1016 hPa
57 %
24 °C
Скопје - Саб, 07.09.2024 21:59
Гневот, божице, спеј го на Ахила, синот Пелејев,
пустиот гнев што им задал н' Ахајците безбројни бољки
силни во ад испраќајќи многубројни јуначки души,
нихните трупови пак правејќи ги плен на псите
и на јастребите сите; по волјата Ѕевсова било
да се раскараат прво и раздељат двајцата мажи:
синот Атрејев, јуначкиот цар, и божескиот Ахил.
Кој ли од бозите ниф ги натерал, кавга да кренат?
Синот на Ѕевс и Летоја. Се наљутил овој на царот:
лоша на војска болест ѝ отпуштил; гинеле љуѓе,
дек' Агамемнон Атрејев го навредил жрецот Хриса.
Тога до брзите бродој н' Ахајците овој се добрал,
за да со неброен откуп ја откине својата ќерка,
венци држејќи в раце на далекуметец Аполон
горе над златниот жезол, Ахајците сите молејќи,
најмногу двајцата синој н'Атреј, војсководците главни:
„Синој н' Атреја и други о Ахајци објалоносци,
нека ви дадат богојте, на вишниот Олимп што седат,
градот на Пријам да падне и стигнете дома ви здраво,
мене пак милото чедо да пуштите откуп земајќи
далекуметец Аполон честејќи го, синот Ѕевсов."
Тогаш Ахајците гласно удобриле другите сите;
да го почитаат жрецот и скапиот откуп го примат,
сал Агамемнон Атрејев не одобрил в своето срце,
туку го испадил лошо и продумал душманска дума:
„Да не сум те нашол веќе кај витиве кораби, старче,
нито да сега се бавиш ни подоцна пак да ми дојдеш,
зашто ни жезолот богов ни венците не те спасуваат;
неа не ја пуштам јас пред да старост дочека таја,
далек' од родната земја, во Арг, во нашата куќа,
везден на разбој ткаејќи и в постеља мене чекајќи.
Туку не дразни ме, оди! да останеш жив, ако сакаш".
Вака му рекол, а старецот исплашен зборот го почул.
Пошол молчејќи крај брегот на морето бурно и бучно;
потоа старецот скраја си отишол да му се моли
многу на царот Апόлон, Летό што го родила лична:
„Ој, сребренолаки боже, послушај ме ти што ја штитиш
Хриса и пресвета Кила и царуваш в островот Тенед.
Зминтијче, ак’ сум ти кренал јас некогаш пресвета храма
или пак бутови масни сум т’испекол еднаш јас тебе,
јунечки или од кози, исполни ја желбава моја:
Да ми Данајците платат за солзиве с’ твоите стрели!“
Така се помолил тој, а Фојб Апόлон го почул
и низ олимписките врхој со срдито срце си слегол
на рамо лакој држејќи и затворен тулец од сегде.
...
Хомер, Илијада. Препев од старогрчки јазик Михаил Д. Петрушевски. Детска радост, Скопје, 1995, стр. 27-28.
Илустрација: Алис и Мартин Прувенсен
Извор: ΑΡΓΩ