„Прогресивниот капитализам“ е неостварлив

24.07.2020 00:42
„Прогресивниот капитализам“ е неостварлив

Рецензија на книгата на Џозеф Стиглиц People, Power and Profits: Progressive Capitalism for an Age of Discontent (W.W. Norton & Company: 2019).

Посветеноста на Џозеф Стиглиц кон „прогресивниот капитализам“ потсетува на одговорот на Ганди за концептот на Западната цивилизација: „Тоа би била многу добра идеја.“

Кога прогресивниот капитализам би бил во доменот на можното, можеби би можел да биде добра идеја. Економистот нобеловец ламентира за политичката моќ која ги корумпира пазарите и генерира нееднаквост, што дополнително ја поттикнува употребата на политичката моќ со цел понатамошно намалување на конкуренцијата, во негативна повратна спрега. Не ја разгледува можноста дека таквата состојба во капитализмот е иреверзибилна. Книгата е полна со надеж.

Стиглиц е гигант на полето на микроекономијата, гранка од дисциплината која се занимава со однесувањето на поединците, фирмите и владите (за разлика од макроекономијата, која се занимава со големи економски агрегати: бројот на вработени, националниот приход, инвестициите итн.). Микро/макро дихотомијата зрачеше во дебатите помеѓу авторите кои се наоѓаат лево од центарот, при што „микро“ таборот често се фокусира на „рентиерството“, до кое доаѓа заради дисторзии на хипотетички идеалните, компетитивни пазари. Истакнати примери се Дин Бејкер и Мет Столер.

Стиглиц го разликува благотворното „создавање богатство“ од предаторската „екстракција на богатството“. За него економската рента е корен на експлоатацијата. Во економската теорија од средната струја, рентата е поврат кој го добиваат продавачите и покрај нивото на профит кое е потребно за да им го одржи работењето (таканаречен, нормален профит). Продавачите добиваат рента на оној пазар на кој постојат само неколку добавувачи или само еден монополист, или таму каде продавачите имаат други видови пазарна моќ. Тоа исто така се однесува на пазарите на кои доминира еден или само неколку купувачи, купувачи на работна сила, односно работодавачи.

Ваквиот пристап би требало да вознемири многумина од левицата. Идејата за пазарните „дисторзии“ претпоставува претходно постоечки, недопрен, ненарушен пазар, за чие постоење може да се изнесат одредени дилеми. Рентиерската рамка укажува на реформи насочени кон поттикнување на конкуренцијата меѓу фирмите, во тенденцијата кон таквиот недопрен, но проблематичен идеал. За разлика од наведеното, кај Маркс експлоатацијата е инхерентна на пазарите (според конвенционалните стандарди) кои функционираат совршено. Наемната работа сама по себе е експлоатација.

Значи, првиот недостаток на пристапот на Стиглиц, како и економиите од средната струја генерално, се согледува во поставувањето на компетитивниот пазарен модел како примарна референтна точка - иако, иронично, никој подобро од Стиглиц не ги демонстрираше недостатоците на тој модел со оглед на неговите поставки. Вториот клучен недостаток е оној за потпирањето на решенија кои се темелат на антитрустовски политики односно на просветена регулација, наместо на општествена сопственост и надзор. Затоа не изненадува тоа што оваа книга е насочена кон социјалдемократска реформа, а не социјалистичка трансформација.

Меѓутоа, нефункционирањето на пазарите, како доминација на монополите, би требало да го отвори прашањето за општествената сопственост - ништо помалку од мерките насочени на одржување на конкуренцијата, како што се регулацијата или разбивањето на монополите во помалите фирми. Во таа смисла Фејсбук е важен пример. Иако одвојувањето на некои негови поедини афилијации, како што се Инстаграм и WhatsApp, би можело да биде корисно, разбивањето на Фејсбук би ја нарушило неговата темелна вредност како сеопфатна мрежа. Далеку поплаузибилно решение е неговото поопштествување, отстранување на огласувачите и злонамерните корисници и заштита на податоците со кои располага од приватната експлоатација.

Истовремено, социјалистите мора да разберат дека и општествената сопственост може да биде подложна на истите предности и недостатоци како и на регулација на приватните претпријатија. Од една страна, приватното претпријатие во поглед на одредувањето на цените, прифатливите стапки на поврат и други практики може да се подложи на строга регулација, за што очигледен пример се јавните комунални услуги.

Меѓутоа, добро е познато дека регулацијата на деловните фирми е подложна на „заробување“ од сопствените акционери. Значи, регулацијата може да се покаже како блага и неадекватна.

Од друга страна, јавното претпријатие може да биде подложно на слични притисоци. Релевантни примери се таканаречените државно-спонзорирани претпријатија (government-sponsored enterprises – GSE) финансирани со приватен капитал - но и поштенската служба на САД (US Postal Service – USPS). Ограничувањата кои ѝ се наметнати на поштенската служба на САД се осмислени за да им се даде предност на превозничките фирми во приватна сопственст (ни работењето во оваа служба не е најидеално; прашајте кој било член на поштенскиот синдикат). Јавните претпријатија се подложни на политичко влијание кое не е нужно конструктивно. Потребна е повнимателна анализа на специфичните пазари за да се дојде до некакви проценки за релативните предности на овие два пристапи.

Сето наведено вмешување во регулацијата, односно во општествената сопственост укажува дека спроведувањето на социјалдемократските политики во светот во кој сѐ уште се развива приватниот капитал, бара многу. Поддржувачите на политиките кои ги одржуваат конкурентните односи имаат обврска да стават поголем акцент на алтернативите кои се темелат на општествената сопственост. Со тоа кореспондира и задачата на заговарачите на општествеата сопственост да се занимаваат со проблемите за зачувување на јавниот интерес во формално јавните претпријатија во капитализмот.

Покрај тоа, макрополитиката е слободна за интерпретација. Слабеењето на пазарот на трудот заради неадекватна агрегатна потрошувачка - размер во кој работниците и работничките кои се способни и сакаат да работат не успеваат да најдат работа - главно се игнорира, иако слабата побарувачка за работна сила ја зголемува нееднаквоста, која е централна тема на книгата. Читателите исто така нема да пронајдат ни позитивен ни негативен спомен на модерната монетарна теорија.

Постојат најави за поддршка на панацеите за намалување на дефицитите, особено во заклучните поглавја. На едно место се инвоцира „избалансиран мултипликатор на буџети“ (теорија според која еднаквиот пораст на даноците и потрошувачката го приближува нивото на БДП до полна вработеност). На друго место дефицитите кои произлегуваат од даночните олеснувања на Трамп се нарекуваат „шеќерен шут“, а резултираат со зголемување на долгот со редукција на благосостојбата на идните генерации. Од аспект на еволуцијата на кејнзијанската економија, овие напомени не изгледаат добро.

Стиглиц недвосмислено промовира многу поширок јавен сектор. Сака повеќе јавни инвестиции (особено во истражување и развој), јавни вработувања и образование, но најчесто, ако не и сосема, врз основа на пропорционално воспоставен систем за прогресивно оданочување.

Со други зборови, претпоставка е дека порастот на јавната потрошувачка ќе бара „некој тоа да го плати“. Зелениот New Deal ќе треба да се плати целосно. Во тој поглед Стиглиц во ставовите се совпаѓа со Џефри Сакс, кој стана економски советник на Берни Сандерс.

Книгата се занимава со социјалдемократската економија и во таа смисла може да послужи како одличен водич во низа прашања кои се однесуваат на нееднаквоста и политичката корупција, во контекст на микроекономска анализа на пазарните неуспеси. Таа е водич преку реформа. За оние со ограничено знаење за предметот, книгата е исклучително корисен и исцрпен преглед. Читателките и читателите со малку повеќе искуство нема да пронајдат премногу во неа а претходно да не слушнале за тоа, иако ќе биде корисна заради својата опсежна документација: белешките претставуваат приближно 30 проценти од вкупниот број на страници.

Се препознава потенцијалот на јавните опции кои обезбедуваат конкуренција на приватните извори на добра и услуги, вклучувајќи некои во полето на студентските кредити и хипотеки кои се интересни, но размерот на предлозите е ограничен, а вниманието што им се посветува е минимално. Во ист контекст се споменуваат активни мерки за пазарот на труд, индустриската политика, кооперативните и непрофитните организации, иако не премногу афирмативно.

Секогаш има место за разработка на достапни, прагматични цели. Ако ви е доволно, Стиглиц е подеднакво добар водич како и кој било друг. Не сакам да ја занемарам корисноста на ваквиот материјал за секојдневно дејствување и заговарање прогресивни политики.

Меѓутоа, едно навистина ново економско размислување би се обидело да ги зголеми предлозите кои доаѓаат од кампањата на Берни Сандерс. Наместо јавни додатоци за предаторските фирми од приватниот сектор, би требало да разгледаме како истите да ги замениме. Наместо влијанието на приватниот капитал, сакаме да влијаеме на инхерентните својства на јавниот сектор, како моќта за оданочување и произведувањето пари. Наместо фокусирање на децентрализираните пазари кои функционираат совршено, треба да се посвети повеќе внимание на перспективата за одржливо економско планирање.

Во политички поглед, би требало да ја надминеме либералната идеја (која ја промовираше Џон Кенет Галбрајт, а сега ја презема Стиглиц) за заговарање „компензациска моќ“ vis-à-vis капиталистичкото функционирање. Би требало да посветиме повеќе внимание на потенцијалната сеопфатна моќ: без богови, без господари.

Утопиското размислување исто така може да биде корисно.

Макс Б. Савицки е економист и писател од Вирџинија. Беше вработен во Државната канцеларија за одговорност (Government Accountability Office) и во Институтот за економски политики (Economic Policy Institute).

Слики: Viktor Safonkin

Извор: https://jacobinmag.com

ОкоБоли главаВицФото