Француски сирења

24.07.2020 23:39
Француски сирења

Она што особено ги издвојува француските сирења од сите други во познатата вселена е токму нивната непрегледна разновидност и несведливост на прецизен поим, евокативност која сигурно ги преминува тие граници и се доближува до општите антрополошки поими.

Експлоатоаторите на широките кравји, козји и овчи маси и нивниот труд, никаде не покажале толкава имагинативност, крајниот производ да го перат во пиво, вино или во коњак, да го прпелкаат во пепел, да го виткаат во слама, папрат, рузмарин и оригано, лозов лист, или листови од костен, даб или смоква, да ги изложуваат во пештери, подруми, тавани, да ги ставаат во калапи и, конечно да ги препуштаат на најразлични микроорганизми. Изгледа дека античката традиција на разновидноста на сирењата навистина била толку многу силна кај Галите и дека во извесен облик е зачувана до денес. Можеме да сметаме дека претпоставката за идентификација на едно славно античко сирење со рокфорот е претерување, но извесно е дека во западниот Медитеран, за разлика од источниот, производството на изобилство сирења не прекинало и дека култот кон сирењето не само што се зачувал, туку и добил значителни облици на социјална и национална афирмација.

Имено, сирењата се многу важен дел на француската национална конструкција, или, да се послужиме со терминот од актуелниот жаргон, инвенција. Сирењата претставуваат важно политичко прашање, кое, како поранешна Југославија однадвор, може одвнатре да го нагризе нежното ткиво на Европската заедница. Заедничките прописи за прехрамбените производи на ЕУ, засновани главно врз правилата кои – о, кој друг ако не тој! – ги поставил Французот Пастер и предвидуваат хигиенска употреба на исклучиво пастеризирано млеко при правењето сирење и така, практично тие правила промовираат произведување на индустриски сирења; целата разновидност и посебност на француските сирења се заснова врз употребата на непастеризирано млеко. А да не зборуваме за микроорганизмите.

Измислиците како што се бурсените или лажните камамбери, германските досетки со дополнително уфрлање (веројатно стерилизирани) габички за се добие монструозен мутант помеѓу меко сирење и рокфор, италијанските сирења со додадена пластика, фантомските појави на поинакви сирења во сиромашните држави и стравотиите на топеното сирење – немаат никаква сличност со француските сирења, кои не можат да се изнесат од земјата, како што не може да се изнесе ни Ајфеловата кула (таа, вистина, само заради технички причини, а сирењата повеќе заради метафизички). Имено, сирењата се смрдливи.

Да се навикнеш на смрдеата на сирењата значи гастрономски да созрееш. Иницијацијата е слична на голтањето на првата жива острига, но е подискретна и морално многу поприфатлива затоа што теоретски може да сретнете жива коза или крава која љубезно ве снабдила со рајското уживање. Сирењата смрдат на живи суштества, на животни и луѓе. Нивната „телесност“ е засилена со сочните имиња. Макар што доста сирења првпат биле направено во манастирите (идеална храна при опсада и изгладнет народ), тие имиња се речиси еднакво врзани за имињата на светците, колку и за името, поточно занимањето на ѓаволот. Во истата чинија можат да се најдат благото сирење кое потсетува на Св. Нектариј и сирењето што го носи името на крајниот производ на ѓаволот (не е „грев“, ама почнува со истата буква). Во Франција има околу 500 регистрирани сирења. Од оние за кои признаваат дека ги украле од Холанѓаните (мимолет, обоен со портокал), преку љубоморно чуваните домашни, па до некои кои сосема неправедно се прогласени за најсмрдливи – корзиканските сирења.

Идејно-политичкиот аспект на француското сирење е јасен: сирењето е последната брана пред европската стандардизација и во таа смисла, сирењето е национално. Како материјален симбол на нешто национално, сирењето ја навестува националистичката смрдеа и делува како предмет на култ: изедете го сирењето и сте го изеле својот национализам.

А дека сирењето може да биде симболичка жртва, кај нас, можеби во недостиг на француски сирења, навестува и изразениот недостаток на калциум во некои од националистичките фантазми – особено оние со коските. Колку калциум и љубов му недостасува на предлагачот на споменик, кој во стакло и бетон, би ги изложил сите српски коски на некое повисоко место во Белград и околината! Можеби навистина веќе нема време ни можност за спасоносен увоз на француски сирења и спречување на најлошото. А кога тоа веќе ќе се случи, кога коските споменично, па и пошироко ќе се прошират и уште некоја деценија подоцна, можеби по манастирите и задскриените долини, каде се сокриле од феудалното насилство, осамени и уплашени траписти (католички монашки ред настанат во манастирот La Trappe, Франција, заб. прев.) повторно ќе почнат да прават сирење, храна за опсади и уживање; на пример во Босна.

Извор: Vreme

 

 

 

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Графички Дизајн / Живот / Теорија
Живот / Уживање
Општество / Gif / Историја
Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото