е особено значаен за градот, бидејќи со него се дефинира срцето и самиот центар на нашиот град, бара посебно внимание и суптилно решавање, и мора да покаже дека е производ на заедничка и стручна и јавна расправа, низ демократски, отворен, партиципативен и сеопфатен процес. Закажаната јавна анкета во време на пандемија, во сред лето, но и во политички сензитивен момент кога сите очи се вперени во резултатите од изборите не покажува исчекор од начинот на носење на планови за Општина Центар, во време на озаконување на Скопје 2014.
А СК 2014 како најпогубен но и најкриминален проект не би смееле да го озакониме и потврдиме со нов план за Мал Ринг. За Мал Ринг наследивме објекти и земјиште кои се нелегално продадени, предмет беа на процеси и обвиненија од СЈО, но и денес се постапки во судови и обвинителства, а и истражувачки лаборатории и студии. Поразително е што со предложениот план ставен на јавна расправа тие законски спорни моменти се потврдени.
Ќе ги набројам само кусо објектите за кои се отворени постапки и дискусии, но сеуште се дел од планот. Тоа се: Шпански скали, Мајка Тереза - меморијалниот објект, катната гаража во зеленилото зад Собрание и Дом на АРМ, сите споменици од СК 2014, објектите во коритото на Вардар, па дури и онаа спорна ќебапчилница пред хотел Холидеј Ин.
Која е причината да се брза со план за кој има толку многу отворени прашања и постапки?
Ова е план за Зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување на возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг под плоштадот (на 2 нивоа), зад АРМ, зад Министерство за Правда, зад Палома Бјанка, итн., со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон Центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во Центарот?
Центар, а особено потесното подрачје Мал Ринг, е зона во која, поради близината на Вардар и климатските промени, може се случат последици по безбедноста на луѓето, јавните и приватните добра. Поплавувањата во подрумските простории на МНТ, Архивот и други ги доживеавме, но решение за отстранување на галиите и другите препреки во Вардар само слушнавме, но не видовме. Во планот нема измени од реалната состојба на терен, а мерките за заштита и спасување се повторно наведени само со цитирање на законите.
И денес Центар останува економски и социјално раслоен и со изразени нееднаквости. Овој план не може да придонесе кон надминување на состојбите. Напротив, повторно овозможува концентрирање на инвестиции на мал простор, а запоставување на неразвиените населби во центарот. Економските ефекти од ваквото планирање ги живееме, но редно е да ги надминуваме.
Со предложениот план за Мал Ринг се покажува дека локалните власти и надлежните институции не ги разбираат, следат, ниту предлагаат решенијата за одржливи, зелени и отпорни градови и градови по мерка на човекот. Ова е план без визија и без показатели за тоа како сакаме да изгледа Скопје како иден и нов европски главен град. Мал Ринг бара посебно внимание и разработка за да се преобрази во склад со потребите, но и да ги надмине неопходните квалитативни и естетски недостатоци утврдени низ бројни студии и анализи.
Планот не претставува исчекор и планирање на центарот со нови вредности и потреби; тој покажува немоќ за справување со предизвиците.
Уште еднаш повикувам да се повлече предложениот ДУП и да се врати на доработка и разгледување од септември 2020.
Слики: Свирачиња