По четири наслови препорачуваат ... (3)

23.07.2020 12:07
По 4 наслови препорачуваат ... (3)

 4 наслови препорачува...

…Никола Џилвиџиев (писател, правник)

Филм: „Feherlofia“, Марцел Јанкович
- Претставувањето на сказната низ анимиран филм не е нова или оригинална појава. Меѓутоа, во овој унгарски филм од 1981 година, за прв пат гледаме колаж на јуначки епови претставени во вонредно визуелен наратив, спојувајќи ја безграничноста на фантазијата со моралната чистина на јуначката аристеја. Еден од ретките анимирани филмови кои можат да се наречат вистински експериментални, притоа освежувачко е отсуството на претенциозност, усилени хипстераи и недоквакани обиди за инвокација на повозвишени дела.

Книга: „На планините на лудилото“, Х. П. Лавкрафт
- Новела и најдолгото пишано дело на Х. П. Лавкрафт, опишувајќи ја несреќната експедиција на група геолози кои наоѓаат изгубена цивилизација на антарктичкиот континент; Црпејќи енергија од сега веќе заборавеното време на авантура кога Антарктикот повикувал со својата мистериозност, се одликува со вонредна визуелност, успешно доловувајќи го не само призорот, туку дури и температурата, текстурата и миризбите кои го исполнуваат наративот. Ремек-дело на pulp-литературата, зародиш на научно-фантастичниот жанр кој се фаќа во костец со падот на цивилизацијата, под несомнено влијание токму на Освалд Шпенглер, историчарот чијашто мисла стои зад предвидувањето и следењето на колапсот на западната цивилизација;

Плоча: „Joe’s Garage“, Френк Запа
- Концепт-албум со совршен баланс на проверено и на експериментално, опишувајќи го патешествието на Џо, неразбраниот и несуден музичар од гаражен бенд што ќе пропадне во лошо друштво, ќе се оддаде на секс, дрога и рокенрол, а подоцна на верски фанатизам и џаболебарство. Проверено добра музика за возење, ебење и компир љупење;

Ликовно дело: „Св. Михаил ја убива ламјата“, Даниел Мицуи
- Jапонска католичка репрезентација;

4 (+1) наслова препорачува…

…Жаклина Глигориевска-Кочоска (сликарка и професорка)

Филм: „The Square“, Рубен Остлунд
- Овој филм ме воодушеви како уметник, но и како човек, бидејќи го живеам веќе долго време целиот овој хаос на професионален план, но и во животот постојано се среќавам со ситуации во кои лажните авторитети во својата нарцисоидност забораваат на одговорноста (општествена и лична,човечка) не водејќи сметка за последиците што ги предизвикуваат. Филмот „Квадратот“ е сатирична драма, која на интелигентен и промислен начин ја обработува темата за општествената одговорност, лажниот морал, лицемерието и нарцисоидноста на добростоечките интелектуалци. Тоа режисерот во филмот го прави онака патем, бидејќи самата бит и суштинската функција во филмот е претставувањето на уметноста како филтер и на (бе)смисленоста на полемиките и на полемизирањето во современата уметност. Една од работите во филмот се неоспорно хаотичноста и сцените кои се нижат без наизглед никаков ред и јасна наративна структура, но тој хаос е само привид кој всушност запрепастува со впечатокот што режисерот во ниту еден момент не остава впечаток дека не знае што прави или дека се губи во мноштвото на сопствените креативни идеи. Напротив, спротивно на тоа тој со сигурност го води својот главен лик Кристијан (почитуван куратор во музејот на современа уметност) низ турбулентен животен период. Филмот „Квадратот“ посебно се истакнува со тоа што ја обработува концептуалноста и нејзината проблематика, а и самиот успева да биде концептуален. Филмот изобилува со интелигентен хумор во прикажувањето на ситуациите кои ја чинат основата и темелот на сите модерни општества.

Плоча (x2): „Unknown Pleasures“, Joy Division
- Не е карактеристичен панк албум од тоа време. Тој поседува свој сопствен стил и атмосфера и не е можно да се квалификува во ниеден дотогаш создаден музички правец. Текстовите будат повик на побуна, но не и социјален бунт. Албумот е потполна потрага за ВИСТИНАТА, тежнение за будење на човекот од сон, но за она вистинското, внатрешно будење. Ова е албум кој нема ниедна песна со социјална тематика, иако е настанат во сиромашно работничко предградие. Со длабока тага и меланхолија во последната песна Јан Кертис пее дека предолго едни на други сме странци. Предупредува на раздор но не меѓу класите и нациите или идеологијата, туку меѓу раздорот меѓу поединците. Длабоко го потресува отуѓеноста меѓу луѓето, која со децении по неговата смрт е сѐ посилна.

„Closer“,  Joy Division
- Овој албум е пат да се зачекори кон внатре. Ова е мрачен и меланхоличен албум, кој за разлика од првиот, овде веќе нема повик за будење, тој е слика на поразениот свет и на поразениот човек во него, слика на: очај, празнина и немоќ. Овој албум е крик на оние кои чукале на вратата од најмрачните одаи на пеколот. Тој веќе не е потрага за Вистината, но е крик за Вистината да не ослободи. Тој е слика на човек кого светот го дотерал до крајни граници на издржливост. Разочараноста на Кертис во устројството на светот во кој живеел, потиснат од неразбирањето во песната „Colony“ очајнички повикува дека „Бог во својата мудрост е единствениот кој може да го разбере“. Најголемата болка за него била бесчуствителноста, која светот тогаш ја започнал, а денес успеал да нѐ убеди дека е срамота за разумниот човек да љуби, да плаче, да страда, да верува… Јан Кертис бил своевиден пример на модерен маченик. Не бил мачен физички, ниту затворан, каменуван, изгладнуван, но неговите маки биле многу потешки. Душевната болка која е појака од физичката се чуствува во музиката на Joy Division. Јан Кертис во животот оставил доста грешки како човек и погрешни одлуки, но за возврат тој на себе за товар го ставил страдањето на целиот свет. Ова е мојот музички избор, бидејќи музиката за моето уметничко делување е секогаш во согласност со идеите и со содржините на моите дела, па така при создавањето на моите последни дела оваа музика одигра улога во мојот творечки чин,како ликовен уметник.

Книга: „Парфем", Патрик Зискинд.
- Се одлучив  изборот да биде оваа книга, која иако ја имам прочитано пред 15 години во меморијата ми е останато она горчливо чуство за талентот, кој кога не се користи за добробит и не бира средства за да се реализира може да премине во лудило, како што се случува и во приказната за главниот лик Жан-Батист Гренуј, помошник на произведувач на парфеми во XVIII век во Франција, самиот роден без никаков мирис, кој почнува да убива девојки, трагајќи по совршен мирис. Романот е прказна за: идентитетот, комуникацијата и моралноста на човечкиот дух.

Ликовно дело: „Како на мртвиот зајак да му ја објасниме сликата", Јозеф Бојс
- Јозеф Бојс (1921-1986) е еден од првите концептуални уметници во Европа и веројатно е најзначајниот германски уметник од XX век. Тој бил скулптор, графичар, теоретичар на уметност и професор на Kunstakademie во Дизелдорф. Основата на неговото креативно творештво можеме да го ставиме во рамките на: скулптурата, цртежот, инсталациите и перформансот, но и на: теоријата на уметноста и педагогијата. Бојс на уметноста гледал како на нешто што морал да го поврзе со животот и со својата индивидуалност, но не само со својата, туку и со индивидуалноста на целото човештво. А, тоа исто човештво со својата „вклучена рационалност“ Бојс вели дека се обидува да ја исклучи емоцијата-главниот извор на енергија и на креативност во секоја индивидуа. За него креативноста претставува слободна научна дисциплина. Тој вели „Секое човечко суштество е уметник, кој од сопствена позиција на слобода, позиција што ја искусува од прва рака, учи да ги определи, да ги детерминира другите позиции на ЦЕЛОСНО УМЕТНИЧКО ДЕЛО НА ИДНИОТ ОПШТЕСТВЕН ПОРЕДОК.“ Еден од најпознатите перформанси на Јозеф Бојс е „Како на мртвиот зајак да му ја објасниме сликата“ одржан во „Galerie Schmela“: ја симнува неговата шапка (шапка-штит), се премачкува со мед, се облепува со златни ливчиња на себе, а на едната нога закачува железна плочка, а на другата парче филц и почнува тивко да му шепоти на зајакот на уво. Ова укажува на неговиот обид да укаже на: уметноста како рехабилитација и како спас, моќта на уметноста да лечи духовен немир и да менува. Во вид треба да ја имаме и ситуацијата во повоена Германија во која се влечат повеќе демони од минатото-како што Бојс ја влече железната плочка. Објаснувајќи му ја уметноста на зајакот (кој се разбира дека не слуша) истовремено се мачка со мед (буквално се капе во исцелувачки мед) и конечно кога се чуствува доволно сигурен ја симнува шапката-штит.Со тоа тој ја пренесува пораката дека е полесно да му се објасни уметноста на мртвиот зајак, бидејќи тој има повеќе интуиција отколку луѓето со својата рационалност. Како ликовен уметник сметам дека уметноста не е доволно да ја носи во себе само естетиката (гола естетика), туку таа мора да ги менува луѓето, а бидејќи 25 години работам и педагошка работа се одлучив Јозеф Бојс да биде мојот избор за ликовен автор.

По четири наслови препорачуваат... (2)


Извор:
Cultur Shock

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото