Како отпадот го обликува светот во кој живееме?

26.07.2020 23:44
Како отпадот го обликува светот во кој живееме?

Тековната година досега не беше особено наклонета. Почна мошне интензивно, со политички превирања, продолжи со еколошка катастрофа во форма на пожари и поплави, добивме и пандемија, а во тек се и масовни протести под закрила на движењето Black Lives Matter. Дали 2020 се обидува да ни пренесе некоја порака и поука и за каква лекција се работи? Дали има поврзаност меѓу претходно наведените ставки? Каква врска има моето ѓубре со твојата боја на кожата, и обратно? И, пред да продолжите со читање, колку пати сте слушнале за изразот environmental racism?

Оваа синтагма се појави 1982 година, а нејзин творец е Бенџамин Чавис, борец за човекови права кој во младоста му беше асистент на Мартин Лутер Кинг помладиот. Во 1986 година спроведе и објави истражување со кое укажа на блиската врска помеѓу расите и локациите на токсичните депонии ширум САД.

Климатско-еколошкиот расизам опфаќа многу нешта, од одземањето земјиште на етничките малцинства, преку загадувањето на тлото и водата во нивните домови, градењето фабрики, реактори и нафтоводи во нивните соседства, па сѐ до тестирањето оружја на нивна територија и истребување на ендемските животински видови. Иако терминот се појави во САД, далеку од тоа дека овој проблем не е присутен ширум светот; речиси во секое опкружување може да се најде пример за ваков вид дискриминација, која, пошироко гледано, престанува стриктно да биде поврзана со бојата на кожата.

Во САД во врска со овој проблем и статистички гледано најзагрозена е популацијата која му припаѓа на афроамериканското и латиноамериканското малцинство, и индијанското население, зависно од тоа за кој регион станува збор. Наведените групи почесто се погодени од сиромаштијата, па населуваат региони каде цената на земјиштето е пониска во однос на другите, таканаречени попожелни региони. Со градењето индустриски зони на релативно евтино тло, вредноста на тоа земјиште дополнително опаѓа како што расте загадувањето и во случај да биде откупено од страна на фабриките или власта, компензацијата често не е доволна за преселба на загрозеното население. Од друга страна, некогаш немаштијата е толкава што заедницата одлучува дека економското изобилство е вредно за здравствениот ризик и останува во загадените региони. Покрај расата и економскиот статус, важен елемент кај овој проблем е и неинформираноста и дезинформираноста, како и неможноста граѓаните да учествуваат во донесувањето одлуки и закони кои директно се однесуваат на нив. Со заострување на законите поврзани со зачувувањето на животната средина, компаниите од развиените земји се селат во земји (често на глобалниот југ) каде законите се помалку стриктни или уште полошо, ги нема.

Еден од начините на кој белите доселеници го потиснувале индијанското население во резервати во текот на 19 век било масовното истребување на бизоните (од кои племињата, меѓу другото, изработувале облека и оружје) во таа мера што тоа сериозно го загрозило дотогашниот начин на живот на староседелците. Сто до сто и педесет години подоцна, имаме бројни примери на загрозување на здравјето на локалното население, а еден таков пример е Долината на канцерот, подрачје долго 137 километри по должина на реката Мисисипи во Луизијана кое претежно е населено со црнечка популација, каде стапката на заболување од рак е повисока од остатокот од државата, а е последица на работата на многубројните фабрики кои се сместени во близина.

На ваква и слични практики на однесување не „остана имуна“ ни Европа. Така во 2017 година во Холандија постоеше кампања против извоз на загаден дизел од Амстердам и Ротердам во африканските земји. Овој дизел содржеше 100 пати повеќе сулфур отколку што дозволува европскиот закон.

Примерот кој на овој дел од континентот можеби ни е најблизок секако се условите во кои живее ромската популација.

Каква улога има рециклирањето во оваа приказна?

Со „процветот“ на електрониката дојде и до потреба од складирање на електронскиот отпад. Најголем дел од овој отпад завршува во Југоисточна Азија и Кина, каде има многу евтина работна сила, додека законите кои се однесуваат на складирањето отпад се мошне лабави. Градот Гуију во провинцијата Гуандонг во Кина до неодамна ја носеше титулата престолнина за рециклирање електронски отпад кој се натрупуваше на бреговите на реката и во населбата. Примероците од реката Лианлијанг, земени 2001 година, покажаа исклучителна загаденост и покрај тоа водата и натаму се користеше за пиење. Неодамнешните извештаи укажуваат дека дури 80 проценти од децата од ова подрачје страдаат од хронично труење со олово.

Ваквите и слични практики не останаа поштедени ни во други делови во светот. На многумина им е познат случајот со коралниот гребен Бикини Атол на кој се спроведени тестирања со нуклеарно оружје во периодот помеѓу 1946 и 1958 година. САД на оваа локација детонираа дури 23 бомби. Иако на евакуираното население му беше кажано дека ќе може да се врати после тестирањето, островот сѐ уште е загаден и небезбеден за живот. Инаку, Атол е прогласен за светско културно наследство под заштита на УНЕСКО и служи како своевиден споменик (и опомена) за разорните потфати од Студената војна.

Има многу примери кои ни покажуваат дека еколошкиот расизам функционира во пракса, а тоа што некои други не се наведени никако не значи дека се помалку важни. Со овој текст само загребавме по површината. Темата е речиси неисцрпна и секоја ваква приказна претставува лекција за себе. За почеток, она што можеме да го направиме во врска со овој проблем, секако е да се едуцираме. Јас секако планирам да продолжам да истражувам, а вас ве повикувам да ми се придружите во тој потфат,

 

Слики: Joel Daniel Phillips

Извор: http://plezirmagazin.net

ОкоБоли главаВицФото